- Веќе една недела 40 ученици од три паралелки во ООУ „Гоце Делчев“ и подрачните училишта во Дисан и Тремник не одат на училиште поради незадоволство од прераспределбата на одделенскиот наставник Орце Ристов.
- Родителите бараат враќање на наставникот Ристов со кого децата го започнале образованието, изразувајќи револт и поради вклучувањето нови ученици во паралелката и тврдењата дека се соочуваат со омаловажување од раководството.
- Директорката Елена Стојанова појаснува дека промената на наставникот и започнататата дисциплинска постапка се како реакција на несоодветно етикетирање на ученици и заштита на сите деца, додека родителите најавуваат продолжување на бојкотот и протест пред Министерството за образование во Скопје.
Веќе една недела 40 ученици од три паралелки од Неготино и селата Дисан и Тремник не одат на училиште. Дошло до смена на одделенските наставници, поради што петиција со потписи на родители со повик да им се врати наставникот Орце Ристов е доставена до Министерството за образование и раководството на основното училиште „Гоце Делчев“. Директорката на училиштето, Елена Стојанова повика децата да се вратат во настава,„ а сите забелешки и несогласувања да ги решаваат преку непосреден разговор со училиштето и стручната служба“.
Родителите во писмото упатено до Канал 77 сметаат дека деца не смеат да бидат жртви на одлуки што ги засегаат нивното образование и нивната доверба, а тие како родители бараат правда, почит и право на нивните деца да имаат мирно и стабилно образование.
Слушајте радио во живо
Одлуката да се бојкотира наставата, како што објаснуваат настанала откако во IIB одделение, дошло до наставничка смена. Наставникот Орце Ристов, кој ги учел децата во прво одделение, бил прераспределен во подрачното училиште во Дисан, додека друг наставник од ова училиште упатен на работа во селото Тремник. Дополнително, во IIB одделение биле запишани двајца нови ученици. Еден од учениците, кој е постар од нивните деца, што како што кажуваат родителите, секој ден го нарушувал редот во одделнието. Поради тоа, повеќе пати разговарале со раководството на училиштето.
„Наместо да се бара решение преку разговор и разбирање, ние родителите се чувствуваме исмејувани и омаловажувани од директорката. Не бараме ништо повеќе од тоа нашиот глас да биде слушнат и нашите деца да бидат ставени на прво место!Бараме министерката за образование и сите надлежни институции итно да реагираат, да ја испитаат ситуацијата и да преземат соодветни мерки. Не дозволувајте проблемот да продолжи на штета на нашите деца“, реагираат родителите и бараат да се врати наставникот Орце Ристов, на кој свикнале нивните деца.
Прочитајте и за ова:
Се обративме до директорката на ООУ „Гоце Делчев“, Елена Стојанова, која во писмениот одговор во подолго образложение дава историјат на ескалираниот проблем. Родителите на 28 септември доставиле писмено барање до Стојанова, во кое изразуваат револт откако од страна на наставникот добиле информација дека во нивната паралелка доаѓа ученик со одмината возраст. Родителите биле револтирани и од тоа што на почетокот на годината во нивното одделение бил распореден ученик кој учел во друг град, кој имал големеми потешкотии во совладувањето на материјалот и влијаел врз образовниот процес.
-Воедно изјавуваат цитирам: „Крајно сме револтирани што ќе доаѓа и ДРУГ ТАКОВ ученик и што повторно е во нашета паралелка Револтот го изразуваат дека децата наводно немале соодветни услови за одржување на настава и седеле на мали масички и ниски столчиња па затоа биле приморани да поминуваат по неколку часа во природа. Наведуваат дека бараат средба со мене и стручната служба и дека во спротивно ќе направат бојкот на наставата и ќе бидат известени медиумите. Во оваа паралелка, во второ одделение, во оваа учебна година дополнително се запишуваат две деца и тоа едното е префрлено од училиште во Кавадарци, а другото, поради непосетување на наставата во претходната учебна година, повторно треба да посетува второ одделение, објаснува директорката Стојанова.
Проблемот, според Стојанова бил образложен и пред Советот на родители.
-Од страна на родителите кои присуствуваат на овој совет е кажано пред целиот Совет на родители дека наставникот им кажал дека префрленото дете е дете со посебни потреби, иако станува збор за ученичка со уредно однесување, додека другото дете, кое е од ромска етничка припадност, како ученик во одмината возраст”, иако станува збор за дете на осумгодишна возраст. Наводите дека децата немале соодветни услови и училница исто така не се точни, одговара Стојанова.
Прочитајте на темата:
Следела прераспределба на оделенскиот наставник Ристов, а против него е поведена и дисциплинска постапка. Директорката појаснува дека промената на наставникот е направена за да се обезбеди нормално, непречено и континуирано одвивање на наставата за сите ученици во паралелката, без издвојување или исклучување на одделни деца.
-Барање за заштита постои и од страна на родителите чие дете е неприфатено од одделенскиот раководител и неосновано е етикетирано како „дете со посебни потреби“, а чија документација наводно јас како директор со стручната служба сум ја криела во фиока. Наводите за постапувањето на наставникот дополнително внимателно ќе се разгледаат, врз основа на целокупната документацијата со можност и тој да се произнесе за нив, без однапред да се прејудицира неговата одговорност па од тие причини во тек е дисциплинска постапка, одговара директорката.
Меѓутоа, родителите бараат враќање на редот во одделението и наставникот со нивните деца го започнале образованието.
„До кога надлежните институции ќе го игнорираат гласот на 30 родители? До кога ќе бидеме омаловажувани наместо да бидеме сослушани? Ние, родителите, целосно застануваме зад наставникот Орце Ристов! Му ја даваме нашата целосна поддршка и бараме негово враќање! Нашите деца се навикнати на својот наставник, имаат доверба во него и заслужуваат нивните чувства и потреби да бидат земени предвид“, бараат родителите.
Теодора Шалева Ристова, мајка на едно од децата од второ одделение вели дека седењето дома и изостанувањето на децата од настава е на нивна штета.
-Децата ни плачат дома, меѓутоа, додека не се одговори на нашите барања, бојкотот ќе продолжи, рече Шалева Ристова.
Родителите се подготвени да платат и казни, со кои како што велат, веќе им се заканиле од институциите. До сега одржале повеќе средби и во училиштето и во општината, а за во понеделник најавуваат дека ќе заминат во Скопје, во Министерството за образование. На училиштето и директорката Стојанова им забележуваат, за како што пишуваат „исмејување, омаловажување и понижување“.
Директорката Стојанова пак вели дека таа како лице кое веќе 15 години е во областа на образованието, претходно како наставник, во овој момент директор, цели кон достоинствена комуникација, појаснување на состојбата и изнаоѓање решение во интерес на сите ученици.
– Исмејувањето и омаловажувањето не се мој прифатлив начин на комуникација и жалам доколку некој родител го доживеал разговорот на таков начин. Истовремено, ставот дека сите деца треба да бидат прифатени во паралелката останува непроменет, одговара Стојанова.
Бојкотот засега останува, а за ова било побарано да се расправа и во Советот на општината Неготино.




