Мал дел завршуваат во болница, асимптоматските остануваат невидливи, а лесните никогаш нема да бидат препознаени како Западнонилска треска, вели д-р Даниловски

Фото: Фејсбук

Во Македонија досега се регистрирани осум случаи на Западнонилска треска. Сите регистрирани пациенти имале тешка, невроинвазивна форма на болеста, со зафаќање на централниот нервен систем.

Што значи тоа за Македонија свое видување даде д-р Драган Даниловски.

Тој на својот Фејсбук профил напиша:

-Оваа информација заслужува малку подлабоко епидемиолошко разгледување. Осум тешки случаи? Но, осум од колку вкупно инфекции? Тоа е прашањето што бројката сама по себе не може да го одговори. Кај инфекцијата со вирусот на Западен Нил, околу 80 проценти од инфицираните воопшто немаат симптоми. Кај приближно 20 проценти се јавува фебрилна болест, најчесто со релативно лесен тек. Тешката невроинвазивна форма се развива кај помалку од еден процент од инфицираните, а ризикот расте со возраста и кај лица со одредени хронични заболувања и нарушен имунитет. Токму тешките случаи имаат најголема веројатност да стигнат до болница, да бидат лабораториски испитани и да влезат во официјалната статистика. Асимптоматските инфекции остануваат невидливи, а дел од лесните случаи веројатно никогаш нема да бидат препознаени како Западнонилска треска. Оттука, осумте регистрирани тешки случаи се видливиот врв на епидемиолошката „санта мраз“. Под површината останува непознат број асимптоматски инфекции, лесни или неспецифични форми што не биле препознаени како Западнонилска треска, како и случаи кај лица кои воопшто не побарале лекарска помош, напиша тој и додде:

Прочитајте исто така: https://kanal77.mk/pet-novi-sluchai-na-zapadnonilska-treska-potvrdeni-ovoj-mesec/

-Без горново објаснување, објавените информации во медиумите дека „сите регистрирани случаи имале тешка, невроинвазивна форма на болеста“ лесно може да бидат погрешно прочитани како: „Западнонилската треска кај нас предизвикува тешка болест кај сите заразени“. И дека штом е така, логично, вирусот станал поагресивен. Што, се разбира, не е точно. Од особено епидемиолошко значење е и фактот што најголемиот дел од досега регистрираните случаи се автохтони. Тоа потврдува дека вирусот ова лето циркулира локално во природниот циклус птици–комарци и дека постои изложеност на населението, објасни д-р Даниловски.

Според него, во оваа фаза најважни се засилениот епидемиолошки и ентомолошки надзор, следењето на активноста на вирусот, систематската контрола на комарците и личната заштита од убоди.

Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!

-Значи, во епидемиологијата изолирана бројка сама по себе не значи ништо! Таа е почеток на анализата. Нејзиното вистинско значење го добиваме дури кога ќе прашаме од која популација произлегува, како е регистрирана и што останало невидливо зад неа. За поширокиот контекст на Западнонилската треска и другите заболувања што се пренесуваат со вектори, напиша докторот.

Даниловски потсети на негова анализа од почетокот на месецов насловена како: „Како климатските промени и векторите ја менуваат епидемиологијата на заразните болести“.

Можете да ја прочитате на следниот линк:

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ