Веќе два месеци Штип е со автобуска станица, од која е урнат делот до Градскиот стадион, а влезот е раскопан и оставен во градежен шут. Се урива некогашната препознатлива сина автобуска станица со десетина перони и простор за паркирање на автобуси на брегот на реката Брегалница. Овој дел од Штип ќе стане нов маркет на Лидл, откако приватните сопственици на Автобуската станица продадоа 5000 квадрати од просторот. Во исто време во близина се гради помала автобуска станица, која ќе има само два перони.
-Додека траат активностите за реализација на новата автобуска станица, постоечката ќе продолжи да функционира редовно, сѐ до целосното ставање во функција на новиот објект. Предвидена е соодветна и постепена транзиција, без прекин на дејноста и без застој во услугите кои ги користат граѓаните, одговорија од општина Штип.

Автобуската е сопственост на компанијата “Анго Анкица” од Скопје
Во 2006 година автобуската станица во Штип беше купена од компанијата “Анго Анкица” од Скопје, која даде најповолна понуда од 16 милиони денари на последната лицитација. Автобуската дотогаш беше сопственост на штипската транспортна компанија “Балкан експрес”, но се наоѓаше под хипотека кај Алмако банка. “Анго Анкица” е фирма на скопското семејство Трпковски, кое пред неколку години ги купи и “Берово транс” и автобуската станица во Берово. Сопствениците тогаш најавија дека планираат да ја реновираат штипската автобуска станица, да отворат ресторан, салон за продажба на автомобили и да купат 20 нови економични автобуси од марката “Ивеко”, со по 30 седишта. Од тоа, остана само автобуската станица која беше реновирана, но останатите проекти не беа реализирани.
Штип, како студентски град и место на три големи средношколски центри останува со автобуска со далеку помал капацитет. Од општината објаснуваат дека значајно е намален автобускиот транспорт на патници, а со тоа и потребата од голем објект.
Се губи ли лиценцата?
Сепак, колку оваа транзиција, како што ја нарекуваат од општината, може да го остави Штип без лиценцирана автобуска станица? Според законот, организирани автобуски линии еден град може да има само со лиценцирана автобуска станица. За илустрација, Делчево нема организиран меѓуградски автобуски превоз само поради тоа што автобуската станица ја загуби лиценцата за автобуската станица.
Овие лиценци ги издава Министерството за транспорт и врски. Од таму ни одговорија дека во случајот со Штип, лиценцата не се губи.
-Законот предвидел минимум два перони, за да има статус на автобуска станица. Во случајов се предвидува новата автобуска станица да го исполни тој минимум од два перони. Промената на местото не влијае врз статусот на лиценцата, одговорија од Министерството за транспорт.

Да не се случи Охрид
Од општината велат дека како универзитетски и регионален центар, Штип има потреба од современа автобуска станица која ќе одговара на потребите на современиот урбан развој и на зголемената фреквенција на патници.
-Во иднина се планира модерен и функционален простор со подобрени услови за патниците, уредена инфраструктура и повисоко ниво на услуга. Целта е градот да добие автобуска станица која ќе претставува достоинствен и современ сообраќаен центар, каков што доликува на Штип како значаен економски и образовен центар, одговараат од општината Штип.
Што ова подразбира, засега не прецизираат. Нема потврда и на шпекулациите дека во некои нови урбанистички планови нова, современа автобуска станица се планира во близина на Железничката станица, која е надвор од градот. Дел од граѓаните велат дека не би сакале во Штип да се повтори случајот со Охрид, кој како туристички град доживеа да има барака од автобуска станица, која неколку пати беше дислоцирана, што подалеку од центарот на градот.
В.К.





