Археолошките сознанија за Баргала, собрани во текот на шест децении истражувања, се обединети во новата книга на професорот Трајче Нацев. Публикацијата „Епископскиот град Баргала“ беше промовирана денеска во Штип и претставува преглед на резултатите од истражувањата на овој значаен археолошки локалитет, од 1966 до 2026 година.
Авторот, кој е професор на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“, во книгата ги опфатил сопствените истражувања, но и откритијата и сознанијата на археолозите кои работеле на локалитетот пред него.

„Оваа книга излегува токму по 60 години од првите археолошки истражувања на локалитетот Баргала. Истражувања кои ги започна академик, проф. д-р Блага Алексова, потоа ги продолжи мојот колега Звонко Белдедовски и мојата маленкост, бидејќи во Завод и Музеј на град Штип работев сè до 2011 година“, рече Нацев.
Зошто Баргала е епископски град?
Називот на книгата не се темели само на архитектонските остатоци пронајдени на локалитетот. Според Нацев, историските и епиграфските извори се важен дел од доказите за епископскиот статус на Баргала.
Меѓу нив се споменува учеството на еден од епископите на Баргала на Халкидонскиот вселенски собор во 451 година, како и името на епископот Хермија, врежано на капителот кај главниот влез во епископската базилика.
„Епитетот доцноепископски град Баргала не го добива само врз основа на откриените ранохристијански објекти, туку и врз основа на историските и епиграфските податоци кои ги имаме во Баргала“, објасни Нацев.
Две децении работа преточени во значајна публикација
За значењето на книгата говореше и нејзиниот промотор Бошко Ангеловски од Институтот за старословенска култура во Прилеп. Тој оцени дека Нацев во публикацијата ги систематизирал резултатите од долгогодишниот професионален ангажман, и на терен и во научната работа.
Според Ангеловски, книгата ги обединува искуствата и најновите сознанија на авторот, заокружувајќи повеќе од две децении посветена работа на Баргала.
Со ова издание, досегашните археолошки сознанија за локалитетот добиваат заедничка научна рамка, значајна за проучувањето на неговото историско и рано христијанско наследство.






