Дејан Јованов ќе го продолжи судскиот процес на со друга мерка, откако ќе истече максималниот законски рок за негово задржување во притвор. Кривичниот суд наведува дека обвинението било оценето на 3 октомври 2025 година.
„Ве известуваме дека, мерката притвор, определена против прво обвинетиот Дејан Јованов, од страна на кривичниот совет е продолжена до 03.10.2026 година, имајќи предвид дека Обвинителниот акт е оценет на 03.10.2025 година и согласно Законските одредби мерката притвор може да трае до најмногу една година од оцената на актот. Со цел да се обезбеди непречено присуство во понатамошниот дел од судската постапка, Судот, согласно досегашната пракса, по службена должност, по истекот на Законскиот рок за мерката притвор, определува дополнителни мерки за претпазливост и обезбедување на обвинетиот“ изјавиле за Телма од Основен кривичен суд – Скопје.
Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!
Што следува за сопственикот на „Пулс“?
Дејан Јованов беше приведен веднаш по пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март 2025 година, а притворот му беше определен на 23 март. Во трагичниот пожар во објектот загинаа 63 лица.
Судењето против Јованов и уште 33 обвинети започна во ноември и сè уште трае. Процесот се очекува да биде еден од најдолгите и најобемните судски процеси во земјава.
Јованов во повеќе наврати бараше укинување на притворот, меѓу другото и поради влошена здравствена состојба, но неговите барања не беа прифатени. Првично притворот му беше определен поради опасност од бегство.
Во случајот е обвинет и неговиот брат Тодор Јованов, кому куќниот притвор му бил укинат откако дал гаранција од околу 320 илјади евра во недвижен имот. Синот на Дејан Јованов исто така е обвинет, но нему му се изречени мерки на претпазливост.
Во изминатиот период, судот прифатил гаранции и ги ослободил од куќен притвор и повеќе други обвинети – Јане Јанчевски, Митко Стојанов, Мартин Ѓорѓиев, Стојанчо Димитриев и Беким Хаџиу. Од Судот наведуваат дека кај нив се применуваат алтернативни мерки и дека тие редовно се појавуваат на судските рочишта.
Излегувањето на Јованов од притвор не значи прекин на судската постапка. Тој ќе продолжи да биде обвинет во процесот, но наместо во притвор, понатамошниот тек на постапката ќе го следи под други мерки што ќе ги определи судот.
Најновата одлука повторно го отвора прашањето за времетраењето на притворот во сложени и долготрајни судски постапки, особено кога процесот сè уште не е завршен, а законскиот максимум за притвор е достигнат.
Слушајте го Канал 77 радио во живо [КЛИКНЕТЕ ТУКА]





