„Скорпиони“ одбележуваат три децении од препознатливото име
Баталјонот потсетува на корените од 14. младинска бригада
Подготовки за најголемата меѓународна вежба во Македонија
Вториот пешадиски баталјон со особена чест и гордост го одбележа својот ден, посочувајќи ја важноста на историјата, традицијата и генерациите припадници кои со труд, храброст и пожртвуваност го граделе патот на единицата.
Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!
Командантот на Вториот пешадиски баталјон, потполковник Ристо Стоев, истакна дека корените на единицата се поврзани со 14. младинско македонска народноослободителна ударна бригада „Димитар Влахов“.
„Токму на 17 септември 1944 година, во селото Митрашинци, Беровско, е формирана оваа бригада, составена од речиси 700 борци, главно младинци од Беровско, Делчевско, Кочанско, Радовишко и Штипско. Таа била дел од борбениот состав на Народноослободителната војска на Македонија, а подоцна и на 48. македонска дивизија. Како единица што ги продолжува и негува борбените традиции на оваа славна бригада, денес со особена почит се навраќаме на нејзиниот борбен пат, на храброста и пожртвуваноста на нејзините припадници и на нивниот придонес во завршните операции за ослободување на Македонија“ – рече Стоев.

„Скорпион“ – симбол на припадност, борбен дух и професионализам
Стоев се осврна и на почетоците на единицата, посочувајќи дека од првите години на Армијата таа минувала низ различни организациски трансформации. Во тој период, како што нагласи, постојано биле граделе идентитетот, обученоста и оперативната способност на баталјонот.
Од 1996 година единицата го носи препознатливото име „Скорпиони“, кое низ годините прераснало во симбол на припадност, борбен дух и професионализам.
„„Скорпиите“ не се само име. Тие се симбол на карактер. Симбол на единица што знае да биде трпелива кога треба, одлучна кога е потребно и силна кога задачата го бара тоа. Во текот на годините единицата „Скорпии“ ја потврдува својата вредност на домашен терен, но и во многубројни меѓународни вежби и операции, градејќи интероперабилност со сојузничките армии и потврдувајќи дека професионализмот и подготвеноста немаат граници. Токму затоа мотото „Чест и сила“ за нас не е само натпис. Тоа е начин на служба, начин на однесување и обврска кон единицата и кон оние што доаѓаат по нас“ – потенцира Стоев.
Во чест на 30 години од постоењето на името „Скорпии“, командантот им оддаде признание и благодарност на сите поранешни припадници на Вториот пешадиски баталјон. Тој посочи дека нивната несебичност, пожртвуваност и професионализам дале значаен придонес во градењето, развојот и афирмацијата на единицата.
Интензивна обука и успешно НАТО-оценување
Стоев истакна дека изминатата година за припадниците на баталјонот била исполнета со интензивна обука, посветена работа и постојано унапредување на борбените способности.
„Изминатата година за припадниците на Вториот пешадиски баталјон беше година на интензивна обука, посветена работа и постојано унапредување на борбените способности. Од тактичките активности и ситуациско-тактичките вежби, преку специјалистичката и функционалната обука, па сè до подготовките за НАТО-оценувањето, секоја активност имаше една цел – да бидеме подобри, пооспособени и подготвени за мисијата што ни е доверена. Особено значаен беше периодот на подготовка за вежбата „Блесок 26“. Се работеше на усовршување на тактиките, техниките и процедурите, на координацијата меѓу единиците и на усогласувањето со НАТО-стандардите. Во април, преку реализацијата на „Блесок 26“, припадниците на баталјонот, како јадро на Лесната пешадиска баталјонска група, имаа можност практично да го покажат она за што се обучуваа и подготвуваа. Успешното завршување на НАТО-оценувањето на борбената готовност и потврдата дека Лесната пешадиска баталјонска група е борбено подготвена за извршување на својата мисија претставува признание за вложениот труд на секој припадник“ – истакна Стоев.
„Блесок 27“ ќе биде најголема меѓународна вежба во Македонија
Дејан Чиплаковски, бригаден генерал, најави дека до крајот на годината продолжуваат подготовките за вежбата „Блесок 27“, која ќе се реализира во 2027 година.
Според најавата, вежбата ќе биде најголемата меѓународна воена вежба што досега е реализирана на територијата на Македонија.
„Вие, како јадро на Лесната пешадиска баталјонска група, заедно со делови од другите единици од бригадата, ќе бидете директни учесници на вежбата. Тоа повторно ќе биде круна на вашата пожртвуваност и посветеност, со што уште еднаш ќе докажеме дека сме рамо до рамо со другите НАТО-сојузници“ – рече Чиплаковски.
Тој порача дека војничката професија е тешка и ризична, бара многу одрекувања и жртви, но истовремено е благородна и достоинствена.
„Затоа ве охрабрувам да продолжите напред. Со несебичен ангажман и максимална посветеност, заедно со другите единици од бригадата, секогаш да бидеме подготвени да застанеме на браникот на татковината. Да ја сакаме и чуваме Македонија и да бидеме гарант дека можеме да се справиме со секој предизвик кој ја загрозува безбедноста на граѓаните“ – нагласи Чиплаковски.
Одбележувањето во касарната „Јане Сандански“ во Штип беше посветено на историјата и традицијата на Вториот пешадиски баталјон, но и на неговата иднина во рамките на обуката, борбената готовност и соработката со НАТО-сојузниците.
Слушајте го Канал 77 радио во живо КЛИКНЕТЕ ТУКА




