Телефонскиот број на Дежурната амбуланта во Клиничката болница во Штип треба да го знаете доколку имате потреба од итна интервенција. Од денеска почнаа работите на реконструкција на просторот на самиот главен влез во болницата, каде работи Дежурната амбуланта. Како што подолго време се најавува, овој дел од болницата ќе прерасне во Ургентен цената.
-Поради реконструкција и изведување на градежни активности во делот од ЈЗУ Клиничка болница -Штип, кадешто е планиран Ургентниот центар во наредните два месеци додека траат градежните активности ,сите пациенти и услуги адекватно ќе се третираат со претходно најавување и закажување на службениот број во Дежурна амбуланта 078/482-657, соопшти Клиничка болница – Штип.
Според дополнителното објаснување кое го побаравме од Клиничката болница, известувањето се однесува на сите, од градските болници од источниот регион, кои транспортираат патници, до приватните ординации, па се’ до секој граѓанин. Во пракса, тоа значи дека при сообраќајка на пример, ако некој возач, кој качил повреден да го донесе во болницата во Штип, ќе треба да се најави во Дежурната амбуланта на телефонскиот број.
Градежните работи се изведуваат во просторот лево од главниот влез во Клиничката болница, но иако се работи, влезот нормално фунционира.
Најавено е дека во наредните два месеци ќе се доградува и ќе се преадаптираат просториите на сегашната Дежурна амбуланта, која ќе прерасне во Ургентен центар. Во септември се очекува да биде отворен Ургентниот центар, кој ќе пружа итна медицинска помош на пациентите со животозагрозувачки состојби од Источниот и Југоисточниот регион.
Како што најави раководството на Клиничката болница, центарот ќе работи нон стоп, секој ден во неделата во текот на сите 24 часа и ќе прима итни случаи – деца и возрасните пациенти.
Ургентниот центар всушност ќе биде хируршки и интернистички ургентен центар за сите ургентни пациенти од Источниот и Југоисточниот регион.
Во исчекување на продолжување на градежните работи на новата Клиничка болница, чиј застој е не со месеци, туку со години, штипската болница се проширува, во рамките на тоа што е веќе изградено. Од 8 април во Модуларната болница, поставена во време на епидемијата со Ковид, почнаа прегледите од „Мој термин“, со што се намали напливот на пациенти на приемното одделение. Тука се сместени и амбулантни за ендокринологија и за подигање на инсулин веќе се во модуларната болница. Со тоа, како што објасни директорот Владко Захариев, се направи физичка подготовка да се тргне во градежни работи и да се формира Ургентниот центар.






