За 25 отсто порасна цената на нафтата – Сиљановска – Давкова вели интерконенкторот со Грција обезбедува доволно енергенси

Цените на нафтата во Европа пораснаа за 25 отсто што е најголем раст од август 2023 година. Ова уследи откако најмалку три брода беа нападнати во близина на Ормутскиот теснец, кој е главна рута за превоз на нафта што го поврзува Персискиот Залив со Оманскиот Залив и Арапското Море. Низ тој теснец минуваат една петтина од светската нафта. Се транспортира сурова нафта произведена во тој регион од земји како Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт и Ирак, а која се троши низ целиот свет.

Иран продолжува да спроведува напади низ Блискиот Исток како одговор на тековните напади од страна на САД и Израел. Иран ги предупреди бродовите да не минуваат низ теснецот, кој пренесува околу 20% од светската нафта и гас.

Цените ќе растат ако продолжи конфликтот

Меѓународниот превоз е речиси запрен на влезот од теснецот, а аналитичарите предупредуваат дека продолжениот конфликт би можел да ги зголеми цените на енергијата уште повеќе.

Во Азија рано изутрината глобалните цени на нафтата скокнаа за повеќе од 10%. Малку пред 07:00 часот по Гринич (08:00 по македонско време), цената на суровата нафта од типот Брент беше повеќе од 8% повисока и достигна 78,72 долари за барел, додека нафтата што се тргува на американско ниво поскапе за околу 7,6% на 72,20 долари.

Некои аналитичари предупредија дека цената би можела да надмине 100 долари во случај на продолжен конфликт. Во неделата, групата земји производители на нафта ОПЕК+ се согласи да го зголеми своето производство за 206.000 барели дневно за да помогне во ублажувањето на евентуалното зголемување на цените, но некои експерти се сомневаат дека тоа би помогнало многу.

Што да очекуваме?

На домашен терен, според претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, се следи развојот на настаните на Блискиот Исток, како и последиците од безбедносен и економски аспект.  По состанокот на Советот за безбедност, претседателката изјави дека надлежните информирале  дека нема проблем со енергенсите во државата.

-Интерконекторот меѓу Грција и нас веќе е во функција. Законот предвидува да мора да има обезбедена нафта од 40 до 90 дена и тоа е исполнето. Значи, од она што го чув јас како претседателка можам да кажам дека имам цврсто уверување, не само институционално туку и документирано со податоци, дека нема зошто да се грижиме во моментов. Се разбира ќе ги следиме состојбите и соодветно ќе реагираме, изјави Сиљановска-Давкова. 

Долгорочно затворање или прекин на сообраќајот низ Ормутскиот теснец, преку кој се транспортира една петтина од светската потрошувачка на нафта, би можело да предизвика цените на таа енергија да го надминат психолошкиот праг од 100 долари за барел. Ова би ја загрозило глобалната економија, но и би ги зголемило цените – кои веќе е тешко да се контролираат.

Иран поседува 12 отсто од светската нафта

Како што пишува Дојче Веле, цените на нафтата веќе пораснаа во претходните месеци, пред најновата војна во богатиот со нафта регион – бидејќи трговците беа загрижени за можните последици од американските воени напади врз Иран.

„Доколку конфликтот продолжи, односно ако почне да влијае на снабдувањето со нафта поради прекини во снабдувањето од Иран или поради обидот на Техеран да го блокира Ормутскиот теснец, ова би можело да предизвика скок на цените на нафтата, можеби на околу 100 долари за барел“, изјави Вилијам Џексон, главен економист за пазари во развој во „Капитал Економикс“ , во белешка до своите клиенти .

Иран има едни од најголемите резерви на нафта во светот – една четвртина од резервите на Блискиот Исток и 12 проценти од светските, според американската Администрација за енергетски информации (EIA). Но, неговото производство е ограничено поради годините на недоволно инвестирање и меѓународни санкции.

Сепак, Техеран најде начини да ги заобиколи западните санкции и сега продава 90 проценти од нафтата што ја извезува во Кина.

Фото: Фрипик

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ