- Според родителите, полициските службеници од Пробиштип изјавиле дека не биле информирани за целта и точките на акциската контрола.
- Тие прашуваат кој требало да ги координира службите и кој ја презел одговорноста.
- Бараат одговор дали навремена реакција и организирана евакуација можеле да спасат животи.
Родителите на загинатите во „Пулс“ во соопштението наведуваат дека секое судско рочиште за нив претставува повторно преживување на трагичната ноќ од 16 март 2025 година. Велат дека наместо одговори, во судницата слушаат паушални објаснувања, префрлање вина и повикувања на „усни наредби“.
Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!
Родителите прашуваат кој ја координирал полициската акција
Во реакцијата тие посебно го издвојуваат исказот дека полициските службеници од Пробиштип не биле информирани за целта и точките на акциската контрола.
„Дали е професионално да се спроведува акција без соодветна информираност и координација на службите? Кој требало да знае, кој требало да постапи и кој ја презел одговорноста?“, прашуваат родителите.
Тие сметаат дека мора да се утврди дали подобра координација, професионално постапување и организирање коридор за евакуација можеле да придонесат за спасување човечки животи.
Во соопштението пренесуваат и сведоштво што, како што наведуваат, една мајка им го раскажала претходниот ден. Нејзината ќерка, една од повредените во пожарот, во моментот кога се урнал ѕидот од гипс-картон слушнала дете кое викало: „Тетко, многу сум исплашен!“
Родителите велат дека ваквите сведоштва дополнително ја засилуваат болката и прашањата за последните моменти на нивните деца и за тоа дали можело да се направи повеќе за нивно спасување.
„Нашите деца немаа право на втора шанса“
Во острата реакција, родителите нагласуваат дека обвинетите имаат право на одбрана, но дека нивните деца не добиле можност за втора шанса.
„Додека вие барате оправдувања, ние во мислите ги слушаме последните крици на нашите деца!
Вие имате право на одбрана. Нашите деца немаа право на втора шанса!“
Тие упатуваат критика и кон полициската служба, потсетувајќи дека нејзината основна задача е да спречува трагедии и да ги заштитува граѓаните.
„Полицијата не е погребална хроника! Нејзината должност е да спречува трагедии и да спасува животи, а не по трагедијата да објаснува кој не знаел, кој не бил информиран и кој не бил надлежен“, наведуваат родителите.
Со реакцијата повторно бараат да се утврди институционалната одговорност за трагедијата во која загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
„63 згаснати животи. 63 семејства со доживотна болка“, завршуваат во соопштението.
Слушајте го Канал 77 радио во живо КЛИКНЕТЕ ТУКА
(Каровски М.)






