- Кандидатите ќе можат да се пријавуваат на 12 факултети и три академии
- Најголем интерес досега има за медицинските и информатичките студии
- УГД повторно нуди ослободување од партиципација за најдобрите кандидати
УГД-Штип првиот уписен рок за додипломски студии го организира на 19, 20 и 21 август. Прелиминарните резултати ќе бидат објавени на 26 август, а конечните решенија за прием на 31 август.
Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!
УГД-Штип очекува поголем интерес за упис
Ректорот Дејан Мираковски на денешната прес-конференција информираше дека системот за електронско пријавување веќе е активен. Според досегашните податоци, интересот е поголем во споредба со истиот период минатата година.
„Системот за електронско пријавување е веќе отворен и активен. Имаме над 1560 пријави или некаде околу 28 отсто повеќе пријавени кандидати од истиот период лани. Кандидатите може да ги поднесуваат пријавите електронски, може и директно да ги донесат документите. Наши тимови се веќе подготвени и присутни на работните места и ќе ги сервисираат сите потреби како и досега за пријавување на студентите за упис. Документите ќе се примаат не само во Штип, туку и во Струмица“ – вели Мираковски.

Кои факултети на УГД-Штип се најбарани?
На УГД-Штип за академската 2026/2027 година има вкупно 1.692 места во државна квота. Дополнително, предвидени се 972 места за студенти со кофинансирање и 735 места за вонредни студенти.
Според досегашното електронско пријавување, најголем интерес има за Факултетот за медицински науки. Следуваат Факултетот за информатика, Економскиот и Правниот факултет. Интерес има и за техничките факултети.
За најдобрите кандидати повторно се предвидени можности за ослободување од партиципација.
„Би сакал дополнително да додадам дека и оваа година, како и другите години, за најдобро рангираните кандидати што се пријавуваат во првиот уписен рок ќе имаме ослободување од партиципација, за кандидатите што имаат повеќе од 80 поени, и тоа на 20 студенти на Медицинскиот факултет, односно 10 на Општа медицина и по пет на фармација и дентална медицина, на Факултетот за информатика 10, Земјоделски 10, Факултет за природни науки и технички науки 10, Економски факултет 10, Правен факултет 10, Факултет за туризам и бизнис логистика 10, и по пет студенти на Електротехничкиот, Машинскиот, Технолошкиот и Факултетот за образовни науки. Музичката академија исто така по пет, а Ликовната и Филмската по два студенти се ослободуваат од партиципација. И оваа година исто на Филолошкиот факултет, односно групата за македонски јазик, ќе имаме целосно ослободување на студентите кои што ќе се запишат, за да студираат целосно бесплатно сите четири години, како поддршка за изучување на македонскиот јазик“ – подвелече Мираковски.

Ослободувањето од партиципација е предвидено за најдобро рангираните кандидати со повеќе од 80 поени. Посебна можност има и за студентите кои ќе се определат за македонски јазик, кои според најавата ќе можат да студираат бесплатно во текот на сите четири години.
УГД привлекува и странски студенти
Ректорот ги повика заинтересираните кандидати навремено да се информираат за роковите и можностите што ги нуди универзитетот.
„Ние остануваме посветени на квалитетно образование, транспарентност и поддршка на младите таленти. Универзитетот „Гоце Делчев“ станува атрактивен веќе подолг период за студенти од повеќе земји, посебно за земјите од опкружувањето. Имаме пријавено студенти од Србија, од Грција, од Бугарија. Посебно од Србија има интерес во одредени сфери-рече Мираковски.“
Според него, најголем дел од пријавените странски студенти се од Република Турција. Интерес има и од земји членки на Европската Унија.
Причината, како што посочи Мираковски, се и студиските програми кои се изведуваат на англиски јазик и кои се привлечни за странските кандидати.
Рокот за пријавување во првиот уписен рок е 19, 20 и 21 август. Прелиминарните резултати ќе бидат објавени на 26 август, конечните решенија на 31 август, а запишувањето на примените кандидати ќе се одвива на 1, 2 и 3 септември.
Слушајте го Канал 77 радио во живо:
https://radio.kanal77.mk/
(К.М.)






