АЛТА банка АД Битола: Парите на граѓаните се сигурни, не сме предмет на политички притисоци и пресметки како во Србија

Фото: МИА

Народната банка на Србија (НБС) објави дека ја одземала лиценцата за работа на Алта банка а.д. Белград, како и дека Агенцијата за осигурување на депозити ќе биде назначена за стечаен управник со судска одлука. Извршниот одбор на НБС изјави дека на одземањето на лиценцата му претходеле контролни активности насочени кон зголемување на нивото на ликвидност на банката. Утврдено е дека во претходниот период, финансиската состојба на банката значително се влошила и дека постои можност за дополнително влошување на финансиската состојба или ликвидноста на банката, а во врска со тоа, интересите на штедачите на банката се во опасност, пишува Еуроњуз.

Имајќи предвид дека се исполнети условите за одземање на лиценцата за работа на банката, во согласност со Законот за банки, НБС донесе одлука да ја одземе лиценцата за работа на таа банка со цел да ги заштити интересите на штедачите и да ја зачува стабилноста на финансискиот систем, беше објавено.
НБС изјави дека штедачите на Алта банка ќе бидат навремено информирани, што е можно поскоро, од која банка ќе можат да ги подигнат своите депозити до осигурениот износ од 50.000 евра, како и за начинот на пријавување на нивните други побарувања и нивното плаќање.

Оваа информација ја разбранува јавноста и во Македонија, по што од АЛТА банка АД Битола испратија соопштние во кое се вели:

-Во контекст на најновите случувања поврзани со АЛТА банка во Република Србија, АЛТА банка АД Битола ја информира јавноста дека Банката е самостојно правно лице, регистрирано во Република Северна Македонија, кое работи согласно домашната законска регулатива и е под непосредна супервизија на Народната банка на Република Северна Македонија.

АЛТА банка АД Битола е ликвидна и продолжува со редовно и непречено работење. Сите експозитури и банкомати во вообичаениот режим, а клиентите имаат непречен пристап до своите средства. Клиентите можат слободно да располагаат со своите депозити, да подигнуваат готовина и да ги извршуваат сите банкарски трансакции, согласно вообичаените услови на работење.

Настаните поврзани со банката во Србија не значат автоматски промена на финансиската состојба или правниот статус на АЛТА банка АД Битола.

Дополнително, нагласуваме дека околностите во Република Северна Македонија се суштински различни од оние во Србија. АЛТА банка АД Битола не е предмет на политички притисоци и пресметки од карактерот на оние што ги одбележаа случувањата во Србија. Банката работи врз основа на професионални, деловни и регулаторни принципи.

Банката располага со сопствен капитал, средства и обврски, а нејзиното работење е под континуирана супервизија на Народната банка.

Депозитите на физичките лица се осигурени преку Фондот за осигурување на депозити, согласно законските услови и лимити.

Ги уверуваме нашите клиенти дека Банката продолжува со редовно работење и исполнување на своите обврски. Нивните средства им се достапни и нема ограничувања во користењето на банкарските услуги надвор од вообичаените услови на работење.

АЛТА банка АД Битола останува посветена на заштитата на интересите на своите клиенти, финансиската стабилност и одржувањето на довербата.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ