Дрон пријавен за упади во станбена зграда во центарот на Кочани
Станари тврдат дека биле снимани додека спијат
МВР и ОЈО Кочани преземаат дејствија за откривање на сторителот
Бизарен случај на нарушување на приватноста доаѓа од Кочани. На 11 септември во ОВР Кочани бил пријавен упад на дрон во станбена зграда во центарот на градот.
Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!
До нашата редакција се обратија жители на станбена зграда на улицата „Димитар Влахов“, кои посочуваат дека ноќта меѓу 10 и 11 септември мал дрон извршил два упади преку отворени прозорци и врати на тераси.
Според нивните наводи, дронот влегол во стан во спалната соба преку отворената врата на терасата и ги снимал станарите додека спиеле. Звукот од пропелерите ги разбудил, а при обидот дронот да ја напушти собата се удрил во стаклото од вратата.
Во вториот случај, кратко потоа, дронот навлегол околу еден метар во спалната соба. При обид да биде срушен, успеал да побегне преку вратата на терасата.
МВР проверува дали било пријавено користење дрон
Од Министерството за внатрешни работи за Канал 77 потврдуваат дека постои таква пријава и дека се преземени полициски мерки и активности, како и дека е известен јавен обвинител.
„Ве информираме дека од страна на полициски службеници се преземени мерки и активности, известен е јавен обвинител и доставено е барање до Агенцијата за цивилно возухопловство за проверка дали во наведениот период било пријавено користење на дрон на подрачје на Општина Кочани. Во тек е постапување по насоки на јавниот обвинител, а по добивање на дополнителни сознанија за случајот ќе биде доставено известување до ОЈО Кочани.“ – информира Министерството за внатрешни работи за Канал 77.
ОЈО Кочани: Дадени се насоки за откривање на сторителот
Од Јавното обвинителство Кочани кратко информираат дека се преземаат дејствија за откривање на сторителот.
„Се преземаат дејствија во насока на откривање на сторителот“ – велат од таму за Канал 77.
Дел од станарите на зградата до нашата редакција посочија дека, според нивното видување, случајот отвора сомнежи за две кривични дела – повреда на уставно загарантираната неповредливост на домот и неовластено снимање.
Сепак, за евентуалната правна квалификација на настанот ќе одлучуваат надлежните институции по завршувањето на проверките и истрагата.
Хроничен безбедносен и правен проблем
Злоупотребата на дронови станува сериозен безбедносен, правен и етички предизвик, бидејќи тие можат да се користат за нарушување на приватноста, загрозување на сообраќајот, шверц, сајбер-напади и воени активности.
Дроновите денес имаат широка примена во цивилниот и комерцијалниот сектор, но нивната лесна достапност отвора простор и за сериозни злоупотреби. Малите беспилотни летала можат да се користат за тајно снимање, следење на граѓани, собирање чувствителни податоци и нарушување на безбедноста.
Еден од најголемите ризици е повредата на приватноста. Дроновите опремени со камери можат да снимаат луѓе во нивните дворови, домови или на приватни имоти, без нивна согласност. Дополнително, можат да се користат за индустриска шпионажа и следење јавни собири, протести или одредени групи.
Сериозна опасност постои и за воздушниот и јавниот сообраќај. Летањето дронови во близина на аеродроми, хеликоптери или спасувачки операции може да предизвика судири и да ги загрози човечките животи. Нивното присуство во критични зони може да доведе и до прекин на летови за итна медицинска помош или гаснење пожари.

Дроновите се користат и во криминални активности. Тие можат да служат за прекуграничен шверц на дрога, оружје и пари, но и за внесување мобилни телефони, недозволени супстанции и други предмети во затворски установи.
Технологијата овозможува и таканаречени „летечки хакери“. Дронови опремени со дополнителна електронска опрема можат да се приближат до објекти и да пресретнуваат незаштитени безжични мрежи. Во одредени случаи, можни се и обиди за пресретнување пораки и телефонски комуникации.
Особено загрижувачка е воената злоупотреба на дроновите. Евтините комерцијални модели можат да се модифицираат за носење експлозивни направи, што ги прави опасно средство во рацете на терористички групи и други недржавни актери.
Регулатива и одговорност
Поради овие ризици, во Македонија важат правила за безбедно користење на воздушниот простор, а надлежните институции имаат задача да спречат незаконско користење на беспилотни летала.
Надлежностите се кај Министерството за внатрешни работи (МВР) и Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), кои наметнуваат строги правила на користење.
Летањето во близина на владини објекти, воени зони, плоштади и густо населени подрачја може да биде забрането без соодветна дозвола. Операторите се должни да ги почитуваат правилата, бидејќи непочитувањето може да доведе до сериозни последици и загрозување на јавната безбедност.
Ова не е прв случај на злоупотреба на дрон во државата.

Токму во Кочани и Штип беше воведена Забрана за летање дронови од страна на Агенцијата за цивилно воздухопловство во март 2025 година. Оваа одлука беше донесена како дел од строгите безбедносни протоколи за време на погребите на жртвите од катастрофалниот пожар во Кочани.
Владата, во координација со МВР и новинарските организации (ЗНМ и ССНМ), тогаш утврди посебен протокол за медиумите со цел да се обезбеди етичко известување и да се заштити приватноста и достоинството на семејствата на настраданите.
Сепак, тогаш, повеќе странски медиуми ја прекршија забраната и со дронови беа снимени ископаните гробови во Алејата на ангелите во Кочани непосредно пред закопот, што предизвика згрозеност и општа критика од граѓаните како крајно не етички потег.
Слушајте го Канал 77 радио во живо КЛИКНЕТЕ ТУКА
(Каровски М.)





