„Предупредете ги медиумите да не ме бараат“ – популарниот доктор јавно го замоли министерот за здравство

Микробиологот Никола Пановски јавно побара од министерот за здравство да ги предупреди медиумите повеќе да не го бараат за изјави и стручни совети, наведувајќи дека по неговите јавни настапи следуваат кратки видеа и реакции на социјалните мрежи, за кои, како што вели, не е одговорен. Реакцијата на професорот следеше по вчерашната изјава на новиот министер за здравство, Сашо Клековски, кој ги нарече „слободни јавачи на епидемијата“ докторите кои јавно повикаа на мерки и реакции од институциите, откако повеќе од 3000 луѓе заболеа во Гостивар.

„Јавно го замолувам министерот за здравство да ги предупреди медиумите да не ме бараат повеќе за совети и изјави. По моите настапи одат кратки видеа, па лајкови и слично. Лајковите не зависат од мене, туку од медиумите“, порача тој.

Во обраќањето тој потсети и на, како што ги нарече, своите претходни совети во врска со актуелната состојба. Наведе дека неговиот прв предлог – да се прогласи епидемија – бил прифатен десет часа откако го изнел, но смета дека одлуката требало да биде донесена два дена порано.

Како втор совет го посочи барањето резултатите веднаш да бидат објавени, додавајќи дека и тоа, според него, било прифатено од Основното јавно обвинителство по десет часа.

Тој, исто така, отвори прашање зошто за присуството на фекални бактерии во јавноста зборуваат лица кои не се доктори по медицина и даваат, како што рече, „хипотетички“ одговори.

На крајот, со доза на иронија, порача дека покрај епидемиолозите и инфектолозите, во јавните настапи треба да бидат вклучени и стоматолози.

„Мој последен совет – покрај епидемиолози и инфектолози, ставете и стоматолози“, порача д-р Пановски.

Новиот министер за здравство, Сашо Клековски со вчерашната изјава влезе во конфликт со неколку познати доктори, кои јавно пишуваа или даваа изјави за епидемијата во Гостивар. Реагираа од партијата Левица:

„Клековски се осмелува да ги прекорува професорите од кои учел, докторите и специјалистите кои имаат реална клиничка практика, иако неговата професионална биографија покажува дека е поврзан со раководење со невладина организација и консултантска работа, а не со долгогодишно лекување пациенти во болнички ординации“, реагираа од Левица во критиката и до ВМРО ДПМНЕ за кадровската политика, потсетувајќи дека на чело на Институтот за јавно здравје е поставена Марија Андоновска, која е стоматолог по професија.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ