Кој го штител насилникот додека Сара се борела за живот, прашуваат од Левица

Фото: Фрипик

Колку вреди животот на една девојка кога од другата страна стојат политички врски и луѓе навикнати вратите на институциите да им се отвораат со телефонски повик? Ова е прашањето што државата мора да го одговори по сведоштвата за монструозното насилството врз Сара од Охрид. Зашто, ако се потврдат јавно изнесените наводи, тогаш ужасот не завршил со нападот. Тој продолжил во моментот кога наместо спасување на девојката, се разговарало за отстранување на нејзиното тело, а наместо вистината да стигне до институциите, се барале начини да се ублажат или елиминираат последиците за осомничениот, се наведува во соопштението од Левица, што ви го пренесуваме во целост. 

-Левица бара да се утврди дали зад насилството постоел и втор круг на незаконски, кривични дејствија – круг на прикривање, влијание и спасување на одговорните од правдата.

Дали Гоце Корабоски, таткото на Кристијан, бил само родител кој дознал за злосторството или дел од евентуалниот механизам за негово прикривање? Мора да се утврди дали некој свесно му помагал на потенцијален убиец да ги избегне последиците, додека животот на жртвата висел на конец. Не смее спасувањето на кожата на насилникот да има поголем приоритет од спасувањето на животот на девојката! Бараме Обвинителството да утврди дали улогата на Гоце Корабоски завршила со телефонски разговор или постоеле претходни договори, притисоци и други самостојни кривични дејствија, а бараме и итна процена на безбедноста на Сара и нејзиното семејство. Зашто, ако постоела подготвеност за прикривање на вакво насилство, институциите мора сериозно да го испитаат ризикот од заплашување и притисоци врз оние што проговориле. Сара не смее да преживее брутален напад, а потоа да живее во страв од луѓето за кои бара правда.

Тука е и наводот за роднина на Кристијан која според јавноизнесените информации, контактирала со болницата за релативизирање на повредите на Сара. Овдека постои сомнеж за незаконско влијание врз доказ од кој зависи тежината на кривичната постапка. Затоа бараме да се утврди идентитетот на лицето, содржината на контактите и дали некој се обидел да влијае врз медицинските записи.

И што е со лицата кои, според изнесените сведоштва, биле присутни додека Сара барала помош? Кој го слушнал нејзиниот повик? Кој знаел дека е повредена? Кој одбил да ѝ помогне? Кому му бил побаран нож и дали некој го обезбедил? Секое од овие прашања е значајно, затоа што одговорите можат да откријат дали постоеле други извршители, помагачи или самостојни кривични дела. Не смее целата истрага да се затвори околу една личност доколку доказите покажуваат дека други лица активно придонеле за насилството или за неговото прикривање. Потенцијални убијци и соучесници не смеат да останат неказнети само затоа што жртвата, за среќа, преживеала. Мора темелно да се испита и дали интензитетот на нападот, употребените средства и однесувањето на сторителот укажуваат на умисла за потешко кривично дело, вклучително и обид за убиство.

А сега прашањето од кое институциите најмалку смеат да побегнат: Кој сè бил повикан да помогне на семејството Корабоски по нападот? Дали Гоце и Љубинка Корабоски, како и други роднини испреплетени со власта, контактирале со политички функционери, полициски службеници, обвинители или други влијателни лица? Дали некој барал услуга, посредувал, ветувал заштита или се обидувал да влијае врз доказите?

Посебна одговорност за одговори има обвинителството во Охрид. Во јавноста се појавија наводи за блискост на обвинителот Стојанче Арнаудоски со семејството Корабоски, според информациите кои пристигнаа до Левица, тој им бил семеен пријател. Сето тоа мора да се провери и на јавноста да и се дадат одговори. Како првично се стигна до мерки на претпазливост, а потоа до промена на обвинителот и барање притвор и обвинение за три кривични дела? Дали доказите биле исти, а оценката различна? Дали биле прибрани нови докази? И како се објаснува разликата меѓу првично пријавената тешка телесна повреда и подоцнежната квалификација телесна повреда?

На крајот, среде сите прашања, стои девојката што го преживеала насилството. Кој денес ја штити Сара? Дали е проценет ризикот од нов напад, заплашување или притисок врз неа и нејзиното семејство? Држава што од жртвата очекува храброст да сведочи, а не ѝ обезбедува сигурност да живее, ја изневерува по вторпат. Безбедноста на Сара не смее да зависи од медиумското внимание, ниту од тоа колку долго јавноста ќе остане вознемирена.

Левица бара Обвинителството да ги испита сите конкретни наводи за Гоце Корабоски, за роднината која наводно контактирала со болницата, за присутните лица, за можните незаконски интервенции преку контактите на семејството и за целокупното постапување на Обвинителството.

Сара преживеала, но тоа не ја намалува тежината на она што ѝ било сторено. Ако некој се обидел да ја погребе вистината тогаш правдата мора да го открие и него. До последниот доказ. До последната незаконска интервенција. До последното одговорно лице.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ