По скратена постапка ќе се менува Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата во делот на регулацијата на електричните тротинети, откако денеска пратениците го прифатија предлогот на координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, Никола Мицевски.
На почетокот, Мицевски изнесе алармантни податоци за последиците од сообраќајните несреќи – во периодот од 2024 година до мај 2026 година, на патиштата низ државата во пријавени сообраќајни незгоди учествувале 2.352 возачи на мопеди, електрични тротинети и моторцикли. Од вкупниот број на настрадани возачи (околу 2.000 лица), 46 загинале, 585 се здобиле со тешки телесни повреди, а 1.347 со полесни телесни повреди.
-Овие бројки загрижуваат и укажуваат на потребата од системска регулација. Затоа, со предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата се врши дефинирање на лесно електрично возило. Се предвидува максимална брзина до 20 км/ч, согласно препораките на Европската Унија. Со цел заштита на младите, се предвидува зголемување на минималната старосна граница на 18 години за управување со овие возила, бидејќи анализите на МВР покажуваат дека во повеќе од половината од несреќите со електрични тротинети учествувале лица на возраст од 16 и 17 години, образложи Мицевски.
Со предложените законски измени се заострува казнената политика, вклучително и привремено одземање на возилото во времетраење од 30 дена за возење на малолетник, пречекорување брзина, превезување друго лице или возење под дејство на алкохол.
Законските измени влегуваат во процедура и се очекува нивно усвојување.
Според актуелните законски прописи, електричен тротинет може да управува лице кое навршило 14 години возраст.
Во продолжение правилата, кои често се кршат:
• Возачот на електричен тротинет е должен да го управува тротинетот по велосипедска патека или велосипедска лента, а доколку истите не се изградени, по пешачка патека, односно друга површина наменета за движење на пешаци. ( се забранува движење со тротинет на коловоз).
• Возачот на електричен тротинет, не смее да се движи по велосипедска патека односно лента со брзина поголема од 25 km/h. а по тротоар и пешачка патека, не смее да се движи со брзина поголема од 6 km/h.
• Ако двајца или повеќе возачи на електричентротинет се движат во група, должни се да се движат еден позади друг.
• Возачот на електричен тротинет е должен да управува со возилото на начин на кој не се намалува стабилноста на возилото односно не смее да ги симнува рацете од управувачот, да се придржува за друго возило, да превезува, влече или турка предмети што можат да го попречуваат во управувањето со возилото.
• Возачот на електричен тротинет не смее да превезува други лица за време на управување со возилото и не смее да води животни.
• Возачот на електричен тротинет треба да носи заштитен шлем на главата за време на управувањето на возилото. ( треба но нема санкција)
• Возачот на електричен тротинет, од првиот самрак до потполно разденување, како и во услови на намалена видливост, е должен да носи рефлектирачки елек за време на управувањето на возилото.
• На електричниот тротинет задолжително треба да има светло во бела боја на предната страна и светло со црвена боја на задната страна.





