Целосно изгоре една куќа, а уште три делумно – големи штети од пожарот во пробиштипско

Цели 12 часа траеше гаснењето на пожарот што беснееше меѓу Ратавица, Бучиште и Неокази во пробиштипскиот регион. Силниот ветер го носеше огнот со голема брзина, што на крај резултираше со една целосно изгорена куќа на семејство од селото Бучиште, а уште три куќи делумно се опожарени.

Изгореа и помошни простории, пчеларници, ниви со жито, овоштарници и лозја, како и електричната мрежа и други инфраструктурни објекти. Штетите допрва ќе се пресметуваат, но факт е дека огнот опустоши голем простор.

Пожарот бил пријавен околу 11 часот вчера, кога на терен излегле пожарникарите од Пробиштип. Била побарана помош од колегите од Кочани и Зрновци, а се приклучило и месното население.

-Имаше силен ветер, што брзо го прошири пожарот. Од голема помош беа воздушната поддршка со ер-тракторот на Дирекцијата за заштита и спасување, по што огнот почна да се става под контрола. До 23 часот беше изгаснат. Просторот и денеска е под конотрола на пожарникарите, ни изјави Тони Тоневски, градоначалник на Пробиштип.

Од ППТЕ Пробиштип упатија апел до граѓаните да ги исчистат овоштарниците,д воровите и површините околу својот имот, како и превентивно да имаа складирано вода и други прирачни средства за гасење оган.

– Апел за поголема претпазливост за било какви активности на отворен простор, поради кој може да настане пожар. Земјоделските стопанства во овој жетвен период мораат да бидат опремени за справување со пожар како на машините така и на површините на кои работат, реагираа од ППТЕ Пробиштип.

Вчера беше тежок ден и за штипскиот регион. На тврдината Исар огнот стигна до блиските куќи, кои се наоѓаат на речиси непристапен терен за специјализираните пожарникарски возила. Се запали и фотоцентрала кај Чардаклија, а гореше и во индустрискиот дел на Штип.

Фото: ФБ ППТЕ Пробиштип

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ