„Помагајте, има мртви! Сите летнаа во воздух!“ – Трогателни сведочења за страшната железничка несреќа

Фото: Јутјуб

Според официјалните податоци потврдени од портпаролката на регионалната влада, Естер Падиља, во возот на АВЕ имало до 397 патници, додека уште 147 лица патувале со возот Ирјо. На местото на несреќата веднаш била прогласена вонредна состојба, а обемот на катастрофата предизвикал обемна спасувачка операција во која биле вклучени бројни служби за итни случаи, пренесува дневник.хр.

Медиумите информираат дека има најмалку 46 мртви и над 100 повредени во железничката несреќа што утрово се случи во Шпанија.

Еден од преживеаните патници, Хесус, од вториот вагон на АВЕ, ги опишал драматичните моменти од силниот удар. Тој раскажал како во моментот на несреќата мирно работел на својот лаптоп кога возот одеднаш закочил.

„Одеднаш се случило некакво сопирање. Сите летнаа во воздух“, опишува преживеаниот.

По ударот, патниците прво помислиле дека возот излетал од шините. Оние кои избегале со полесни повреди веднаш почнале да им помагаат на жртвите, додека наведната композиција се заканувала да се преврти.

„Добивме многу силен удр и почнавме да се обидуваме да им помогнеме на луѓето кои беа во најлоша состојба. Возот се наведнуваше над пругата и се плашевме дека може да се преврти“, рече Хесус.

Тој давал интервју додека држел инфузија на повредено лице. „Тука има многу повредени и мртви луѓе. Гледам тела како лежат таму и не се движат“, сведочеше тој. „Видов млад човек како оди со ампутирана рака“, е дел од трогателниот исказ.

Едуарда, патничка во возот Ирјо, рече дека почувствувала силен удар што ја фрлил напред, повредувајќи неколку патници во нејзиниот вагон. Таа раскажа како на почетокот помислила дека возот одеднаш застанал во итен случај, а сериозноста на несреќата ја сфатила дури кога ги видела повредените лица и ѝ било наложено да го напушти возот, пишува Ројтерс.

Откако се спуштила по насипот на безбедно, видела глетка што ја опишала како катастрофална. Дел од возот висел по падината, а во еден од вагоните избувнал пожар.

„Видов мртви луѓе“, рече Едуарда.
Патник од вториот вагон претрпел посекотина на раката и евентуално скршен нос, но нагласил дека имал голема среќа во споредба со патниците во најтешко погодените делови од возот.

„Стојам до вагонот што падна по падината, се превртел и е целосно уништен. Тој вагон помина најлошо“, рекол тој.

Бројни патници морале да бидат извлечени низ скршените прозорци на композицијата пред спасувачките екипи да пристигнат на локацијата. Спасувањето било многу потешко бидејќи железничката несреќа се случила на отворено поле, надвор од населено место, пишува Каденасер.

„Има многу повредени и има мртви. Многу луѓе треба да дојдат да помогнат. Ние сме на средина од поле и е комплицирано, но ова е ситуација од апсолутна итност.“

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ