„Вкуси ја Македонија во чаша“ – три дена вино, музика и македонски вкусови во „Македонско село“

Комплексот „Македонско село“ во подножјето на Водно од 16 до 18 октомври ќе биде домаќин на првото издание на Винскиот фестивал – Македонско село, кој под мотото „Вкуси ја Македонија во чаша“ ќе понуди три дена посветени на македонското вино, гастрономијата, музиката и традицијата.

Фестивалот е замислен како место каде што на едно место ќе се сретнат љубителите на виното, домашните производители и публиката, во амбиент кој природно ја раскажува македонската приказна.

Во винската зона посетителите ќе имаат можност да дегустираат вина од македонски винарии, да ги запознаат нивните производи и да уживаат во различни вински и гастрономски комбинации.

Фестивалската влезница чини 1.000 денари, а со неа посетителите на влез добиваат фестивалска чаша и можност за неограничена дегустација на вината од учесниците.

Покрај винската понуда, фестивалот ќе има и посебни гастрономски зони – „Вино & Сирење“, „Сладок корнер“, „Кафе & Кроасан“ и „Скара корнер“, со различни вкусови и производи кои ќе го надополнат винското искуство.

Три вечери македонска музика

Музичката програма ќе биде исклучиво македонска и ќе ги обедини изведувачите од различни генерации и музички жанрови. На фестивалската сцена ќе настапат Игор Џамбазов и Гуру Харе бенд, Ѓоко Таневски, Александар Тарабунов, Огнен Здравковски, Смиља Митревска, Нино Величковски и неговите тамбураши, тамбурашките состави Ѓезме и Лихнидос, Благица Павловска, Александар Јосифовски, Дамјан Стојановски, како и диџеите Бранчез, Ерик Фокс и Галоски.

Програмата ќе започнува во текот на денот, а фестивалските вечери ќе завршуваат со настапи на главната сцена.

За посетителите кои сакаат целосно да го доживеат фестивалот, „Македонско село“ подготви и посебна винска викенд-понуда со сместување, појадок, фестивалски влезници и дегустација на вината.

За полесен пристап и безбеден превоз од и до фестивалот, во текот на трите фестивалски дена ќе биде организиран и автобуски превоз кон комплексот „Македонско село“. Автобусите ќе сообраќаат на секои 30 минути од две локации во Скопје – паркингот кај СЦ „Борис Трајковски“ и последната автобуска постојка кај Цветен пазар, со што посетителите ќе имаат дополнителна можност да стигнат до фестивалот.

На фестивалот ќе има содржини и за најмладите, со детски активности, со што Винскиот фестивал – Македонско село е замислен како настан за целото семејство.

Од вино и традиционална храна, преку македонска музика, до автентичниот амбиент на „Македонско село“ – „Вкуси ја Македонија во чаша“ ќе понуди три дена во кои македонските вкусови ќе се спојат со музиката и доброто расположение.

16, 17 и 18 октомври – Вински фестивал-Македонско село
„Вкуси ја Македонија во чаша“

Музичка програма

Во петок програмата почнува во 16:00 часот и ќе трае до полноќ, додека за време на викенд деновите музичкиот дел стартува на пладне.

Во петок (16 октомври) прв на сцената (во 16:00) ќе застане диџеј Бранчез, по него следуваат Нино Величковски и неговите тамбураши (17:00), Благица Павловска (19:00) и од 20:00 часот следува настапот на Игор Џамбазов и Гуру Харе бенд.

Во сабота (17 октомври) музичката програма ќе стартува со диџеј Ерик Фокс (12:00), потоа на сцената ќе настапат тамбурашите Ѓезме (14:00), од 16:00 часот е закажан настапот на Александар Тарабунов, по него од 18:00 ќе настапи Александар Јосифовски, а вечерта, односно од 20:00 концерт ќе има Дамјан Стојаноски и неговиот оркестар.

Неделата (18 октомври) е резервирана за група Коштана (12:00), Смиља Митревска (14:00), Огнен Здравковски (16:00), Ѓоко Танески (18:00) и од 20:00 следува настапот на еден од најбараните домашни диџеи Галоски.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ