Поради дојава за бомба, авион на лет од Даблин за Рим пренасочен во француската база Евре

Поради дојава за поставена бомба, авион „Ербас А320“ на линијата Даблин – Рим денеска е пренасочен во воената база на Француското воено воздухопловство и вселенски сили, Евре во Нормандија, соопшти кабинетот на францускиот премиер Себастијан Лекорни.

Во соопштението се наведува дека е пренасочен авион на лет од Ирска до Италија, како и дека ситуацијата се следи „во реално време“ и во согласност со утврдените процедури, пренесува „Фигаро“.

Не беа соопштени податоци за бројот на луѓе во авионот или за операциите што се во тек. Како што јави „Јуроњуз“ повикувајќи се на податоци од веб-страниците за следење на летовите, пренасочениот авион ѝ припаѓа на ирската компанија „Ер Лингус“.

Во вторникот, околу десет комерцијални летови во Европа беа мета на лажни закани за бомби, според соопштението на властите во земјите каде што се случија заканите.

Најмалку четири летови на компанијата „Рајанер“ тогаш беа цел на дојава за поставени бомби, како и авиони на компаниите „САС“, „ЛОТ“ и „Визер“. Овие закани доведоа до безбедносни проверки, пренасочување на летовите и краткотрајни затворања на аеродромите.

На римскиот аеродром „Фиумичино“, два авиона на компанијата „Рајанер“ беа прегледани по анонимна дојава за поставени бомби, а авион на компанијата „ЛОТ“, кој полетал од аеродромот „Лондон-Хитроу“, беше пренасочен од аеродромот „Варшава-Шопен“ на аеродромот „Варшава-Модлин“.

Во Бугарија во вторникот исто така беа прегледани два авиона кои пристигнаа во Софија, а еден ден пред тоа, лет на компанијата „Визер“ од Лондон Лутон за Софија мораше да изврши принудно слетување во Будимпешта, во придружба на два унгарски борбени авиони, поради иста таква закана. МИА

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ