- Поминавме низ граничен премин. Ги извадивме документите и преминавме. Луѓето од Македонска страна беа целосно свесни дека ова е Ива Михајлова. Никој ништо не ни кажа. Разговаравме и си заминавме, вели адвокатот на Михаилова
- Министерството за внатрешни работи на Македонија направи проверики и при што е утврдено дека за наведеното лице нема евидентиран излез од територијата на Македонија
- На Михаилова во Македонија и’ се суди за сообраќајка во која почина едно лица, документите и’ беа одземени
Кочанчанката со двојно државјанство, Ива Михаилова, која е обвинета во судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици и има забрана за излез од Македонија, е во Софија, Бугарија. Во изјава која ја дава за Нова ТВ во присуство на својот адвокат, Михаилова тврди дека македонско – бугарската граница ја поминала легално. Македонското МВР пак го тврди спротивното.
-Ве известуваме дека се извршени проверки во системот за гранична контрола на Министерството за внатрешни работи, при што е утврдено дека за наведеното лице нема евидентиран излез од територијата на Македонија, соопштија од МВР.
Слушајте радио во живо:
Михаилова пак, во изјавата пак го тврди спротивното.
-Границата ја преминавме сосема легално, вчера се вративме во Бугарија со мојот адвокат. Веќе имам многу прегледи. Наскоро ќе влеземе во „Пирогов“ и конечно ќе продолжиме со лекување. Да не дојдев, ќе имаше екстремни последици “, додаде Михајлова.
Нејзиниот адвокат Николај Димитров појаснува дека Михаилова не се чувствувала добро, поради што, како што вели, „решле да се обидат да ја донесат во Бугарија“. На прашањето дали бугарските институции биле информирани, Димитров појаснува:
Уште на темата:
–Министерството за надворешни работи работи преку дипломатски канали. Нашиот пат не е многу дипломатски, но во овој случај мораше да се направи вака. Нема поголема последица од тоа таа да биде оставена без соодветен третман, понижена, со две патролни возила и нелегален влез во нејзиниот дом, само затоа што изјавила дека е Бугарка“, истакна адвокатот и додаде: „Поминавме низ граничен премин. Ги извадивме документите и преминавме. Луѓето од Македонска страна беа целосно свесни дека ова е Ива Михајлова. Никој ништо не ни кажа. Разговаравме и си заминавме.“
Во Македонија од претпладнето има бројни прашања како уште еднаш се дозволи лице со забрана да ја премине границата. Од институциите засега работата си ја префрлуваат едни на други.
Во Бугарија преминувањето на Михаилова во Бугарија стигна и до претседателката Илијана Јотова, која изјави дека „не знае точно како Ива Михајлова ја напуштила Северна Македонија и се вратила дома“, но според неа, нејзината безбедност не може да биде загрозена на бугарска територија.
„Тие не побараа помош од мене, немам информации како се вратила дома. Дознав дека е тука во Бугарија откако си заминав од една од телевизиските станици. Треба да биде на преглед во Пирогов, ќе почекаме да видиме каков е заклучокот на бугарските специјалисти, но не можам да ви дадам повеќе информации. Ќе се сретнам со неа во првата можност. Дури и ако ја остават во болница, ќе направам сè што е можно за да ја видам“, рече шефицата на бугарската држава.
Министерот за внатрешни работи на Бугарија Иван Демерџиев, најави дека ако биде потребно на Ива Михаилова ќе и’ биде доделено и лично обезбедување. За бегството, според изјавата, не била запозната ни министерката за надворешни работи Велислава Петрова.
„Министерството за надворешни работи не беше вклучено на никаков начин и не бевме известени за преземените дејствија. Важно во овој случај е таа да може да најде можност за соодветен третман во Бугарија и тој да ѝ биде обезбеден што е можно поскоро. Но, во овој случај, ние сме сведоци на фактот дека во хуманитарен случај за кој не доби одговор од Министерството за надворешни работи, беа прибегнати некои очајни дејствија“, рече Петрова, додавајќи дека Бугарија обезбедува дипломатска поддршка за случајот.
На 6 јули, Основниот суд во Кочани го започна судењето на Ива Михајлова, обвинета за сериозно кривично дело поврзано со безбедноста на патиштата во Република Северна Македонија. Ива Михајлова има и бугарско државјанство. Во несреќата што се случи една година пред судењето, едно лице загина, а неколку лица, вклучувајќи ја и неа, беа повредени. Документите на Ива Михајлова беа одземени по несреќата, што ја спречуваше да замине на лекување во Бугарија.
На ист начин и покрај актуелната забрана за напуштање на државата и таткото на Ива, Симеон Михаилов, кој е осуден за повеќе дела, избега од Македонија и сега нормално живее во Бугарија. Бугарија одби да го испорача. Македонското МВР и натаму го бара по меѓународна потерница, што стои со години на сајтот во делот потраги.
Видео: НОВА ТВ



