„Патека на бесконечноста“ во Кочани: Семејствата бараат донации за споменикот на 63-те ангели

Семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ со јавен повик бараат поддршка од граѓаните, компаниите и институциите за реализација на проектот „Патека на бесконечноста“.
  • Меморијалниот парк ќе биде посветен на 63-те загинати во трагедијата од 16 март 2025 година.
  • Основниот проект е изработен, а семејствата повикуваат на донации за изградба.
  • Собраните средства ќе бидат наменети исклучиво за реализација на меморијалниот парк.

Иницијативата ја покрена Здружението на граѓани „16-ти Март 2025 – Кочани“, кое ги обединува семејствата на жртвите. Меморијалниот парк е замислен како трајно место за сеќавање на 63-те млади луѓе кои ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“, но и како потсетник на нивните имиња, животи и неостварени соништа.

Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!

„Патека на бесконечноста“ – меморијален парк за 63-те загинати

Од здружението велат дека идејата за меморијалниот парк произлегла од љубовта и потребата на семејствата споменот за нивните најблиски да го зачуваат за идните генерации.

„Ова не е само проект за изградба на меморијален парк. Ова е наша родителска и семејна љубов преточена во дело. Наш завет дека нивните имиња, нивните соништа и споменот за нив ќе живеат вечно“, наведуваат семејствата во јавниот повик.

Според нивната замисла, „Патека на бесконечноста“ ќе биде место на тишина, молитва и сеќавање, каде што имињата на 63-те загинати ќе останат запишани за вечноста.

„Основниот проект е изработен. Пред нас е најголемиот предизвик — заеднички да ја оствариме оваа замисла“, посочуваат од здружението.

Како може да се донира за изградбата?

Семејствата ги повикуваат граѓаните, компаниите, институциите и организациите од земјава и странство да се вклучат во реализацијата на проектот. Посочуваат дека не е важна висината на донацијата, туку поддршката и човечноста што стојат зад неа.

За донации во денари е отворена наменска сметка во УНИБанка АД Скопје.

Податоци за уплата во денари:

  • Примач: Здружение на граѓани „16-ти Март 2025 – Кочани“
  • Банка: УНИБанка АД Скопје
  • Наменска сметка: 240130121745838
  • Назнака: Донација за „Патека на бесконечноста“

Податоци за девизни уплати:

  • Beneficiary: ZDRUZENIE 16TI MART 2025 KOCANI
  • IBAN: MK07240130121745838
  • SWIFT/BIC: UIBMMK22XXX
  • Bank: Universal Investment Bank AD Skopje (UNIBANK)
  • Payment reference: Donation – Path of Infinity Memorial Park

Најавена транспарентност за собраните средства

Од здружението уверуваат дека сите собрани средства ќе бидат искористени исклучиво за изградба на меморијалниот парк „Патека на бесконечноста“. Најавуваат транспарентно и отчетно управување, како и известување за наменското користење на донациите.

Заинтересираните граѓани, компании и организации кои сакаат да добијат дополнителни информации, проектна документација или да разговараат за можностите за поддршка, можат да се обратат на електронската адреса [email protected].

„Ова е иницијатива на семејствата, но сеќавањето на нашите 63 ангели е одговорност на целото општество“, порачуваат од здружението.

Семејствата повикуваат граѓаните да донираат и да го споделат повикот, со цел „Патека на бесконечноста“ да стане траен спомен за 63-те животи изгубени во трагедијата во Кочани.

Слушајте го Канал 77 радио во живо КЛИКНЕТЕ ТУКА

(Каровски М.)

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ