Родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ бараат ефикасно судење и утврдување на одговорноста врз основа на доказите. Тие посочуваат дека дискотеката немала законска документација за работа и одржување концерт и дека настанот требало да биде спречен пред да започне.
Во својот став, семејствата на жртвите прашуваат како обвинетите ќе докажат дека не се одговорни за непреземањето навремени мерки, имајќи ги предвид последиците од трагедијата во која загинаа 63 лица, а 218 беа повредени.
„Концертот требало да биде спречен пред да започне“
„Дискотеката „Пулс“ немала законска документација за работа и одржување концерт. Концертот требало да биде спречен пред да започне, а опасностите навреме отстранети.
Ние, родителите на загинатите деца, прашуваме: Како ќе докажете дека вашите клиенти не се одговорни за непреземањето навремени мерки, кога последиците се 63 загинати и 218 повредени?
Не бараме вина без судење, туку вистината и одговорноста да се утврдат врз основа на доказите. Бараме одбраната да не ја замајува јавноста со небитни прашања и да не ја одолговлекува постапката, туку судењето да се одвива ефикасно и да води кон утврдување на одговорноста.
Ниту една униформа или функција не смее да биде пречка за утврдување на одговорноста.“ – велат родителите.
Бараат вистината да се утврди низ судската постапка
Семејствата нагласуваат дека не бараат однапред да се прогласи вина, туку преку доказите и ефикасно водење на судската постапка да се утврди кој сноси одговорност за трагедијата.
Нивниот став повторно го отвора прашањето за навременото спречување на концертот и отстранувањето на опасностите во објектот, како и за одговорноста на сите инволвирани, без оглед на нивната функција или службена позиција.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 63 лица, а 218 беа повредени.






