- Актерска кариера и Холивуд: Крис Петровски е успешен македонски актер роден во Битола, кој пораснал на Нов Зеланд, а подоцна се преселил во Лос Анџелес со стипендија на престижната Академија „Стела Адлер“. Познат е по улогите во серии како „Madam Secretary“, а неодамна стана дел и од актерската екипа на хорор филмот на Netflix, „The Boy in the Iron Box“, продуциран од Гиљермо дел Торо.
- Реалноста на животот во Лос Анџелес: И покрај тоа што игра во големи холивудски проекти и остварува соработки со светски ѕвезди, Петровски истакнува дека сè уште не може да се издржува исклучиво од глума. Поради високите трошоци во Лос Анџелес и несигурноста во индустријата, тој работи и како боксерски тренер и ментор по глума.
- Потекло и врска со Битола: И покрај тоа што поголемиот дел од животот го има минато во странство, тој културолошки се чувствува како Македонец и секогаш со многу емоции и носталгија зборува за Битола, каде што редовно се враќа и го опишува како единственото место каде што се чувствувал целосно безбедно како дете.
Уште растејќи на Нов Зеланд (каде што со своите родители се преселил како петгодишно дете), тој почнува да се занимава со актерство, но посериозно и се посветува на глумата кога на 18 години добил стипендија и се преселил во Лос Анџелес да студира актерство на Академијата за актерство „Стела Адлер“ (Stella Adler Academy of Acting), каде што подоцна и дипломирал.
Многумина го препознаваат Крис како Дмитри Петров од популарната американска серија „Madam Secretary“, улога што ја играл во повеќе сезони. Меѓу неговите други актерски остварувања се во „Ray Donovan: The Movie“, „FBI“, „NCIS“, „The Blacklist“, „The Rookie: Feds“, „Average Joe“ и „Chief of Station“. Играл покрај холивудски ѕвезди како Морган Фриман, Дени Гловер, Џесика Честејн, Вилмер Валдерама, Арон Екхарт, Олга Кириленко…
Покрај успешната кариера во американската забавна индустрија, тој е и боксерски тренер, а дава и часови по глума. Сопруг е на актерката Александра Лемус, со која го има петгодишниот син Матео.
Крис Петровски, интервју за МИА:
Кога за некоја улога ви е потребна вистинска, сирова емоција, на кој јазик таа прво ви доаѓа: на англиски, на македонски…?
-Се преселив на Нов Зеланд кога имав пет години, па долго време тоа беше македонскиот јазик, но во тинејџерските години, тоа се промени во англиски.
Како еден Македонец, кој пораснал на Нов Зеланд, се подготвува за улога на Русин?
-Татко ми, кој поголемиот дел од животот го поминал во Македонија, одлично владее многу словенски јазици. Всушност, и многу други европски јазици. Затоа, понекогаш му се обраќам нему кога добивам „руска улога“ што бара да зборувам руски. Но, со акцентот немам никаков проблем. Тој ми доаѓа сосема природно.
Слушајте радио во живо
На 18-годишна возраст заминавте во Лос Анџелес со стипендија од „Стела Адлер“. Што ве изненади во тие први месеци, за што ниту еден курс на Нов Зеланд не ве подготвил?
-Кога работев на Нов Зеланд бев навистина многу млад. Тешко е да се сетам што всушност, применував таму. Мислам дека голем дел од тоа беше само чист инстинкт. Кога дојдов во „Стела Адлер“, таму навистина ми дадоа техника преку која можев да пристапам кон кој било лик. Еден човек, по име Милтон Џастис, забележа нешто посебно во мене и одлучи да ме донесе од Нов Зеланд.
Токму тој се заложи да добијам стипендија во „Стела Адлер“. Тој ги убеди дека поседувам нешто навистина посебно, па откако направив аудиција пред нив, ми ја доделија стипендијата. Тој беше човекот што ми даде навистина цврста техника.
Прочитајте и за ова:
Дејан Дуковски: Фестивалот „Војдан Чернодрински“ има многу важна улога за мене како автор
Кој или што ви претставуваше „дом“ во тој град во текот на првата година, и за кои желби или стравови никому не сте му кажале?
-Првите неколку месеци живеев кај Милтон Џастис. А она што никому не му го кажав беше дека го мразев Лос Анџелес. Бев исплашен и сакав да се вратам дома. Особено додека живеев во делот на Холивуд. Таму не е сè онака како што е прикажано во филмовите. Тоа е валкано место, полно со скршени луѓе и изгубени соништа. Тоа е спој на екстремно богати и екстремно сиромашни луѓе.
Никогаш не знаеш во кого можеш да имаш доверба, освен ако добро не ја познаваш средината. Милтон ми покажа сè. Ми понуди сместување кај него, како и место во училиштето. Сè му должам на овој човек, бидејќи ми даде шанса. Тој виде во мене нешто што јас самиот не можев да го видам на 18-годишна возраст, а мојот најголем страв беше дека ќе го разочарам него, како и моето семејство, доколку се откажам и се вратам дома.
Колку време ви беше потребно за да можете да живеете само од актерството?
-Ќе бидам искрен со вас. Сè уште не можам да се издржувам само од глума. Многу луѓе мислат дека штом ќе добиеш улога во некоја серија или голем филм, ќе бидеш обезбеден за многу години. Но, актерите во Холивуд во моментов жестоко протестираат, барајќи плати што овозможуваат нормален живот.
Однадвор, работите изгледаат одлично, бидејќи ги гледаме само најголемите ѕвезди, па добиваме впечаток дека сите заработуваат толку многу. Но, тие се помалку од еден процент од индустријата. Да не ме разберете погрешно – јас добро заработувам, но Лос Анџелес е еден од најскапите градови во светот, а имам и семејство и дете за кое треба да обезбедам образование.
Здравствената заштита е лоша, а нормалната егзистенција чини цело богатство. Затоа, реалноста е дека се снаоѓам така што, покрај другото, работам како ментор на други актери и им го пренесувам своето знаење. Тоа ми дава слобода да можам да заминам и да снимам некоја серија или филм, секогаш кога ќе добијам понуда за улога.
Покрај актерството, на IMDb сте наведени и како сценарист, режисер и продуцент. Каква приказна не ви нудат како актер, па морате сами да ја напишете?
-Тоа е навистина интересно прашање. Бев толку зафатен со глума во проекти на други луѓе, што всушност, немав време да застанам и да се запрашам: „Што сакам јас?“. Мислам дека кога ќе дојде вистинскиот момент, ќе знам што да напишам за себе.
Една работа што ја имам како искуство е боксот. Тренирав долги години, па дури имав и неколку аматерски борби додека живеев во Њујорк, во текот на тие шест години. Мислам дека ликот би бил сличен на Роки. Ја сакам приказната за аутсајдерот – некој кој почнува од ништо и создава нешто од својот живот. Можеби токму за тоа би била приказната. Ме натеравте да размислувам за тоа.
Прочитајте уште на темата:
Христијан Мицевски, Македонец од Биркбек – третиот британски универзитет за политички студии
Ако утре ви пристигне сценарио од татковината, кој би бил вашиот услов за да го прифатите, а што би ве навело да го одбиете?
-Приказната и ликот. Дури и ако проектот не е исклучително добро платен, секогаш можам да го препознаам потенцијалот во навистина одличен лик и приказна. Денес се снимаат многу филмови со помал буџет, но доколку имаат навистина одлична приказна, тие можат да постигнат голем успех. Значи, секогаш тоа е пресудно.
Во средното училиште во Нов Зеланд игравте во Хамлет. Кој дел од тој лик го разбирате поинаку денес, со животно искуство од три земји?
-Озлогласениот говор на Хамлет „да се биде или да не се биде“ е за толку многу работи и секој може да го толкува различно во сопствениот живот. Идејата да се преземе акција или да не се преземе акција… ова е навистина начин на живот. Можеби смислата на животот.
Дали да седиме и да не правиме ништо или да преземаме акција и да му дадеме смисла на животот? Ми се допаѓа оваа идеја и одбирам да му дадам смисла, бидејќи од него научивме што се случува кога не го правиме тоа.
Вашите први појавувања на филмски сет беа додека сè уште бевте студент. Што научивте тогаш, само набљудувајќи ги другите како работат, нешто што никој подоцна не ви го кажал директно?
-Дека сите едноставно даваат сè од себе и дека никој не знае како ќе испадне што било во еден филм. Дека најдобриот пристап кон кој било лик е да се понудат различни опции при глумењето. Така нема да заглавите во само еден начин на играње. На тој начин, на монтажерот и на режисерот им давате избор. Така тие можат да го направат филмот, а и вашиот лик, поинтересни. Можеби дури и подобро да ја раскажат приказната.
Колку повеќе сум убеден дека еден лик може да се однесува само на еден одреден начин, толку повеќе се ограничувам себеси, а го ограничувам и филмот.
Дали постои улога што денес би ја одбиле, а пред десет години би ја прифатиле без размислување?
-Да, сум играл ликови што се однесуваат насилно кон жените и за тоа се каам. Особено, ако не станува збор за одличен филм, бидејќи тогаш тоа само прави да изгледам лошо. Сакам да играм опасни ликови, сакам да играм непредвидливи ликови, па дури сакам да играм и негативци, но не сакам да играм идиоти.
Кога луѓето ќе ве прашаат од каде сте, дали одговорот зависи од тоа кој прашува и зошто?
-Одлично прашање. Но, мојот одговор е секогаш ист. Роден во Македонија, живеев на Нов Зеланд, но културолошки израснат како Македонец. Претпоставувам дека тоа зависи од тоа колку сметам дека одредена личност „заслужува“ објаснување.
Ако е некој што го запознавам за првпат, едноставно велам дека сум Македонец. Обично следи прашањето: „Каде е тоа? Дали е тоа земјата позната по макадамија оревите?“ Или дури: „Дали е тоа блиску до Мадагаскар?“ Секогаш умирам од смеење.
Дали некогаш сте ги прашале родителите зошто одлучиле да си заминат од Битола? Колку одговорот ви го промени погледот кон сопствениот живот?
-Да, го прашав татко ми пред многу години и, колку што се сеќавам, ми кажа дека Нов Зеланд барал луѓе со квалификации за електричари. Токму затоа тој успеал да добие виза, а потоа и да нè донесе сите нас таму. Дури кога пораснав, сфатив колку било значајно тоа преселување од Македонија во Нов Зеланд.
Тоа остави длабока трага кај мене, бидејќи не се чувствував исплашено од помислата дека и јас би можел да го направам истото. Си реков: „Па, штом татко ми можел, можам и јас“. Можам да започнам нов живот некаде и да изградам нешто за себе.
И мајка ми и татко ми беа одлични примери за вредни луѓе, подготвени да преземат големи ризици за да живеат подобро и да им обезбедат подобри можности на своите деца. Се надевам дека и јас ќе го направам истото за мојот син, со тоа што се преселив овде.
Каков е вашиот однос кон Битола, ви недостасува ли градот?
-Всушност, се враќам во Битола на секои пет до седум години, или барем се обидувам. Длабоко ми недостасува. Многу ми е убаво таму. Секојпат кога ќе се вратам, успевам да сфатам колку убав може да биде животот. Колку може да биде едноставен.
Кога сте биле во Битола последен пат? Што очекувавте, а што всушност најдовте?
-Бев таму минатата година, во јули! Претходно бев во 2019 година – тогаш првпат ја однесов и сопругата. А минатата година, во 2025-та, го однесов и нашето дете. Очекував да го најдам домот што отсекогаш сум го сакал. Куќата на баба ми, каде што пораснав.
Убавото кај Битола е тоа што таа останува непроменета – и тоа во најдобра можна смисла. Луѓето, улиците… Толку многу носталгија и историја. Никогаш не би сакал таа да се промени. На луѓето ширум светот, каде и да одам, им велам дека тоа е единственото место од моето детство каде што се чувствував безбедно додека талкав по улиците како дете. Родителите ми знаат колку бев безбеден таму. Не сум сигурен дека такво нешто може да се најде на кое било друго место во светот.
Дали се чувствувате успешно?
-Се чувствувам исклучително успешно. Кога би ја напишал мојата приказна во книга, повеќето луѓе не би ми поверувале. Едно мало дете, кое на петгодишна возраст ја напушта својата мала земја и заминува на другиот крај на светот. Постојано запаѓа во неволји, а потоа, еден ден, ја открива единствената работа во која е навистина добар. Некој во него препознава нешто што тој самиот не можел да го види, па добива можност да замине во Холивуд, Лос Анџелес, и да студира во едно од најпознатите училишта за глума во светот.
И не само тоа – добива стипендија, а подоцна толкува главни улоги во големи телевизиски серии и холивудски филмови, работејќи со најдобрите во индустријата. Кога би умрел утре, би можел да кажам дека сум бил успешен.
Фото и текст: МИА


