Истокот веќе е речиси целосно раскопан – Стоп за новите концесии, бараат 26 организации

Пред аукцијата на 6 август, 26 граѓански организации од Владата бараат итно повлекување на концесиите или да ги стави вон сила одлуките и јавните повици за доделување концесии за проспекциски геолошки истражувања на металични минерални суровини, оценувајќи дека дел од постапките се спротивни на Законот за минерални суровини.

Според нив, одлуките опфаќаат 29 општини во источниот дел на државата, каде што во голем дел од просторот веќе биле спроведени проспекциски геолошки истражувања или биле доделени концесии за детални геолошки истражувања и експлоатација на металични минерални суровини.

Во анализата што ја приложуваат организациите се наведува дека од 2004 година досега со различни видови концесии биле опфатени речиси целосни територии на повеќе општини. Така, околу 100 проценти од териториите на Пробиштип, Делчево и Карбинци биле предмет на концесии, 97 проценти од Пехчево, 94 проценти од Чешиново-Облешево, 89 проценти од Кратово, 87 проценти од Зрновци и Виница и 86 проценти од Радовиш.

Организациите предупредуваат дека значителен дел од просторите предвидени со новите одлуки се преклопуваат со веќе истражени подрачја, како и со постојни или поранешни концесии за детални геолошки истражувања и експлоатација.

Во апелот се оценува дека со тоа се повредува член 7-а став 2 од Законот за минерални суровини, кој забранува проспекциски геолошки истражувања на веќе истражени простори, на простори за кои се води постапка за доделување концесија за детални геолошки истражувања, како и на подрачја под постојни концесии за детални истражувања или експлоатација.

„Министерството било должно пред доставувањето на предлогот до Владата точно да ги утврди границите и да ги исклучи сите законски забранети површини. Нивното вклучување во поширок концесиски полигон не е дозволено, ниту пак може да се исправи во подоцнежна фаза од постапката“, наведуваат организациите.

Поради приближувањето на законските рокови, тие бараат Владата веднаш да ги запре сите постапки и во рок од три работни дена писмено да ги извести за преземените активности.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ