Со презентација на материјални докази од Обвинителството, кои се однесуваат на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), денеска во судницата во „Идризово“ продолжува судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Судењето се наоѓа во доказна постапка, а на минатото рочиште Обвинителството презентира докази обезбедени од Министерството за економија и труд, сектор за туризам и угостителство, а кои се однесуваа на лиценцирањето на дискотеката.
Со изведување докази почна обвинителката Наташа Сарамандова за кои рече се однесуваат на релевантни околности како почнала работата на објектот, иако притоа не биле исполнети минималните технички услови за работа на објектот, но продолжи друг обвинител откога одбраната до судот поднесе барање за изземање на Сарамандова поради, како што наведе, „пристрасно постапување при презентација на доказите со исклучување елементи од доказите кои се од суштинско значење”.
По ова, родителите на децата што ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во знак на револт доброволно ја напуштија судницата во КПУ „Идризово“.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Ова е една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители. МИА







