ExYu
Fresh
Cafe
Radio EastGate Mall
Play button

Парадокс

Издавале лажни инвалидски пензии за суми до 3.500 евра по човек

today21/05/2020 76

Background

Пишува: Саше Димовски

Најмалку 77 граѓани од десетина градови во Македонија останале без своите инвалидски пензии и морале на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување да му вратат илјадници евра, бидејќи со парите, како што утврдиле кривичниот и граѓанскиот суд, се стекнале без основ.

Граѓаните пред судовите тврделе дека не знаеле или не можеле да знаат дека нивните пензии се одобрени незаконски, за што биле осудени повеќе вработени во Фондот за ПИОМ, но судиите не ги прифаќале ваквите тврдења, повикувајќи се на кривичната пресуда во случајот „Метастаза“ која покажала дека најмалку 77 граѓани, во период од 2 године, платиле пари за да добија инвалидски пензии.

Мал е бројот на пресуди, каде што судиите не го прифатиле барањето на Фондот за ПИОМ во целост да се вратат сите пари примени за период од повеќе години, бидејќи таа сума биле задолжени да ја надоместат и неколку вработени во Фондот, а осудени како дел од групата од 38 луѓе, обвинети дека издавале лажни инвалидски пензии, во предметот познат како „Метастаза“.

СЕ УСВОЈУВА тужбеното барање на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија и се задолжува тужената Гордана Т. да му исплати на тужителот на име стекнување без основ вкупен износ од 283.645,00 денари, со законска казнена камата, и парнични трошоци од 8.260,00 денари – пишува во пресудата на граѓанскиот суд.

Иако грaѓaните биле од различни градови, постапките најчесто се воделе во граѓанскиот суд во Скопје, каде што е седиштето на Фондот, а кривичниот суд ја водел постапката против 38 луѓе, обвинети за лажните инвалидски пензии, кои исто така биле од 8 градови во земјава. Меѓу нив имало матични лекари, членови на Комисии за утврдување на инвалидност или неспособност за работа, вработени во централата на ПИОМ и во нивните одделенија во неколку градови, вработени во Министерството за труд и социјална политика и неколку посредници од Тетово, Куманово, Велес, Скопје, кои наоѓале потенцијални баратели на пензии и од нив наплаќале сума до 3.500 евра за да се заврши целата постапка за добивање на пензија.

Во веќе споменатиот случај на Гордана Т.  во април 2009 година и било признато право на инвалидска пензија, во износ од 6.340,00 денари со право на тековно месечно усогласување. Фондот за ПИОМ по завршување на кривичната постапка во случајот Метастаза, во 2013 година по службена должност го укинал решението, прогласувајќи го за ништовно и побарал од неа да ги врати парите, кои според Фондот за ПИОМ, биле стекнати без основ. За периодот од 5 години, ПИОМ побарал корисничката на пензија да му врати околу 420 илјади денари.

-Бидејќи со износот од 135.965,50 денари се задолжени обвинетите со кривичната пресуда КОК бр. 39/10 и КОК бр. 25/11 од 22.10.2012 година, судот најде дека тужената е во обврска да му го врати на тужителот износот од 283.645,00 денари, за кој се стекнала без основ – констатира Судот во пресудата.

Граѓаните се повикувале на застареност на побарувањата бидејќи имало поминато и повеќе од 5 години, но судот ги одбил ваквите барања за застареност на тужбеното барање бидејќи тужените го признале долгот кога им испратил ПИОМ опомени пред тужба и побарале износот да го плаќаат на рати, со што, според судот, на тој начин граѓаните ја прекинале застареноста, што било утврдено во членот 355  од законот за облигациони односи.

Во одредени случаи, како во примерот на Филимена Ж. Судот донел пресуда само затоа што тужената не дала одговор на тужба. Во овј случај  ПИОМ побарал да му бидат вратени 1.612.095  денари со законска камата и судот ја задолжил тужената да го врати целиот износ без одржување на рочиште. Во овој случај Фондот како доказ ја користек кривичната пресуда и решението со кое и се укинува пензијата.

За сите случаи, Фондот ангажирал ист вештак, од приватно Биро за вештачења кој правел пресметки колку пари треба да вратат лицата, кои според кривичната пресуда, дале по неколку илјади евра на разни структури во системот, како поткуп, за да добијат медицинска документација, која понатаму ја користеле за добивање на оценка за намалена работна способност и добивање инвалидска пензија.

КАКО ДОШЛО ДО ПОНИШТУВАЊЕ НА ПЕНЗИИТЕ?

За овие 77 пензии, или за над 700 доделени незански во период од само 2 години, немало да се дознае дека се доделени за пари, ако обвинителството за гонење организиран криминал и корупција не отворело истрага и не обвинило 38 луѓе, на различни позиции во пензискиот систем, и секој од нив, за одреден надомест помагал да се добие пензија, независно дали граѓаните ги исполнувале условите или не.

Како што вели заштитениот сведок во овој случај, јавна тајна било дека во Македонија ако сакаш да добиеш предвремена, инвалидска пензија, мора да платиш!

Од 38 обвинети во случајот со издавање лажни инвалидски пензии, за кои плаќале граѓаните, судовите утврдиле дека лекарот Сашо Јосимовски, началничката на комисиите што утврдувале инвалидност Љубица Величковска и посредниците Азем Кофрц и Љупчо Бутевски создале група, во која членувале уште 34 лица од цела Македонија и во период од 2 години, незаконски и за пари, доделиле пензии на 77 лица.

На лицата кои барале пензија им ветувано дека за одреден паричен надомест ќе им ја обезбедат пензијата. Посредниците прибавувале податоци за возраста, пензиски стаж и врз основа на прибавената документација на секој барател на пензија му кажувале колку пари треба да плати. Таа сума, според сведокот и утврденото во пресудата, се движела од 3 до 3.500 евра.

Во пресудите, судот утврдил дека групата си ги делела парите меѓу себе, а, кој колку ќе добиел, зависело од неговата ангажираност во приказната. Докторите правеле проценка која медицинска документација дополнително треба да се прибави за да се оствари одредено право.

Посредниците пак, кај лекарите им закажувале или лично ги воделе луѓето што барале пензија на фиктивни прегледи или престој во медицински установи. Лекарите и сами издавале документација без да дојде пациентот кај нив на преглед!

Според судските пресуди, членовите на лекарските комисии и посредниците барале од 3.000 до 3.500 евра без разлика дали барателите биле болни или здрави лица. За секој барател сумата била различна во зависност од тоа каква документација треба да се извади.

38-те обвинети, првостепено беа осудени од условни, до казни затвор од две и пол години затвор и задолжени да вратат штета од околу 250 илјади евра на сметка на Фондот за ПИОМ.

Првостепената постапка траеше две и пол години.Но, на крајот на судењето остана неодговорено прашањето, дали само 77 лица добиле лажни пензии како што беше напишано во обвинението или околу 700 луѓе, главно партиски кадри, за кои, според лекарите, директно ургирале високи партиски личности, вклучувајќи и министри за да им се дадат пензии.

Најстрашно е што инвалидските пензии биле државен криминал за кој знаеле, а и директно наредувале, министри, заменици, партиски функционери, на кои не им фали ни влакно од главата, а зад решетки ќе завршат луѓето, кои, покрај тоа што биле партиски послушници, од време на време, за да се омрсат, заклале по „некоја овца”– рече на судењето еден од обвинетите лекари, член на комисија во Фондот кој вршел ревизија на документите.

За време на судењето, од 77 сведоци што добиле инвалидски пензии, со некомплетна документација и за пари, како што тврдеше обвинителот, само шестмина потврдиле дека им биле барани пари или дека дале, додека 71 од нив тврделе дека навистина се болни, никој не им барал пари, ниту дале, на што обвинителот реагираше и вели пред судот дека неговите сведоци што требало да го поткрепат обвинението – лажеле во судница.

Двата суда и основниот и апелациониот прифатиле дека овие 77 лица незаконски добиле пензии, по што ПИОМ поднесува тужби и ги бара парите назад.

Апелациониот суд подоцна ја преиначи првостепената одлука за случајот „Метастаза“, на 9-мина осудени затворската казната им ја зголеми од 3 до 6 месеци. За останатите осудени, Апелациониот суд ги потврдил условните казни. Второстепениот суд во целост ги одбил жалбите на одбраната. Со првостепената пресуда по овој предмет, Кривичниот суд во Скопје пресуди дека сите обвинети се виновни, а казните се движат од 3 години затвор, па се до условни пресуди. Ефективен затвор им е досуден на седумнаесет од вкупно 38 обвинети.

Деветнаесетмина обвинети добија условни казни. Поранешниот претседател на Комисијата за ревизија за утврдување на инвалидност Сашо Јосимовски и тогашната претседателка првостепената Комисија, второобвинетата Љубица Величкова добија затворски казни од две и пол години. Највисока казна според пресудата, за четвртообвинетиот Љупчо Бутевски, кој според обвинението бил еден од главните посредници при издавањето на инвалидски пензии.

Третообвинетиот, Азем Кофрц кој исто така бил посредник доби казна затвор од две и пол години. Повеќето доктори и посредници добија условни казни од една и пол година, а сите заедно се задолжени солидарно да ја надоместат штетата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во износ од околу 250.000 евра.

Првостепената пресуда која се потврди подоцна ја донесоа судиите Ѓоко Ристов и Весна Димишкова, откако од предметот на средина без образложена причина излезе Владимир Панчевски, кој беше втор судија. Обвинител беше Златко Биковски.

ЧИИ ПЕНЗИИ СЕ ДРЖАВНА ТАЈНА?

Во случајот е сослушан и заштитен сведок,  кој како што тврди, било јавна тајна дека треба да се дадат пари за да се добие ивалидска пензија. Од папкиte со документи за „Метастаза” обезбедени со посебните истражни мерки, дел се прогласени за државна тајна и тие не се презентирани на судењето!? И покрај барањето на обвинетите, никој немаше одговор, зошто добивањето пензија е државна тајна.

Па, во теснецот меѓу вистината и државната тајна, крајот на судењето за „Метастаза” откри шокантни податоци, дека не биле само овие 77 луѓе кои наводно добиле инвалидски пензии, без да има основа за тоа, туку биле пензионирани дури 700 партиски војници, на тогаш владејачките партии а за тоа, ниту некој одговара, ниту ги споменува!

Како што тврдеше обвинетиот кардиолог Сашо Јосимовски во неговиот завршен збор, обвинителот меѓу доказите оставил три пораки упатени на неговиот телефон од НН лице, кое, всушност, не само што не е непознато, туку е унапредено по аферата „Метастаза” и бил поставен за министер за труд и социјална политика. Се вика Спиро Ристовски, објаснуваше обвинетиот лекар.

-„Господине обвинител, дали Вие ми ставате на товар пораки од НН лица?  Што ако лицата се со познат идентитет. Имено, станува збор за господинот Спиро Ристовски, актуелен министер за труд и социјална политика. Имено, бројот од Љубица Величкова ми го праќа  самиот министер Спиро Ристовски. Следува и незаконито барање за пензионирање, но и пофалба за завршената работа”, рече докторот Јосимовски, презентирајќи ги пораките што кон неговиот број се испратени од број на Ристовски.

Првата порака од заменик-министерот до лекарот е испратена  на 15.10.2008 година во 9.22 часот, каде што Спиро Ристовски и ги испраќа мобилните телефони на Љубица Величкова, началничка на комисиите за утврдување инвалиднина, кои работат во рамки на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, период кој, според обвинението, е почеток на организирањето на групата, која почнала да наоѓа луѓе на кои им се подготвувале документи за лажни пензии.

Следната порака, која тогашниот министер за труд и социјална политика му ја испраќа на Сашо Јосимовски, е од 3 септември 2009 година, испратена во 11.35 часот со содржина: „С.А. од Велес, со дијагноза „Ко…ис” да добие општа неспособност за работа (пензија). Поздрав”.

На вака добиената порака, најверојатно Јосимовски одговорил дека работата ќе биде завршена, па за само три часа, (во 14.13 часот) Спиро Ристовски, на Јосимовски му испраќа порака со текст: „ЛЕГЕНДА СИ”!

Тргнувајќи од овие докази, обвинетиот лекар пред судот прашуваше: „Дали обвинетите здравствени професионалци во „Метастаза” се тие што ја креирале корупциската шема за добивање пензии или само сомнителни лица со сомнителни намери, кои требаат да бидат казнети?”.

Но, партиските шеми не запреле тука. Во тој период биле пензионирани 700 лица, чии досиеја подоцна биле прогласени за државна тајна. На списокот на пензионирани, со директен партиски налог, се наоѓале блиски роднини на партиски функционери, од баби и дедовци, до мајки и татковци, до трети заслужни лица, за кои се носеле решенија да се прогласат за работно неспособни и на тој начин да добијат решенија за инвалидски пензии, трајни или привремени, или, пак, да им се определи нега за трето лице.

Сепак, партиските војници во комисијата за ревизија или претходно на прегледите требало да поминат со два потписа, како гарант дека врска му е партијата. За тоа, според кажувањето на Јосимовски пред судот, задолжени биле началничката Љубица Величкова и помошник-директорот во Фондот за ПИОМ, Трајко Премчевски, кој и натаму останал на таа функција.

Значи, имав контакти со овој сведок, кои беа по ургенции, но тоа нема допирни точки со остварување имотна корист. Треба само да имате предвид дека овој човек високо котира во одлучувањето за работната способност, и порано и сега. Но, сега можеби има некој нов Сашо. Во своето сведочење на прашање на моите бранители, кој го донесува и го потпишува решението со кое осигурениците остваруваат право на инвалидска пензија, што е императив во управната постапка, тој одговори: раководителите на подрачните единици на ФПИОМ. Раководителите што тој ги поставил?! – објаснуваше лекарот пред судот.

За началничката на комисиите која утврдувала кој треба да добие инвалидски пензии, Љубица Величкова ма Јосимовски му била претставена од помошник-директорот во Фондот за ПИОМ, Трајко Премчевски, заради нивна „синхронизација” околу извесни партиски ургенции кои прво му биле најавувани од Премчевски, а потврдувани од началничката Љубица Величкова.

Од исказот на заштитениот сведок и од разговорот со обвинетиот Љупчо Бунтевски се гледа како се одвивале договорите, кој каква услуга можел да заврши.

Заштитен сведок: Оној Сашенка што ти прави? Тој мисли ли мене да ми помогне или ќе се мајтапи со мене. Три години не сум го видела. Саше со сите мои роднини се знае и сега што заебава. Нека не се откажува од мои случаи. Знам дека сите случаи ги избута, прави опструкции, се прави семоќен!

Бутевски: Јас ќе ти кажам кого да бркаш. Сашо не може ништо. Тие, само тој Башким и тој Џемо можат, тие што работат во Министерството, десна и лева рака се на министерот (Џелал Бајрами н.з.).

Заштитен сведок: Тие се главни, а? Бутевски: Да!

Заштитен сведок: А Сашо не може?!  Бутевски: Не може. Ги поминува само партиските случаи. Извршува што ќе му каже тој Спиро (Ристовски н.з.)!

Јасно е, значи, дека загрозениот сведок не можел да комуницира со мене во периодот од 2008 до 2010 година, а тоа децидно го тврдеше во своето сведочење. Од него почна и со него завршува случајот „Метастаза” – тврдеше лекарот Јосимовски.

Одлуките на инвалидските комисии биле разгледувани од второстепена комисија составена од лекари кои ги избирал министерот за труд и социјална политика. Комисијата за ревизија била колегијално тело, и одлуките ги донесувале колективно. По овој случај, во комисиите се назначени само нови лекари, но ништо не е сменето во начинот на работење.

Објавено од: Viktor Gavrilov

Rate it
0%