- Како и Артан Груби, Бајрами сам се предаде на преминот Блаце изутрината во 5.30 часот
- Препарим Бајрами има импресивна кариера – на само 29 години станува директор на една од најмоќните државни компании
Предавањето на поранешниот директор на Државната лотарија, Перпарим Бајрами, го коментираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, денеска при посетата на Полициската станица во Тетово. Тошковски најави дека се очекува негово изведување пред судија на претходна постапка.
„Лицето што го споменавте беше приведено на граничниот премин и потоа ќе бидат преземени сите законски мерки, додека сега е испратен во затворот во Скопско. Денес ќе биде изведен пред судија на претходна постапка. Полека, сите оние што беа во бегство се обезбедуваат и ќе се соочат со законот за да ја докажат својата невиност или Обвинителството да ја докаже својата вина“, рече Тошковски.
Слушајте радио во живо
Поранешниот директор на Државната лотарија Бајрами, идентично како и екс-вицепремиерот Артан Груби самиот се предаде изутрината на граничниот премин Блаце. Во 05:35 часот Бајрами се појави за влез во Македонија, по што беше лишен од слобода и испратен во затвор. Тој речиси две години беше недостапен за македонските органи на прогонот и против него беше распишана меѓународна потерница од декември 2024 година.
Обвинителството соопшти дека на Бајрами веќе му е определен притвор.
-По поднесено обвинение од Основното јавно обвинителство Скопје против обвинетиот се води судска постапка. За него, по предлог на јавен обвинител, веќе е определена мерка притвор која е активна. Судската постапка во која тој е обвинет за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик е во тек. Дополнително, во ОЈО Скопје во тек се уште четири постапки против него за истото кривично дело во кои се прибираат докази и се вршат вештачења, соопшти ЈОРМ.
Прочитајте и за ова:
Продолжува судењето за „Државна лотарија“: Груби меѓу осумтемина обвинети
Перпарим Бајрами дојде на чело на „Државна лотарија“ во јануари 2022 на возраст од само 29 години. Тој беше на позицијата генерален директор остана до август 2024 година. Бајрами веќе беше дел од управата на богата државна компанија. Во 2020 година, беше назначен и за член и потпретседател на Управниот одбор, односно за заменик генерален директор.
Како истакнат активист, а подоцна и функционер на ДУИ, Бајрами во својата биографија навел дека бил политички советник во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, во периодот кога Груби го водеше министерството. Груби, од друга страна, негираше дека Бајрами бил дел од неговиот кабинет. На 24-годишна возраст во 2018 година, стана политички советник во Собранието, каде што работеше и неговата сестра, Вјолца Бајрами која беше шеф на кабинетот на тогашниот претседател на Собранието, Талат Џафери.





