Движењето „Кој е Следен?“ утрово организираше герила акција пред судницата на КПУ „Идризово“, непосредно пред почетокот на судскиот процес за трагедијата во дискотеката „Пулс“.
Активистите истакнаа дека нивното присуство е симболичен потсетник дека јавноста будно го следи процесот и дека правдата мора да се реализира.
Со транспарент на кој пишуваше „Ве гледаме!“, тие упатија јасна порака до институциите, нагласувајќи дека должат одговорност кон семејствата на жртвите:
„Правдата нема да дозволиме да остане само големо очекување, сѐ додека не стане доблест.“
Од движењето посочија дека од денес судската власт е под јавна контрола и побараа судскиот процес да биде целосно транспарентен, непристрасен и професионален, без влијание од политички центри. Тие додадоа дека судиите кои го водат предметот имаат морална и законска должност да покажат интегритет, храброст и почит кон законот.
„Ќе одолеат ли на притисоците од центрите на моќ, или уште еднаш ќе ја потврдат недовербата на граѓаните?“ – прашаа од движењето, истакнувајќи дека правдата за жртвите, вклучително и оние од пожарот во Кочани, не е само желба, туку постои како должност.
Активистите од „Кој е Следен?“ најавија дека ќе продолжат со активности за да се обезбеди одговорност и да се слушне гласот на семејствата на жртвите.
„Нашата обврска е да ја трансформираме тагата во конкретен цел и да се обединиме за вистинска промена. Правда мора да има. Ве гледаме“, порачаа тие.
(К.М.)




