УГД развива Центар за трансфер на технологии

УГД-Штип го развива Центарот за трансфер на технологии, преку кој студентите, професорите и младите истражувачи ќе добијат можност своите научни сознанија и иновации да ги претворат во реални бизнис идеи. Проектот се реализира со поддршка од Стопанската комора и Општина Штип.
  • Нови иновациски хабови веќе се поставени на две локации во рамки на УГД
  • Студентите ќе можат да развиваат и тестираат прототипови и производи
  • Европската универзитетска алијанса ќе овозможи соработка со партнери од повеќе земји

Центарот за трансфер на технологии во рамки на УГД-Штип треба да понуди современо високо образование, но и дополнителни можности за развивање на претприемачки способности кај студентите.

Проректорот на УГД-Штип, Дарко Лазаров, вели дека на реализацијата заеднички работат Универзитетот, Стопанската комора на Македонија и Општина Штип.

Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!

УГД-Штип сака знаењето да стане бизнис

Лазаров објаснува дека веќе се работи и на инфраструктурата и на институционалното поставување на иновацискиот, односно универзитетски стартап центар.

„Веќе сме во една фаза на изработка на инфраструктура, меѓутоа и институционално поставување на еден иновациски центар, односно универзитетски стартап центар, кој што ќе биде во рамки на Центарот за трансфер на технологии во рамки на Универзитетот. Целта на тој иновациски, односно универзитетски стартап центар е да им помогне на студентите, заедно со професорите, со младите истражувачи, со научниците, со лаборантите, научните сознанија и резултати кои што ги продуцираат да можат да ги комерцијализираат во вистински бизнис идеи. Целта на Универзитетот не е само да обезбеди знаење за студентите кои што понатаму тие ќе можат да го стават во функција за вработување, туку знаење кое што ќе можат да го стават во функција на креирање на сопствени бизниси и мислам дека еден од фокусите на нашиот Универзитет во наредниот период особено ќе биде тоа- вели Лазаров.“

Студентите ќе можат да тестираат производи и прототипови. Професорите од Економскиот факултет ќе помагаат во комерцијализација, лансирање и маркетинг активности.

Од Правниот факултет, пак, ќе се обезбедува поддршка во делот на правните услуги.

„Значи, тоа ќе биде еден целосен систем, заедно особено со техничките факултети кој што Универзитетот ќе го стави во функција на сите наши студенти на сите три циклуси на студии. И дел од проектите кои што Универзитетот ги работеше, вклучувајќи го и проектот со Алијансата, меѓутоа и други проекти финансирани од Европската Унија, се во таа насока на градење на претприемачка инфраструктура, којашто иновациска инфраструктура во рамки на Универзитетот ќе биде ставена целосно во функција на самите студенти- вели Лазаров.“

Два иновациски хаба веќе се активни

Новиот концепт не останува само на планови. Според Лазаров, веќе се поставени два иновациски хаба – едниот на Економскиот факултет, а другиот на Кампус 2, каде што се техничките факултети.

„Значи тие се веќе поставени. Тие се веќе активни, поставени и ќе бидат промовирани од септември заедно со целиот концепт кој што ќе биде ставен во функција и ќе почне со работа. Веќе имаме договорено и одредени активности со Стопанската комора, меѓутоа и со други донатори, вклучувајќи ја Агенцијата Инова, и мислам дека од октомври овој проект ќе биде реалност за сите наши студенти. Имаме силна поддршка и од Општината, и од Стопанската комора, меѓутоа и од донатори. Би сакал тука да посочам дека во рамки на универзитетската Европска универзитетска алијанса еден од работните пакети не е само наставни програми, она што ректорот го спомна во делот на заеднички програми на прв, втор и трет циклус, туку еден од работните пакети е токму градење на академија за претприемништво- изјави Лазаров.“

Од УГД велат дека центарот ќе биде поврзан и со партнерските универзитети во рамки на Европската универзитетска алијанса.

Лазаров посочи дека особена поддршка доаѓа од Техничкиот универзитет во Инголштат, кој има долгогодишно искуство и развиена инфраструктура во оваа област.

„Сите тие се ставени на располагање и ќе бидат дел од овој иновациски центар и активностите во рамки на Алијансата кои се поврзани со мобилност, специјализирани само за претприемништво, ќе бидат наменети за оние студенти кои што имаат интерес утре да отворат сопствен бизнис, да креираат бизнис идеи, да комерцијализираат иновации. Така што ова не е изолиран систем, туку еден интегриран систем кој што Универзитетот го гради системски и мислам дека резултатите ќе бидат видливи многу, многу брзо- изјави Лазаров.“

Студентите веќе развиваат и тестираат прототипови

Ректорот на УГД-Штип, Дејан Мираковски, објасни дека студентите веќе имаат можност да работат на прототипови и да ги тестираат во универзитетските лаборатории.

„Целото тоа е веќе активно и нивните идеи, проектни идеи, се развиваат. Прават навистина интересни работи – од дел од хемиски состaви до 3Д модели, комплетно студентите веќе се активни. Дополнително, како што спомна проректорот, сето тоа што го прават кај нас, може истовремено да го прават и во партнерските универзитети во рамки на Алијансата и да креираат и тестираат производ во рамки на Алијансата, заедно со колегите од Австрија, Шпанија, Полска- вели Мираковски.“

Според Мираковски, тестирањето може да опфати различни аспекти на производот – од квалитет и технички и хемиски карактеристики, до неговата употребливост и безбедност.

Целта е студентите да не останат само со теоретско знаење, туку да добијат можност своите идеи да ги развиваат во практична средина и во соработка со студенти и истражувачи од странство.

„Целиот тој концепт треба да создаде средина во која студентите ќе можат да експериментираат, да ги проверуваат своите идеи и постепено да ги претвораат во производи или услуги со реална примена.“

Мираковски додава дека амбицијата е УГД да развива модел кој веќе функционира на европските универзитети.

„Ректорот на УГД-Штип, Мираковски забележа дека идејата е да развиваат и концептираат еден пристaп кој што е применлив и функционира во европските универзитети, и како што рече, „каде што она што многупати го говориме во смисла дека Универзитетот не треба да нуди само теоретско знаење за студентите, туку и практично применливо знаење“.“

Центарот за трансфер на технологии, според најавите, треба да ги поврзе универзитетското знаење, лабораториската инфраструктура, бизнис секторот и европските партнерства во еден систем.

За студентите тоа значи можност не само да се подготвуваат за пазарот на трудот, туку и да добијат поддршка доколку сакаат да развијат сопствена бизнис идеја, да создадат прототип и да ја испитаат можноста за негова комерцијализација.

Слушајте го Канал 77 радио во живо:
https://radio.kanal77.mk/

(К.М.)

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ