- Нов состав на повеќе министерски ресори по одлуката на Собранието
- Изборот помина со 69 гласа „за“, без воздржани и против
- Мицкоски најави ново темпо и поголема одговорност во Владата
Влада со нови министри продолжува со работа по реконструкцијата што ја предложи премиерот Христијан Мицкоски. Промените опфатија повеќе ресори, меѓу кои правда, здравство, земјоделство, култура и туризам, како и социјална политика.
Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!
Реконструкцијата на Владата носи нови имиња и политички предизвици
За нов министер за правда е избран Јетон Шасивари член на ВРЕДИ, за нов министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски од Движењето ЗНАМ, за нов министер за односи меѓу заедниците Агон Ферати од ВРЕДИ, за нов министер за здравство Сашо Клековски од ВМРО-ДПМНЕ, за нов министер за туризам и култура Седат Сулејмани од ВРЕДИ, за нов министер за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски од ВМРО-ДПМНЕ, за нов министер за локална самоуправа Иван Стоиљковиќ од ДПСМ, а за нов министер без ресор Ерџан Демир од ВМРО-ДПМНЕ.
Сите министри беа избрани со 69 гласа „за“, без ниту еден воздржан и против.
Видете исто така: Реконструкцијата на Владата е обична тепачка за фотелји, велат од СДСМ
Непосредно пред гласањето премиерот Христијан Мицкоски истакна дека е среќен со изборот на новите министри, кои денеска очекува парламентарното мнозинство да ги избере, како и со оние со кои досега соработувале, но и со оние кои не се предмет на оваа реконструкција.
-Среќен сум што го имам ова парламентарно мнозинство, кое досега испорача многу реформски закони, кои, впрочем, и еврокомесарката Марта Кос го истакна при нејзината последна посета кај нас, и тоа јавно. Дури мислам дека тоа беше изјава од која многумина беа негативно изненадени за нив, а позитивна за граѓаните и за државата. И мислам дека и како парламентарно мнозинство, и како состав на Владата, можеме заеднички да направиме многу работи во периодот што следи – рече Мицкоски.
Тој исто така како премиер им се извини на пратениците и на граѓаните за денешните настани во Собранието и рече дека тоа никогаш нема да се повтори.
-Исто така, ќе ми дозволите, како претседател на Владата, да им се извинам на вас, пратениците, и на граѓаните што денеска бевме сведоци на овие настани и се надевам дека тоа никогаш повеќе нема да ни се повтори – истакна Мицкоски.
Претходно на седницата беа разрешени досегашните министри: за правда – Игор Филков, за земјоделство, шумарство и водостопанство – Цветан Трипуновски, за односи меѓу заедниците – Игор Стоиљковиќ, за здравство – Азир Алиу, за туризам и култура – Зоран Љутков, за социјална политика, демографија и млади – Фатмир Лимани, за локална самоуправа – Златко Перински, како и Шабан Салиу од функцијата министер без ресор. Разрешени беа и заменик-министрите за социјална политика, демографија и млади и за култура и туризам, Ѓоко Велковски и Седат Сулејмани, кои сега се на министерските позиции во истите министерства.
Слушајте го Канал 77 радио во живо КЛИКНЕТЕ ТУКА
Извори: МИА, Канал 77






