Гаши порача дека независноста од 1991 година е остварена во исклучително тежок период, но по мирен пат.
Во изминатите 35 години Македонија помина низ кризи, транзиција и големи општествени промени.
Претседателот на Собранието повика на функционални институции и повеќе можности младите да останат во државата.
35 години независност се доволни за Македонија да разбере дека државата не се гради само со еден политички акт, туку секој ден – со институции, закони, одговорност, економија, образование, правда и доверба, порача претседателот на Собранието Африм Гаши.
Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!
На приемот во Собранието по повод 8 Септември – Денот на независноста, Гаши истакна дека државноста пред сè ја градат луѓето кои веруваат дека нивната лична иднина е поврзана со заедничката иднина на државата.
Тој нагласи дека јубилејот е можност не само за славење, туку и за осврт кон патот што Републиката го поминала од 1991 година до денес.
Во исто време, според него, ова е момент да се размисли каква држава им оставаме на идните генерации.
Независноста на Македонија беше изборена во тежок период
Независноста на Македонија беше остварена во време на распаѓање на Југославија, политичка и економска неизвесност и големи промени на европскиот континент, потсети Гаши.
Тој нагласи дека пред генерацијата која ја создаваше независната држава стоеле две клучни прашања – дали независноста може да се оствари и дали тоа може да се направи без војна.
Според Гаши, токму затоа треба да се вреднува фактот што Македонија стана независна и суверена држава по мирен пат.
- Без оглед на тоа на кој политички табор му припаѓале и дали се согласуваме со сите политички одлуки на таа генерација, не можеме да не го признаеме и вреднуваме фактот дека Македонија стана независна и суверена на мирен начин – изјави Гаши.
Тој порача дека 8 Септември и референдумот од 1991 година претставуваат „мирен роденден“ на држава сонувана од многу генерации.
Гаши потсети дека патот во изминатите три и пол децении не бил лесен.
Македонија поминала низ периоди на успех, но и низ политички и економски кризи, уставни и институционални промени, како и тежок процес на економска транзиција.
Тој се осврна и на иселувањето на голем број граѓани кои ја напуштиле државата во потрага по подобар живот.
Функционални институции и еднаквост како визија за иднината
Иднината на Македонија, според претседателот на Собранието, треба да се темели на функционални институции, еднаква примена на законите и борба против корупцијата.
Гаши порача дека Северна Македонија е дом на граѓани со различна етничка, јазична, верска и културна припадност.
Таа различност, како што истакна, не треба да биде пречка, туку извор на успех за државата.
- Можеме да имаме различни јазици, различни култури, различни традиции, различни политички убедувања, но имаме само една заедничка држава. Ова треба да биде основата на нашиот однос – порача Гаши.
Тој смета дека предизвикот на сегашната генерација е да се постави прашањето каква држава сакаме да имаме во следните 35 години.
Во таа визија, администрацијата не треба да го гледа граѓанинот како товар, туку како причина за своето постоење, а законот треба да важи еднакво за сите.
Посебна одговорност, според Гаши, има и Собранието како институција во која се претставуваат различните ставови во општеството.
Тој нагласи дека парламентарната дебата, несогласувањето и критиката се нормален дел од демократскиот процес.
Сепак, над политичките разлики, како што рече, мора да постои поголема одговорност кон државата и граѓаните.
Младите да имаат причина да останат во Македонија
Младите во Македонија не треба да го гледаат заминувањето од државата како единствена можност за подобар живот, порача Гаши во своето обраќање.
Според него, силна држава не може да се гради ако секоја година губи дел од младата генерација.
Демографската политика, нагласи тој, не треба да се гледа само низ призмата на наталитетот.
Таа мора да биде поврзана со квалитетот на животот, вработувањето, образованието, здравството, правдата, животната средина и можностите за домување.
- Ако сакаме младите да останат овде, постојано треба да создаваме причини и можности за нив. Ова е патриотизмот што се очекува од нас – порача претседателот на Собранието.
Гаши повика и на поинаков однос кон дијаспората, како и на заштита и афирмација на традиционалното семејство.
Тој смета дека државата мора отворено да разговара за своите успеси и неуспеси, но фокусот да остане на тоа како таа да стане пофункционална и подеднакво блиска до секој граѓанин.
На крајот од обраќањето, претседателот на Собранието повика иднината на државата да се гради со повеќе одговорност, повеќе доверба и повеќе работа.
Во духот на 35-годишнината од независноста, тој порача дека задачата на сегашната генерација е да продолжи да ја гради државата како заеднички дом за сите нејзини граѓани.
Слушајте го Канал 77 радио во живо КЛИКНЕТЕ ТУКА





