„Челични столбови, метални конзоли, зајакнување на меѓукатната конструкција, промена на фасада, дополнителни метални скали на влезот – но реконструкција немало, сето тоа биле занаетчиски работи!“ Со ваква реакција, родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ го коментираат денешното рочиште, на кое вештакот на првообвинетиот се изјаснил дека зафатите во објектот претставувале занаетчиски работи.
„Очигледно погрешно сме го разбрале Законот за градење“
Семејствата на загинатите реагираат на ваквото толкување на градежните интервенции во дискотеката и прашуваат дали одбраната се обидува да го наметне таквиот став пред судот.
„Сето ова денес го слушаме во судницата од вештото лице на првообвинетиот! Очигледно погрешно сме го разбрале Законот за градење! Да градиме без одобренија, а потоа да тврдиме дека само „занаетчиски сме работеле“! А кога ќе се случи трагедија – тогаш тие што се на обвинителна клупа се изјаснуваат дека не се одговорни. Дали токму вакво толкување одбраната сака да го наметне пред судот?“, прашуваат родителите.
„Одговорноста не се избегнува со игра на зборови“
Во реакцијата, семејствата нагласуваат дека правото на одбрана е неспорно, но дека, според нив, градежните интервенции не можат да се занемарат само со тоа што ќе бидат поинаку именувани.
„Правото на одбрана е неспорно. Но градежните интервенции не исчезнуваат со нивно преименување, ниту одговорноста се избегнува со игра на зборови! Според ваквата логика, и Бурџ Калифа во Дубаи би можела да се прогласи за „занаетчиска работа“!“ – велат родителите.
„Вистината се утврдува со докази“
Родителите порачуваат дека судскиот процес не се однесува само на толкувањето на градежните зафати, туку и на безбедноста и одговорноста за трагедијата во која загинаа 63 лица.
„Овде не се расправа само за градежни конструкции, туку за безбедноста, одговорноста и 63 животи што никогаш нема да се вратат. Вистината не се реконструира според потребите на одбраната. Таа се утврдува со докази!“, порачуваат семејствата на загинатите.
Нивната реакција следува по денешното рочиште во судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а 218 беа повредени.
(Каровски М.)





