АЛТА банка утрово ги затвори експозитурите – Граѓаните бесни чекаат во редици

Граѓани утрово во Битола чекаа пред експозитурите на АЛТА банка за да ги повлечат своите пари, откако банката соопшти дека привремено ги затвора сите филијали за работа со клиенти. Ограничувањето за располагање со средства до 10.000 денари неделно останува во сила.
Граѓани чекаат редици пред банкоматите на Алта банка | Фото: Социјални мрежи
Граѓани чекаат редици пред банкоматите на Алта банка | Фото: Социјални мрежи
  • Експозитурите се затвораат привремено, до понатамошно известување, без најавен датум за повторно отворање.
  • Лимитот од 10.000 денари неделно останува, а граѓаните изразуваат незадоволство поради ограничениот пристап до своите пари.
  • Народната банка воведе администрација во АЛТА банка АД Битола, по одземањето на дозволата за работа на истоимената банка во Србија.

АЛТА банка од денеска привремено ги прекинува услугите за клиенти во сите експозитури, соопшти финансиската институција. Мерката важи до понатамошно известување, а ограничувањето за користење средства преку платежни картички, со неделен лимит од 10.000 денари, останува непроменето.

Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!

Одлуката предизвика незадоволство кај дел од клиентите. Утрово во Битола граѓани се собраа пред експозитурите, барајќи да влезат и да ги подигнат своите средства. Дел од нив не го прифаќаат ограничувањето, посочувајќи дека со 10.000 денари неделно не можат да ги покријат ниту редовните сметки, додека други сакаат да ги повлечат сите пари поради неизвесноста.

„Стравуваме дека ова ќе биде трет ТАТ. Битола има горко искуство со банки и штедилници. На времето ни ги заробија девизите што ги заработивме црнчејќи во странство, па ни ги враќаа со години, наместо во девизи, во денари. Потоа ‘пукна’ ТАТ, ни отидоа пак заштедите и до денес не ни се вратени. И ова е третпат да го гледаме истото. Сега останавме без основното, без пензиите. Дајте ни ги парите и да си заминеме од оваа држава“ – вели вознемирен граѓанин за порталот СДК.

Од банката наведуваат дека мерките се превентивни и имаат цел да ги заштитат средствата и интересите на клиентите. Засега не е соопштено кога експозитурите повторно ќе започнат со работа.

Народната банка воведе администрација во АЛТА банка

Привременото затворање на експозитурите следува по вчерашната одлука на Извршниот одбор на Народната банка за воведување администрација во АЛТА банка АД Битола. Управувањето со банката во наредниот период преминува во надлежност на лица назначени од централната банка.

Трајко Славевски, гувернер на Народна банка
Трајко Славески, гувернер на Народна банка

Мерката е донесена по одземањето на дозволата за работа на АЛТА банка АД Белград од страна на Народната банка на Србија. Станува збор за одделни правни субјекти, а македонската банка е под супервизија на Народната банка.

Гувернерот Трајко Славески вчера информираше дека во следните денови ќе важат ограничувања во плаќањата. Физичките лица ќе можат да вршат плаќања во вкупен износ до 10.000 денари во период од една седмица. Како што посочи, при утврдувањето на лимитот делумно се земала предвид висината на просечната плата.

„Овие мерки се воведени со цел да се заштитат имотот и интересите на штедачите“, изјави Славески.

Според податоците што ги соопшти гувернерот, до вчера од банката биле повлечени околу два милиона евра. Тој информираше и дека постојат заинтересирани купувачи за акциите на финансиската институција. Воедно, ги повика граѓаните кои имаат кредити во банката редовно да ги подмируваат своите обврски.

Филипче: „Парите на народот заробени“; Славески му одговори: „Разумен човек хируршки би го избришал овој срамен пост“

Одлуката за ограничување на располагањето со средствата ја критикуваше и лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Тој реагираше на неделниот лимит од 10.000 денари за физичките лица, посочувајќи дека за правните лица не се предвидени исти ограничувања.

„Каква е оваа одлука на Трајко Славески граѓаните да не можат да си ги издадат парите, да можат само 10.000 денари неделно да вадат а фирмите да можат колку сакаат? Значи парите од криминалните тендери на ВМРО-ОКГ и парите кои Вучиќ ги префрли а се дел од истрага ќе продолжат да се перат а парите на народот ќе останат заробени. Криминална одлука на криминална власт. Партиските фирми на организираната криминална група ќе си ги повлече парите а народот ќе остане без своите пари.“ – напиша Филипче на Икс.

Венко Филипче, претседател на СДСМ
Венко Филипче, претседател на СДСМ

На неговата реакција одговори гувернерот Славески, кој преку објава на социјалните мрежи напиша:

„Почитуван докторе, разумен човек уште веднаш “хируршки” би го отстранил/избришал овој срамен пост. За да не се срамите кога утре Службен весник и еден дневен весник ќе го објават Решението за воведување на Алта банка АД Битола во администрација.

И на попладневниот прес за темата тоа беше објаснето, но еве да повторам:
За разлика од физичките лица, правните лица нема да можат да повлекуваат средства од сметките во Алта банка АД Битола. Тие единствено ќе можат да вршат пренос на парични средства, во неограничен износ, на сметки на други клиенти во Алта банка АД Битола.

Јасно е сега?“ – напиша Славевски.

Според објавените информации, депозитите на граѓаните во АЛТА банка изнесуваат околу 118 милиони евра, а финансиската институција во последниот месец бележи загуби.

Банката претходно тврдеше дека работи непречено

На 31 октомври, пред воведувањето на администрацијата и најновите ограничувања, АЛТА банка АД Битола објави соопштение во кое уверуваше дека е ликвидна и дека продолжува со редовно работење.

Банката тогаш нагласи дека е самостојно правно лице регистрирано во Македонија, кое работи согласно домашната регулатива и е под непосредна супервизија на Народната банка. Во соопштението беше наведено дека клиентите можат непречено да располагаат со депозитите и да ги користат банкарските услуги.

Институцијата посочи и дека случувањата во Србија не значат автоматска промена на финансиската состојба или правниот статус на банката во Битола. Дополнително, потсети дека депозитите на физичките лица се осигурени преку Фондот за осигурување на депозити, согласно законските услови и лимити.

Случувањата се одразија и врз работењето на поврзани финансиски субјекти во регионот. Советот на Централната банка на Црна Гора донесе одлука за одземање на овластувањето за давање платежни услуги на „Alta Pay Group“ ДОО Подгорица, откако било утврдено дека повеќе не се исполнети законските услови за вршење на дејноста.

Црногорската централна банка соопшти дека оваа платежна институција не прима депозити од граѓани или деловни субјекти и дека нејзиното работење нема влијание врз стабилноста на финансискиот систем во Црна Гора.

Битолчани најбројни клиенти

АЛТА банка во Македонија ја презеде поранешната Стопанска банка АД Битола и поседува повеќе од 97 проценти од нејзините акции.

Голем дел од клиентите се всушност поранешните клиенти на Стопанска банка АД Битола, кои автоматски беа преемени од Алта. Многу битолчани со децении се клиенти на банката, која оперира уште од 1948 година, кога била основана како „Комунална банка – Битола“.

Во наредниот период клучно ќе биде како ќе се одвива управувањето под администрација на Народната банка и кога клиентите повторно ќе добијат пристап до услугите во експозитурите.

Слушајте го Канал 77 радио во живо КЛИКНЕТЕ ТУКА

(Каровски М.)

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ