- Дел од жителите веќе 40 часа се без вода, а новиот дефект го продолжува прекинот за дополнителни 24 часа.
- Засегнати се Железничка, Пребег, Три Чешми, Ново Село, Исар, делови од Сењак и 8 Ноември.
- Ќе се дистрибуира флаширана вода за пиење и техничка вода преку цистерни и волонтери.
Водоснабдувањето во Штип повторно е нарушено по нов дефект на главната водоводна линија, иако екипите на ЈП „Исар“ претходно работеле на истата линија во изминатите 40 часа. Градоначалникот Иван Јорданов соопшти дека ситуацијата претставува кризна состојба за делови од градот.
Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!
Јорданов: „Дефинитивно имаме кризна состојба“
Јорданов информираше дека новиот дефект настанал по завршувањето на претходните работни активности, поради притисокот во застарената водоводна мрежа.
„Настанат е дефект на главна водоводна линија која во изминатите 40 часа исто така беше под работни активности на јавното претпријатие „Исар“. Дефинитивно имаме кризна состојба на одредени делови во нашиот град кои поради овој дефект ќе останат без вода повеќе од 24 часа. Она кое што можам да го направам е да сите расположливи сили кои ги имаме како логистичка поддршка во рамки на јавните претпријатија, Територијалната противпожарна единица и целата механизација во текот на денот да се организираме овој дефект на главната водоводна линија да се санира час побрзо за да се нормализира водоснабдувањето, кое дефинитивно направи голем проблем“, вели Јорданов.

Градоначалникот посочи дека проблемот е поврзан со староста на водоводната линија, која е изградена пред повеќе од 50 години. Тој се извини на граѓаните и најави дека општината ќе организира снабдување со вода за погодените населби.
„Покрај тоа што променивме значителен број на водоводни линии на територија на општина Штип во изминатите пет години – огромен процентуален број на главни водоводни линии се заменети, сепак оваа линија која што е под дефект е стара водоводна линија која непредвидливо нанесе повеќе од 40 часа прекин во водоснабдувањето на неколку населби. Во име на тоа сакам да се извинам на граѓаните кои се соочуваат со овој проблем. Во текот на денот ќе работиме да се санира дефектот кој како што напоменав не можевме ниту ние, ниту било кој да го предвиди и независи од човечки фактор. Тоа кое што зависи од нас е да се организираме соодветно и сите делови на градот кои ќе останат без вода, тоа се населбата Три Чешми, населбата Пребег, населбата Ново Село, населбата Исар, делови од населба Сењак, 8 Ноември, да бидат покриени со техничка вода со цистерни“, посочи Јорданов.

Тој најави дека домаќинствата во погодените населби ќе бидат посетени од волонтери кои ќе им доставуваат флаширана вода за пиење. Локациите на цистерните, исто така, ќе бидат објавувани на социјалните мрежи.
„Морам да напоменам дека овој дефект кој што е настанат е како последица при нормализирање на водоснабдувањето затоа што во изминатите 40 часа на истата линија јавното претпријатие работеше, но еве по завршувањето на работните активности, поради притисокот и поради застарената водоводна мрежа повторно настана дефект кој ни отвора дополнителни проблеми како што напоменав има одредени околности, одредени работи кои не зависат од човечки фактор и посакувам што е можно помалку да се случуваат во иднина затоа што создаваат проблеми на сите нас. Ќе се потрудиме во текот на денот да се организираме за жителите од напоменатите населби да бидат снабдени со техничка вода. Цистерните ќе бидат позиционирани преку социјалните мрежи. Преку вас медиумите ја известам јавноста дека техничка вода и флаширана вода ќе биде дистрибуирана до сите домаќинства коишто се засегнати и посакувам час побрзо да се отклони овој проблем кој не засега сите нас“, рече Јорданов.
ЈП „Исар“ ги мобилизира капацитетите за санација
Директорот на ЈП „Исар“, Александар Арсовски, информираше дека претпријатието располага со потребните резервни делови и стручен кадар за отстранување на дефектот. Екипите веќе се на терен и ги подготвуваат работните активности.

„Јавното претпријатие ги мобилизира сите свои расположиви капацитети, луѓето се веќе на терен и ги прават подготовките за веднаш да отпочнеме со работни активности за санирање на дефектот. Сакам да ја известам јавноста дека поседуваме капацитет, поседуваме резервни делови кои што се потребни за да ја завршиме оваа интервенција. Ги замолувам за разбирање, а како што напомена градоначалникот ќе ги активираме нашите две нови цистерни кои што ќе дистрибуираат техничка вода, паралелно до нив ќе биде поставен пункт и за питка вода за пиење која ќе биде флаширана. Да не послужи времето и се надеваме дека во најбрз можен рок ќе го санираме дефектот“, изјави Арсовски.
Опозицијата бара одговорност
Советничката од СДСМ, Галаба Вереса денеска го повика граодначалникот Јорданов на одговорност.
-Додека граѓаните мака мачат да обезбедат вода за најосновните потреби, Јорданов дури сега се појави со бледа прес конференција, без конкретни одговори, без решение и без преземање одговорност. Дефектот не е саниран повеќе од 40 часа, а штипјани се’ уште не знаат кога ќе добијат вода. До кога ќе трае оваа неизвесност? До кога граѓаните ќе бидат оставени сами да се снаоѓаат? Наместо решение, добиваме оправдувања и бегање од реалноста, праша Вереса.

Општината најави дека ќе ги стави на располагање сите достапни ресурси за побрзо отстранување на дефектот и нормализирање на водоснабдувањето, а во активностите вклучена е и Територијалната противпожарна единица – Штип.
Слушајте го Канал 77 радио во живо КЛИКНЕТЕ ТУКА
(К.М. и В.К.)








