Веќе неколку дена гори Градската депонија во Кочани, за што општината оцени дека е намерно запалена и е дело на несовесни граѓани. Екипи на КЈП „Водовод“ и од општината се на терен на локализирање и гаснење на пожарот.
Изутрината заседаваа Штабот за заштита и спасување при Општина Кочани и Локалниот совет за превенција. Единствена точка на дневен ред беше заштита и превенција од пожари – со посебен акцент на состојбата со Градската депонија во Кочани.
Градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов, кој воедно е командант на Кризниот штаб оцени дека состојбата на Градската депонија е алармантна и е ангажиран максимален капацитет на човечки ресурси и механизација за да се запре пожарот.
Од заедничката седница, како што информираа од Општината Кочани беше наложено сите институции кои имаат надлежности во делот на превенција и заштита од пожари, координирано и заеднички со сите ресурси што им се стојат на располагање да се вклучат со конкретни активности за превенција и заштита од пожари на подрачје на Општина Кочани.
Ви заклучоците е нагласено:
„Задолжително да се активираат заеднички патроли на критичните места на патните правци кон населените места во ридско-планинскиот регион на Општина Кочани, со цел превентивно да дејствуваат сите граѓани што се движат кон овие населени места, со тоа што ќе се делат летоци како укажување на обврските што ги имаат во делот на превенција и заштита од пожари; Да се бараат начини и финансиски средства за обезбедување специјализиран дрон со термални камери со кои редовно ќе се врши контрола на терените подложни за избивање на пожари, соопшти Општина Кочани.
Во врска со настанатиот пожар на Градската депонија, заклучокот е под итно да се преземат сите неопходни мерки за ставање под контрола и гасење, а во исто време се апелира до граѓаните да престанат со палење на стрништата и со други дејствија што предизвикаат пожари бидејќи тоа е казниво со закон.






