Македонија не е на продажба! Денеска советниците на СДСМ од истокот уште еднаш го креваат својот глас против рудниците кои се закана за здравјето, земјоделството и животната средина. На денешната јавна расправа отворено и аргументирано ќе се спротивставиме на Новиот Нацрт-план за просторно планирање на Владата на Мицкоски, изјави Весна Ристовска, координатор на советничката група во општина Пробиштип на прес-конференција.
Еве што рекоа понатму:
-Еве што значи овој план за источниот регион. Планиераниот рудник во планинскиот предел Кадиица, се наоѓа во заштитениот предел на Малешвијата, со специфично ендемски видови на растенија.
Како е можно да се планираат рудници во заштитени подрачја, без да се прикаже јасно влијанието врз природата и луѓето?
Зошто не е приложена карта на која ќе се види јасно преклопувањето на Кадиица со зоните на Малешево, водните извори, земјоделското земјиште, населените места и туристичките локалитети?
Рударските активности ќе ги загрозат водата, земјиштето и здравјето на граѓаните.
Отворањето рудник за метали на Плавица носи ризик од долгорочна еколошка катастрофа – потенцијално загадување на подземните и површинските води, уништување на биодиверзитетот и директна закана за здравјето на граѓаните.
Во просторниот план се предвидува дека Општина Пробиштип до 2040 година ќе изгуби дури 29,4% од населението и ќе се соочи со социјален колапс.
Значи, во документот се предвидува масовно иселување, а како решение за град што се празни се нуди нов површински коп за метали!
Прашуваме за кого тогаш ќе се отвора овој рудник и кој ќе работи? За увезената рака од Непал или Бангладеш?
Пробиштип е ставен во заштитениот предел на Осоговските Планини. Како тогаш ќе се усогласат заштитата на природата и тешката рударска индустрија во ист простор?
Дополнително, во планот јасно се наведува дека за постојното јаловиште од рудникот Злетово се потребни итни мерки за рекултивација и процена на здравствениот ризик за граѓаните.
Како тогаш Владата планира нова рударска експанзија со дури 90 милиони тони руда на Плавица, кога претходно не е санирана и отстранета постојната еколошка штета во Пробиштип?
И најзагрижувачки во планот се проектира дека вкупната површина под експлоатација на критични минерали во државата до 2040 година ќе се зголеми пет пати – од 2 на 10 квадратни километри.
Тоа значи проширување на рудните копови на 10 квадратни километри. Нема крајни граници на експлоатацијата.
Дали затоа минатата недела се правеа измени во Законот за животна средина и просторно планирање?
Каде ќе се канализираат овие отпадни и технолошки води?
Во Кочанскиот регион, Владата со планот проектира намалување на површините под ориз за 31%. Ова е сериозен удар врз регионот во кој се произведува еден од препознатливите брендови на македонското земјоделство – кочанскиот ориз.
Им се одзеде водата, сега им се зема и земјата на земјоделците. На крај и тие како и младите ќе се иселат. Ќе нема кој да произведува храна.
Нашата порака е јасна – веднаш да се повлече планот за изградба на рудници. Македонија не е на распродажба.
Природните богатства, водата, земјиштето и здравјето на граѓаните пред се не смеат да бидат цена за туѓи бизнис интереси.






