Судењето против Ѓоко Ристов продолжи со сведоци: Обвинителството и одбраната со спротивни тврдења

Со сослушување сведоци, денеска во Кривичниот суд во Скопје продолжи судењето на судијата во Апелацискиот суд, Ѓоко Ристов. Сведочеа сопственик на мобиларница и адвокат кој присуствувал на претресот во куќата на родителите на Ристов во Неготино.

Сведок зборуваше за телефонот и евиденцијата од мобиларата

Адвокат опиша како биле пронајдени парите во ѕидот

Обвинителството и одбраната со спротивни оценки за доказите

Судењето продолжува на 6 октомври, кога треба да продолжи сослушувањето на сведоците на одбраната, меѓу кои и Фехми Стафа. Со денешното рочиште заврши изведувањето на доказите од Обвинителството и започна изведувањето докази на одбраната.

Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!

Сведокот на Обвинителството, вработен како специјалист за кибербезбедност во МВР и сопственик на мобиларница за сервис и продажба на мобилни телефони во Скопје, одговори само на едно прашање од обвинителката Искра Хаџи Василева.

  • „Дали обвинетиот Ѓоко Ристов на 3 декември 2025 година бил да поправа мобилен телефон“, на што сведокот рече „јас не сум примил телефон од господинот и ја дадов мојата целосна евиденција за прием на телефони од мојот систем“.

На вкрстени прашања од одбраната на Ѓоко Ристов, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, сведокот појасни како се води евиденцијата за телефоните што пристигнуваат на сервис.

  • Пишуваме кој телефон дошол и телефонски број и име на тој што го донел – изјави сведокот.

Тој додаде дека од Обвинителството побарале податоци за конкретен телефон „самсунг“, по што им покажал дека таков телефон немало во евиденцијата.

На прашање од обвинетиот Ѓоко Ристов дали на 3 декември по 19 часот дошол и го дал телефонот, црн „самсунг“ со скршен екран, притоа барајќи да се извадат податоци, сведокот рече дека не се сеќава.

Сведочење за претресот во куќата во Неготино

По сослушувањето на сведокот на Обвинителството, обвинителката Искра Хаџи Василева побара од судот да изврши увид во списите на предметите за двајцата обвинети Маријан Стоевски и Фехми Стафа, каде што судија е сега обвинетиот Ѓоко Ристов.

Потоа сведочеше адвокатот Александар Варела, кој бил присутен на претресот во куќата на Здравко и Донка Ристови во Неготино. Тој детално објасни како се одвивал вториот претрес, во текот на двата дена во јануари.

Варела рече дека бил повикан од синот на Здравко, Ангел Ристов, по што заедно биле во бањата „Негорци“, од каде што го зеле Здравко.

  • Претресот беше интензивен и мислевме дека се е завршено. Но, ни рекоа дека мора да дојдат и следниот ден. Вториот ден почна со тоа што повторно истите соби и места се прегледуваа. Го прегледуваа и задниот дел од куќата, кој е со посебен влез – изјави сведокот.

При повторниот преглед полицајците се задржале во кујната и ги проверувале плочките, бидејќи се сомневале дека некои од нив даваат тап удар.

  • Извадија пет плочки, па потоа уште пет, паднаа, се скршија. И јас бев таму и сопственикот Здравко и двајца полицајци кои ги одлепуваа плочките. Здравко приговараше „не ми ги кршете плочките или вадете ги полека, ќе треба пак да се вратат“. Но, тие не можеа да најдат ништо и почнаа да ги кршат сите по ред и дојдоа до последниот ред, каде се појави дупка. Здравко, како човек што се најде изненаден, само рече, „ај биде“. Значи биднало. Јас го прашав што е, тој само рече „ај“. Тогаш полицијата го праша што има таму, за да знае да повика специјалисти. Тогаш Здравко кажа, нема потреба, пари се. Полицајците тогаш почнаа да ги вадат, на тој начин што мораше да се скрши дел за да се извадат. Ги вадеа и мислам дека извадија 13 пакувања. Полицаецот што цело време ја водеше работата од време на време се јавуваше и разговараше на страна, мислам се консултираше со некој што и како да се работи. Кога ги најдоа парите се повика лице од крим техника да слика – изјави сведокот.

Сведокот појасни дека откако биле пронајдени парите, го прашал Здравко зошто не му кажал за нив.

  • Ми рече „не знаев дека ќе одат толку далеку, не сакав децата да знаат дека имам пари“. Му реков, знаеш дека сега може да ти ги земат, на што ми рече „што сака нека праат, мои се парите“, изјави сведокот.

Тој рече дека кога го прашал Здравко колку пари има, тој без двоумење му кажал дека се над 300, 350 илјади евра.

  • Со тоа мене ми даде до знаење дека знаел за парите, но не ми кажал на мене како адвокат, изјави сведокот.

На прашање од Обвинителството дали во куќата имало вреќи со цемент и лепаци со понов датум во некоја од помошните простории, сведокот одговори потврдно.

  • Усјемал, цемент, не знам, имаше во помошната просторија, заедно со други вреќи со песок и други материјали, како што има во секоја куќа – изјави сведокот.

Прашан дали полицијата го прашала Здравко чиј е цементот, Варела рече:

  • Го прашаа чив е цементот. Рече мој. Го прашаа дали реновирал нешто. Прво рече не, зашто мислеше на некој поголем зафат. После, Здравко кажа дека плочките лево од вратата под скалите се свежо лепени- изјави сведокот.

Обвинителството и одбраната со спротивни оценки

По денешното судење, јавната обвинителка Искра Хаџи Василева изјави дека сведокот на одбраната дал некредибилна изјава во клучни делови.

  • Дел од неговото сведочење се однесуваше на основни факти кои веројатно наоѓаат поткрепа во сето тоа што се случувало при претресот како динамика на постапување на полицијата. Но, во однос на некои факти, тој даваше просто невистинити изјави, бидејќи таквите негови изјави не коинцидираат со материјалните докази и видеоматеријалот кој ние сите имавме прилика да го видиме на претходните рочишта – изјави Хаџи Василева.

На прашање зошто бил повикан сведокот на Обвинителството, таа појасни дека требало да се потврди дека Ристов не го однел телефонот на поправка.

  • Обвинетиот, и во однос на изјавата која претходно ја дава и пред полициски службеници и во Обвинителството дека телефонот го однел на поправка, не кажува вистина и лаже, и во однос на тој едноставен факт, бидејќи телефонот не го однел на поправка – изјави Хаџи Василева.

Одбраната, пак, оцени дека Обвинителството не понудило докази со кои недвосмислено би се потврдиле наводите во предметот.

Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ посочи дека Обвинителството дало записник за извршен претрес и записник за одземени пари, на кој е потпишан Здравко Ристов и во забелешка е наведено дека парите се негови.

  • Обвинителот даде записник за извршен претрес и записник за одземени пари, на кој е потпишан Здравко Ристов, и кој во забелешка во записникот ставил дека тоа се негови пари. ​Јас не гледам друг доказ кој обвинителот понуди. ​Второ, вештачењето на Обвинителството, а за кое ми е чудно минатиот пат како беше пренесено, има доказ за 975.000 евра заработени пари од таткото и мајката на Ѓоко Ристов и 600.000 евра заработени од него и сопругата. ​Па вие проценете дали можело или не можело во ѕидот родителите да имаат пари, но факт е дека е најдено во неговиот ѕид и дека од него се одземени, рече Давидовиќ.

Тој упати критики и за начинот на кој се води истрагата, оценувајќи дека Обвинителството не обезбедило докази за коруптивно дело и дека институциите не реагирале навремено во обезбедувањето на видеоснимките и другите докази.

  • Сте се прашале ли зошто дури во мај, а има на записник од 29 декември изјава на Ѓоко Ристов каде што рекол: „Јас бев тогаш и тогаш во мобиларата“, зошто Обвинителството не ги извадило веднаш снимките? Зошто веднаш не реагирало, туку реагирало во март – изјави Давидовиќ.

За што се гони судијата Ѓоко Ристов?

Случајот го води судијката Билјана Коцевска, а обвинението го застапува јавната обвинителка Искра Хаџи Василева.

Според обвинението, Ристов се гони за противправно стекнување и прикривање имот и перење пари, бидејќи во текот на истрагата не докажал дека легално ги стекнал парите.

На 17 април, Јавното обвинителство соопшти дека биле преземени повеќе дејствија и претреси. На 18 јануари во домот на родителите на судијата во Неготино биле пронајдени вкупно 350.000 евра, за чие потекло, според Обвинителството, тој немал доказ и не ги пријавил.

  • Парите беа пронајдени спакувани во 13 поединечни пакувања, и тоа вкупно 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти во апоени од по 200 евра, од кои дел со обележани рачно испишани износи на средствата, скриени во заѕидан простор во шуплините од цигли во ѕидот на една од собите. Ова предизвика основано сомнение дека овој осомничен во периодот од 10.02.2020 година, како службено лице судија во Апелациониот суд Скопје, спротивно на законската должност за пријавување на имотна состојба или нејзина промена давал лажни податоци за својот имот и имотот на неговото семејство и не пријавил имот, кој во големи размери ги надминува неговите законски приходи – објави ЈО.

Судењето продолжува на 6 октомври со нови сведоци на одбраната.

Слушајте го Канал 77 радио во живо КЛИКНЕТЕ ТУКА

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ