На неформалниот самит на лидерите на Европската Унија во Копенхаген денеска на маса ќе биде едно од најжешките прашања – пристапувањето на Украина во Унијата. Според извори на „Политико“, зад сцената се води тивка битка меѓу оние кои бараат излез од унгарското вето и оние кои стравуваат дека можат да ја изгубат сопствената моќ на блокада.
„Очигледно Унгарците ги блокираат Украинците. Но, тоа не е сè. Бугарите сакаат да можат да ги блокираат Македонците, Хрватите сакаат да ги контролираат Србите, Грција и Кипар не сакаат Турција да се приближи до ЕУ, а Грција, исто така, би сакала да ја држи на око Албанија,“ вели дипломатски извор за порталот.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, лобира кај европските лидери за промена на правилата за проширување – одлуките да се носат со квалификувано мнозинство, наместо со едногласност како досега. Целта е да се избегне блокадата на Унгарија и да се отвори пат не само за Киев, туку и за Молдавија.
Финскиот претседател Александар Стуб отворено го поддржа предлогот:
„Секој механизам за донесување одлуки што дава поголема флексибилност и помала можност за блокирање, јас лично го поздравувам, и никогаш повеќе отколку со Украина.“
Но, планот на Кошта е контроверзен. Франција, Холандија и Грција, заедно со Унгарија, се споменуваат како земји кои би се спротивставиле. Нивната загриженост е дека со укинувањето на правото на вето ќе ја изгубат можноста да ги бранат сопствените интереси – било тоа блокада за Македонија од Софија, било спротивставување на членството на Турција од Атина и Париз.
„Воопшто не сме убедени од менувањето на правилата на играта за време на играта. Ако се воведе квалификувано мнозинство, ризикуваме процесот да стане премногу политизиран,“ предупреди еден европски дипломат.
За Украина и Молдавија, застојот во процесот има висока политичка цена – и за претседателот Володимир Зеленски, и за Маја Санду, кои влезот во ЕУ го промовираат како алтернатива на руското влијание.
Иако Европската комисија веќе сигнализираше поддршка за идејата на Кошта, за промена на правилата ќе биде потребна согласност од сите 27 членки – вклучително и Унгарија.
„Јавно лидерите на ЕУ можат да се спротивстават на Орбан. Но, зад затворени врати, многумина го гледаат неговото вето како погодно покритие за сопствените барања,“ заклучува „Политико“.







