Марта Кос: Македонија спроведе 56 отсто од предвидените реформи и ќе добие 71 милион евра

Македонија ќе добие одвај нешто повеќе од половина од предвидените средства од ЕУ – 54 отсто, додека најдобра во искористувањето на еврoпските пари е Црна Гора со 94 отсто.
Марта Кос: Македонија спроведе 56 отсто од предвидените реформи и ќе добие 71 милион евра
Марта Кос: Македонија спроведе 56 отсто од предвидените реформи и ќе добие 71 милион евра
  • Планот за раст, кој е во свoјата четврта година од реализација,  предвидува исплата на средства според спроведените реформи и постигнатите резултати
  • Македонија ќе добие дополнителни 10%
  • Овој начин на европска поддршка завршува наскоро со изминувањето на четвртата година на Планот за раст

На самитот за Планот за раст, што се одржува во главниот град на Албанија, Тирана, еврокомесарката за проширување, Марта Кос направи преглед на достигнувањата на земјите од Западен Балкан со генерална оценка дека три земји постигнаа добар напредок во реформите, додека три други не ги искористија целосно понудените можности. Планот за раст, кој е во свoјата четврта година од реализација,  предвидува исплата на средства според спроведените реформи и постигнатите резултати. Македонија ќе добие одвај нешто повеќе од половина од предвидените средства од ЕУ – 54 отсто, додека најдобра во искористувањето на европските пари е Црна Гора со 94 отсто.

Слушајте радио во живо

-Овој План за раст е осмислен за да поддржи важни реформи кои носат придобивки за вашите граѓани и економии – како што веќе спомнавте – и, се разбира, да ви помогне да се подготвите за членство во ЕУ. Црна Гора спроведе 94 отсто од предвидените реформи – што претставува импресивен резултат – и ќе добие 81 милион во следната рунда на исплати. Албанија спроведе 80 отсто од предвидените реформи и ќе добие 85,6 милиони. Ова е четвртата исплата. Северна Македонија спроведе 56 отсто од предвидените реформи и ќе добие 71 милион. Овој план за раст отсекогаш бил замислен така што ќе ги наградува резултатите, рече Кос.

Уште на темата:

Земјите членки да престанат да се преправаат дека го сакаат проширувањето, а некои од земјите кандидатки дека се реформираат – порака од ЕУ форумот

При тоа, како што објасни, парите што нема да бидат искористени, пред се’ тие што беа наменети за Србија, кон која уште во јануари престанаа исплатите, ќе бидат прераспределени на оние што покажуваат подобри резултати.

-Црна Гора и Албанија ќе добијат по 15% повеќе средства од планот за раст. Процесот е веќе започнат, па исплатите ќе се реализираат следната година; Македонија, пак, ќе добие дополнителни 10%, изјави Кос.

Овој начин на европска поддршка завршува наскоро со изминувањето на четвртата година на Планот за раст. По ова, Европската унија воведува нови правила на постепена интеграција. Нема загарантирани средства, додека како што што напредуваат земјите со реформи и се усогласува со правилата на ЕУ, се отвораат поголеми делови од европските единствен пазар за економиите на земјите до Западен Балкан, вклучително и во областите на енергетиката и транспортот, како и  дигиталните технологии.

Прочитајте и за ова:

Новите членки на ЕУ ќе добијат 15-годишен пробен период со „анти-Орбан“ заштита – прва би била Црна Гора

-Западен Балкан може да има корист од новите транспортни врски што ги градиме низ нашиот континент. Многу од новите европски трговски патишта минуваа низ Западен  Балкан, како на пример Коридорот 8, кој го поврзува јадранскиот брег кај Драч, преку Северна Македонија и Бугарија, со Црното Море. Овој коридор го гледаме како дел од поширока мрежа на железнички и патни врски што ја поврзуваат Централна Европа и Западен Балкан, со натамошни врски кон Јужен Кавказ и Централна Азија. Ова е еден од клучните приоритети на Европската унија, при што имаме намера посилно да ги вклучиме врските на Западен Балкан во оваа поширока агенда за поврзување, како што ја нарекуваме, додаде Кос.

Прочитајте:

Што му одговори Марта Кос на новинар кој ѝ рече: „Не гледам дека им помагате на Македонија и Бугарија да ги решат прашањата“?

Еврокомесарката се осврна и на вчера одржаната инвестициска конференција на ЕУ за Западен Балкан, каде како што рече имало голем интерес од страна на европски инвеститори за можностите на Западен Балкан, а тие можат да понудат подобар пристап до единствениот пазар, како и зголемено финансирање од ЕУ.

-Искуството покажува дека колку повеќе една земја-кандидат се приближува кон пристапување во ЕУ, толку поголем е интересот на странските инвеститори да вложуваат во земјите-кандидати. А тоа е добро, рече Кос.

На Самитот на лидерите од Западен Балкан учествуваат претставници од ЕУ и од земјите од Западен Балкан. Македонија ја претставува првиот заменик-премиер, Беким Сали. На Самитот се и премиерот на Косово, Албин Курти; заменик-претседателот на Народното собрание на Србија, Адем Мавриќ; заменик-министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Јосип Бркиќ; како и заменик-премиерот за надворешни и европски прашања на Црна Гора, Филип Ивановиќ.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ