Со три потопни пумпи во канал со површинска вода го „средиле“ водоводот во Гостивар -Истрага за тројца од ЈП “Комуналец”

Фото: СВР Тетово

Основното јавно обвинителство Гостивар вечерва донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица за Тешки дела против животната средина и природата предизвикани со дејствија на Загадување на вода за пиење.

-Осомничените соизвршители, во својство В.Д. директорка на ЈП “Комуналец” – Гостивар, технички раководител на Сектор за технички работи и  раководител на Одделението за водовод, канализација и градежни работи во јавното претпријатие, со штетна матeрија ја направиле неупотреблива водата за пиење во преливната комора на системот кој ја снабдува со вода Општина Гостивар и дел од околните села. Тие на 25 јуни дале налози на вработени во претпријатието да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи во близина на преливната комора со вода за пиење за да го тестираат притисокот на водата. На 16 јули, при извршен увид на лице место, констатирано е дека две од потопните пумпи се уште биле во употреба и преку потисни црева поставени низ преливниот отвор ја пренесувале водата со штетна материја-колиформни бактерии од отворен систем – канал во комората каде се наоѓа вода од системот за пиење со определен дефиниран квалитет во затворен систем, информираат од ОЈО и додаваат:

-Во системот дошло до мешање односно пренесување на вода со штетни материи од каналот во главниот цевковод за водоснабдување. По наредба на јавен обвинител, Институтот за јавно здравје изврши анализи на земени примероци од површинската вода од отворениот канал при што е констатирано дека водата е многу загадена и не може да се употребува за ниту една намена поради присуство на колиформни бактерии од 2419,6 cfu/100 мл наспроти максимално дозволените 50 cfu/100 мл а во примероците земени од каптиран извор е констатирано дека водата има зголемен број на аеробни мезофилни бактерски колонии како и наод на колиформни бактерии каде во референции треба да има 0 cfu/100 мл додека во водата се пронајдени 39 cfu/100 мл. Поради високата загаденост водата станала неупотреблива и не е безбедна за употреба и консумација од страна на луѓето, се вели во соопштението од Обвинителство.

Спорд Обвинителство, дополнително анализиран е примерок земен од чешма на Ул. ЈНА во Гостивар каде е констатирано дека во водата има високо присуство на хлор и тоа концентрација на резидуален хлор од 1,1 мг/л кој претставува отстапување од максимално дозволената вредност според важечкиот правилник каде е опишан оспег од 0.2 до 0.3 мг/л но не повеќе од 0.5 мг/л.

-Имајќи предвид дека настанатите промени од загадувањето не можат лесно да се отстранат, јавниот обвинител оцени дека се исполнети обележјата кои даваат основано сомнение дека е сторено наведеното кривично дело. Основното јавно обвинителство Гостивар продолжува да презема истражни дејствија за целосно испитување на настанот. Осомничените се лишени од слобода и во текот на утрешниот ден јавен обвинител ќе одлучи дали и какви  мерки за нивно обезбедување ќе предложи на судот, информираат од ЈО.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ