Поранешниот македонски пливач и еден од најпознатите спортски имиња од Охрид, Александар Маленко, е гостин во денешното издание на емисијата „Стадион“, насловено „Животот пишува романи“.
Маленко е име добро познато на македонската спортска јавност. Роден е на 20 јануари 1979 година во Охрид, а уште како млад се наметна како еден од најуспешните македонски пливачи. Во својата спортска кариера постави 38 републички рекорди на кратки патеки, а особено се истакна на европските младински првенства. Во 1995 година освои сребрен медал на 200 метри делфин во Женева, додека една година подоцна во Копенхаген се закити со златен медал во истата дисциплина, како и со две сребрени одличја. Настапуваше и на Светското првенство и на Олимписките игри во 1996 година, а двапати беше прогласуван за најдобар спортист на Македонија.
Но, животната приказна на Маленко не се сведува само на спортските успеси. Во јавноста во последниот период повторно привлече внимание со своите тврдења поврзани со заминувањето на поранешниот премиер Никола Груевски од Македонија во ноември 2018 година.Маленко во гостување во поткастот „На кавга со Иван“ изнесе тврдења дека Груевски непосредно пред заминувањето во Унгарија престојувал во хотелот „Ројал Вју“ во Охрид, кој е во сопственост на поранешна сопруга на Маленко. Според неговата верзија, Груевски пристигнал со семејството и придружба неколку дена претходно, а во раните утрински часови на 10 ноември 2018 година го напуштил хотелот со автомобил „Пасат“.
Маленко тврдеше дека лично ја отворил подземната гаража за да му овозможи на возилото да излезе од хотелот, додавајќи дека со Груевски биле и возачот и припадници на неговото обезбедување, додека неговото семејство останало во хотелот.Овие наводи предизвикаа големо внимание во јавноста, но беа категорично демантирани од самиот Груевски.
Поранешниот премиер изјави дека никогаш не се сретнал ниту разговарал со Маленко и дека тврдењата за неговиот престој во споменатиот хотел се невистинити.Спортските успеси, животните пресврти, јавните настапи и контроверзните сведоштва се дел од приказната на Александар Маленко, кој денеска гостува во „Стадион“.
Гледајте ја целата емисија на линкот:






