Прилеп – градот што рециклира, но сè уште плаќа илјадници евра за отпадот

Прилеп троши 70 илјади евра годишно за отпад што повторно се враќа
Прилеп - градот што рециклира, но сè уште плаќа илјадници евра за отпадот
  • Локалното население бара казни за несовесните граѓани наместо постојано нови акции за чистење, укажувајќи на слабости во инспекциската контрола
  • И покрај тоа што 49% од домаќинствата селектираат отпад и градот инвестира во нови канти, возила и фабрика за селекција кај Алинци, проблемот со дивите депонии останува нерешен додека не се воспостави регионалниот центар во Новаци
  • Според истражувањето на „Пакомак“ од март годинава, во кое биле опфатени 1.200 испитаници од повеќе градови, 49 отсто од анкетираните граѓани во Прилеп изјавиле дека селектираат амбалажен отпад

Додека Прилеп се претставува како еден од градовите со најразвиена навика за селекција на отпад, на неговите периферии и понатаму никнуваат диви депонии. За нивно расчистување, секоја година се издвојуваат значителни средства од општинскиот буџет, пари кои наместо за други јавни потреби, повторно завршуваат во чистење на отпад што веќе еднаш бил отстранет.

Според податоците од ЈКП „Комуналец“- Прилеп, во 2024 година за одржување на јавната чистота биле предвидени и потрошени 4,8 милиони денари, во 2025 година 3,6 милиони, додека за 2026 година биле планирани 4,25 милиони денари или околу 70 илјади евра.

Дива депонија во Прилеп

Но, до август годинава, потрошени се 4.222.575 денари, односно остануваат уште 60 тина илјади денари до крајот на годината за таа намена од  планираниот износ. Од ЈКП „Комуналец“ – Прилеп, велат дека до крајот на годината ќе мора да се обезбедуваат дополнителни средства од сопствени ресурси за одржување на јавните површини. А, во општината сеуште има околу 30 активни и пасивни диви депонии. Некои од локациите се чистат и повеќепати. Само кај Дабнички завој, во близина на историскиот споменик кај Дабница, депонијата бил расчистувана по четврт пат. Тоа го отвора главното прашање: зошто системот не успева да спречи отпадот повторно да се појави на истите места?

Слушајте радио во живо

                     „Казни, а не нови акции за чистење“ бараат прилепчани

На социјалните мрежи, особено во локалните Фејсбук-групи и на објавите на ЈКП Комуналец, текстовите и фотографиите од натрупан отпад покрај контејнерите, на периферијата на градот и на познатите локации за диви депонии, редовно предизвикуваат реакции кај граѓаните.

Прочитајте и за ова:

Македонија е полна со природни убавини, треба да му ги покажете на светот, тоа носи и економска придобивка, посоветува Вајц

Дел од нив не бараат само повторно чистење, туку казни за оние кои го оставаат отпадот на недозволени места. Во коментарите се повторува ставот дека ако истите места постојано се чистат, а отпадот повторно се појавува, проблемот не може да се реши само со нови акции на комуналното претпријатие.

„Зошто постојано се чисти истото место, а никој не се казнува?“, „Не е проблемот во контејнерите, туку во несовесните граѓани“, „Кога ќе има казни, ќе престане фрлањето отпад“, “Се’ е без предметно кога Прилеп фактички ,,нема“ комунални инспектори и нема високи казни. Од ,,кревка“ политичка демагогија целиот градот, со вакви несовесни граѓани, ќе биде депонија.“ – се дел од реакциите што граѓаните ги објавуваат на социјалните мрежи.

Други, пак, укажуваат дека не е доволно само да се казнуваат граѓаните, туку институциите треба да обезбедат подобра контрола и редарска служба. Токму ова, го отвора прашањето “каде завршува одговорноста на граѓанинот, а каде започнува одговорноста на институциите?“

Од „Комуналец“ веќе укажуваат дека се потребни системско решение и поголеми казни за несовесните граѓани и бизниси, додека Општина Прилеп најавува и зајакнување на инспекциските капацитети.

Други, пак, укажуваат дека не е доволно само да се казнуваат граѓаните, туку институциите треба да обезбедат подобра контрола и редарска служба. Токму ова, го отвора прашањето “каде завршува одговорноста на граѓанинот, а каде започнува одговорноста на институциите?“

Од „Комуналец“ веќе укажуваат дека се потребни системско решение и поголеми казни за несовесните граѓани и бизниси, додека Општина Прилеп најавува и зајакнување на инспекциските капацитети.

Прочитајте на темата:

СВР Скопје ја откри и санкционираше жената која фрлаше отпадоци во Лепенец

                  49% ( отсто)  селектираат отпад, но сликата на терен е поинаква!

Парадоксот станува уште поголем ако се споредат дивите депонии со резултатите од истражувањето на „Пакомак“.

Според истражувањето спроведено во март 2026 година, во кое биле опфатени 1.200 испитаници од повеќе градови, 49 отсто од анкетираните граѓани во Прилеп изјавиле дека селектираат амбалажен отпад. Кај оние кои селектираат, најчесто се издвојуваат пластичните шишиња, 70,8 отсто, потоа различни видови пластична амбалажа со 46,6 отсто, стакло со 45,7 и хартија со 30,7 отсто. Тоа покажува дека кај половина од домаќинствата селекцијата веќе станува навика.

Но, паралелно со тоа, комуналните служби продолжуваат да се соочуваат со отпад оставен покрај контејнери, на периферии, покрај патишта и на веќе познати локации на диви депонии. Дали проблемот е во недоволната инфраструктура, навиките на дел од граѓаните, контролата или во тоа што системот сè уште не е целосно заокружен? Одговорот веројатно не е само во една од овие причини.

8.318 канти, нови возила и фабрика за селекција на отпад кај Алинци – дали инфраструктурата ќе ја смени сликата?

Во последниот период градот вложува во проширување на системот за селекција. За прилепските домаќинства се обезбедени 8.318 канти од 120 литри жолта и зелена канта  за примарна селекција на отпад. Дополнително, градот доби  126 нови контејнери, како и специјализирани возила за собирање отпад. За само осум дена од почетокот на јавниот повик за добивање на канти за селекција на отпад, се пријавиле 286 домаќинства кои сакаат да се приклучат во системот на селектирање на отпад.

Прилеп има и 48 иглу-контејнери за стакло, наменско собирно место за електричен и електронски отпад и текстил. Но, најголемото очекување е поврзано со фабриката за секундарна селекција на отпад кај градската депонија Алинци.

Објектот има 1.300 квадратни метри затворен простор со линија за селекција и дополнителни 5.980 квадратни метри надворешен простор за прием, манипулација и складирање на селектираните материјали. Фабриката сè уште не е во функција. Како една од последните пречки се наведува електричното напојување.

Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски најавува дека капацитетот, покрај потребите на Прилеп, би можел да биде користен и комерцијално, за селекција на отпад од други општини, бидејќи фабриката за селекција на отпад ги надминува капацитетите на дневното на производство отпад од Прилеп. 

-Фабриката би имала капацитет да преработува отпад од 10 тони на час, што значи дека општина Прилеп и граѓаните ќе плаќаат минимални надоместоци во идниот проект, односно во одлагањето на остатокот од отпадот кој што не може да биде, селектиран и рециклиран и  да оди на одлагање во регионалната депонија во Новаци. Значи, дека ние, на долг рок сме постигнале едни исклучително добри услови, не само за подобрување на квалитетот на животната средина, туку и директно намалување на трошоците на секој семеен буџет со тоа што го правиме во овие изминати 15 тина години, вели Проданоски, и додава дека се работи на дополнително подобрување на инфраструктурата.

-Од левата страна по течението на реката треба да направиме кејски ѕид, кејска улица и тоа да биде пристапниот пат до новиот собирен центар кој што треба да биде во управување на ЈКП Комуналец. На почеток би имало пет фракции за одлагање, доставување на отпадот од самите граѓани. Главна цел на сите европски, светски градови е да се постигне циркуларна економија, а ние како општина Прилеп сме најблиску до постигнување на овие резултати“  посочува првиот човек на Општина Прилеп, Дејан Проданоски.

Новаци треба да стави зелена точка на системот, но роковите сеуште се пред нас!

Најголемата промена не треба да се случи само во Прилеп, туку на регионално ниво. Планираниот Регионален центар за управување со отпад во Новаци треба да опслужува околу 350.000 жители од Пелагонискиот и Југозападниот регион. Планот предвидува централна депонија, четири претоварни станици и повеќе собирни центри. Целта е затворање на 16 постојни нестандардни депонии.

За проектот е формиран меѓуопштински одбор со учество на сите 18 општини: Битола, Демир Хисар, Долнени, Кривогаштани, Крушево,Могила, Новаци, Прилеп, Ресен, Вевчани, Дебар, Дебрца, Кичево, Македонски Брод, Охрид, Пласница, Струга и Центар Жупа, а во следната фаза треба да се формира и регионално комунално претпријатие. До изградбата на регионалниот центар, селектираните материјали како пластика и метал треба директно да се предаваат на компании за рециклирање.

Според најавите од Министерството за животна средина, тендерот за изградба на регионалната депонија би можел да биде распишан кон крајот на 2026 или почетокот на 2027 година, додека претоварните станици би требало да бидат опфатени со постапка и порано. Една од нив е предвидена и во Прилеп.

Во меѓувреме, во општините се поставува нова инфраструктура, се набавуваат возила и се проширува селекцијата. Регионалниот проект, поддржан и преку Европската банка за обнова и развој, се проценува на околу 11 милиони евра и треба да опфати повеќе од 400.000 жители од 18 општини.

Но, додека системот се гради, дивите депонии остануваат реалност

И, токму тука е суштината на приказната! Прилеп веќе има значителен број граѓани кои селектираат отпад, нови канти, контејнери, возила и фабрика за селекција на отпад која треба да започне со работа. Сепак, истовремено секоја година се трошат милиони, милиони денари за расчистување на отпад на диви депонии кој повторно се појавува.

Затоа вистинскиот тест нема да биде само колку отпад ќе се селектира, туку дали новиот регионален систем конечно ќе успее да го прекине кругот: отпад – дива депонија – чистење – повторно отпад.

Ако тоа се случи, тогаш Новаци, фабриката кај Алинци и новите канти нема да бидат само нова инфраструктура, туку дел од систем што навистина го менува начинот на кој Прилеп и регионот се справуваат со отпадот.

Гордана Цветаноска и Елизабета Филипоска, Радио Пела

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ