Основно јавно обвинителство Охрид активно работи на целосно разоткривање на околностите за грозоморниот настан во Охрид – изјави државниот јавен обвинител Ненад Савески нагласувајќи дека се свесни за значењето на брзото и ефикасно постапување во вакви случаи, особено со оглед на опасноста од овој вид криминалитет и сите претходни случувања во нашата држава.
Савески, одговарајќи на новинарски прашања поврзани со случајот со семејно насилство во Охрид, информира дека ги следи состојбите за случајот и има директни информации од раководителот на ОЈО Охрид нагласувајќи дека надлежниот јавен обвинител е во контакт со оштетената, а нејзиниот исказ има исклучително голема доказна вредност.
– Таму интензивно се работи на разоткривање на целата состојба на работите во овој случај. Ве уверувам дека Јавното обвинителство ги презема сите неопходни истражни дејства сè со цел да се расветли во целост овој случај – рече Савески.
Тој додаде дека во текот на денот очекува да биде известен од надлежниот јавен обвинител и да донесе конечна јавнообвинителска одлука.
– Известен сум од надлежен јавен обвинител дека е во контакт со жртвата, односно оштетената во овој кривичноправен настан. Тој исказ ни е многу суштествен и од него ќе произлезат многу докази со голема доказна вредност. Во текот на денот треба да дојдеме до соодветна фактичка состојба, односно состојба на работите од јавнообвинителски аспект, по што ќе имаме официјално соопштение и за правната квалификација и за соодветната јавнообвинителска одлука – изјави Савески.
Прашан за квалификацијата на делото и зошто се работи за тешка телесна повреда при семејно насилство кога од сите елементи што излегоа во јавноста, ова асоцира и на обид за убиство затоа што девојката била грабната, тепана во автомобил, исфрлена во бессознание и не е побарана мерка притвор за сторителот, туку само мерки за претпазливост, Савески рече дека би било шпекулација да зборува за правната квалификација пред завршувањето на истражните дејства.
– Доколку би одговорил на вашето прашање и да утврдам соодветна правна квалификација, тоа би било мое шпекулирање бидејќи правната квалификација произлегува од сето она што ќе се собере во истражната постапка, односно сè она што од истражните дејства ќе биде собрано како доказен материјал – изјави Савески.
Покрај постапката за главниот настап, Савески потврди дека се работи и на расветлување на дејствата преземени од страна на таткото на оштетената.
Во однос на таткото на насилникот, Савески рече дека се работи паралелно на расветлување на целиот случај и дека во текот на денот ќе има јавнообвинителска одлука за која јавноста ќе биде запознаена. МИА







