ExYu
Fresh
Cafe
Radio EastGate Mall
Play button

Парадокс

Кој сака да биде судија поротник?

today06/02/2020 83

Background

Судиите поротници  се’ до неодамна беа речиси невидливи за јавноста. Иако се составен дел на судечкиот совет и имаат еднаков глас како и судиите професионалци, за судиите поротници почна да се зборува дури по случајот „ТНТ“, за уривањето на објектот Космос. Процесот, кој беше пред донесување на пресуда, мораше да почне од почеток поради оставка на судија поротник. Според законот, судењата почнуваат од почеток доколку дојде до промена на составот на судечкиот совет.

Граѓаните, или лаичкиот дел од судството, како што стручно ги нарекуваат, во прогласување на некој за обвинет еднакво одлучуваат со професионалните судии. „Во име на граѓаните“ – така почнува секоја изречена пресуда. И буквално, грѓаните, како судии поротници се тие кои ја даваат смислата на оваа реченица. Некои од поискусните судии со кои разговаравме, велат дека судиите поротници се тие кои ја даваат рамнотежата, односно се контролата на судијата професионалец.

И ако на скопското апелациско подрачје има предизвици од аспект со менаџирање на комплицирани судски процеси, каде често се однесуваат на висока корупција, штипското се соочува со предизвикот на мала средина. Малите судови освен што располагаат со ограничен број на судии поротници, имаат проблем со нивното ангажирање во процеси каде и лично се познаваат со обвинитите, ја знаат нивната историја, а често се роднински или пријателски поврзани. Ова е ставот на професот Тодор Витларов, кој е Виш јавен обвинител во Штип. Витларов, кој долги години се занимава и со корупцијата во судството како тема, смета дека другиот е апсектот на влијанието, што е исто така проблем со кој треба да менаџира судијата.

-Во ситуација кога секој се знае со секого, лесно е да се знаат инволвираните во предметот, па од тука и да се изврши влијание, вели Витоларов.

Во Основниот суд во Штип во тек е судски процес за кривичното  дело „Попречување на правдата“ од Кривичниот закон. Обвиниетиот прво се обидувал да даде поткуп на сведок, а откако овој одбил, му се заканил. Ова дело, „Попречување на правдата“, се однесува и доколку е загорезен или на некој начин се има влијание врз судија поротник, како службено лице.

„Тој што со сила, сериозна закана или со ветување, нудење или давање некаква корист ќе влијае врз судија, јавен обвинител или друго службено лице или адвокат да презема или да не презема со закон предвидени дејствија во постапка пред суд или друг орган надлежен за водење постапка уредена со закон спротивно на неговата службена или адвокатска должност и овластувања, или ќе го спречува во вршењето такви дејствија, ќе се казни со затвор од една до десет години“ (член 27,став 5, Кривичен закон на РМ).

Оваа одредба е нова и е дел од последните измени на Кривичниот закон од 2018 година. По ова дело веќе е пресудено во Основниот суд во Делчево. Од основните судови, кои се дел од Апелациониот суд во Штип, истакнуваат дека кај нив до сега немало вакво дело, кое се однесувало на судии поротници, иако во минатото, особено последните години сигурно имало обиди да се изврши влијание. Овие обиди, според објаснувањето од судиите, не се официјални, ниту пријавени, бидејќи не дошле до таа фаза. Според законот, повлекувањето на судија поторник, го враќа судењето од почеток, со што обвинетите добиваат на време. Но, во ситуација кога судија поротник ќе се пожали за притисок или закана, судијата е должен да пријави до Обвинителството. Витларов, од улога на Виш обвинител, вели дека кај нив до сега немало ваков случај.

Сепак, дали се случило влијание врз граѓанскиот дел од советот, кој учествува во судењето за милионски износи, може само да се претпоставува.

Всушност, според нашите соговорници, факт е дека адвокатите ја користат законската можност, како и слабоста на судот во менаџирањето на предметите, кој пропуштил добро да го процени судечкиот совет и да назначи заменици на судиите поротници, во случај да треба да го напуштат судењето.

Претседателот на Освниот суд од Кавадарци, Лазар Нанев смета дека не треба понекогаш да ги обвинуваме адвокатите, бидејќи тие се бранители и ќе ги користат максимално сите процедури и привилегии кои произлегуваат од самиот закон за кривична постапка.

– Ова прашање би го поврзал со многу важното прашање на менаџирањето на самиот предмет од аспект на тоа како еден судечки судија се подготвува за предметот, како го менаџира, неговата проценка за тоа колку време ќе биде потребно за донесување на одлука од моментот на почетокот, закажувањето на првата расправа па се’ до завршните зоборови, односно донесувањето на пресудата. Бидејќи ако има добро менаџирање и ако се направат добри проценки, секогаш кога станува збор за вакви предмети од високата корупција, судијата мора да определи дополнителни судии поротници, смета Лазар Нанев.

Кој може да биде судија поротник?

Судиите поротници на јавен повик ги избира претседателот на судот, а листата ја потврдува Судскиот совет. Во критериумите, меѓу другите,  стои дека поротниците, при изборот,  не треба да се постари од 60 години и да имаат интегритет. За својата работа, поротниците дневно добиваат од 300-600 денари, во зависност од тоа во кој суд се ангажирани. Во случаите, каде се суди за висока корупција, дневно поротниците добиваат по 600 денари.

Интересот за да се врши оваа улога е мал меѓу граѓаните. Некои од малите основни судови работат со само неколку судии поротници.  Во Апелацискиот суд во Штип, каде се суди по жалби од осум основни судови, има само шест судии поротници, од кои пет се активни. Меѓутоа, како што објаснија од Апелација, овој број е доволен да се одржуваат судењата.

Штипската адвокатка Виолета Петкова, три години има работено како судија поротник во Основниот суд во Штип. Нејзиниот мотив да се пријави, било стекнувањето искуство, внатре во судот. Тоа според неа е драгоцено искуство, па поради тоа, Петкова смета судиите поротници треба да се бараат меѓу студентите на право, завршените правници и слични профили, кои иднината ја гледаат во овие професии.

-Пред се’ мене ми беше потребно заради стекнување искуство. Присуство на судењата, опипување на постапката од таа внатрешна страна. Сметам дека тоа треба да го прават сите правници, вели адвокатката Петкова.

Сепак, според неа, преувеличена е улогата на судиите поротници, бидејќи главно одлуките се донесуваат здружено со судиите, ретко се различни од судијата професионалец. Судиите поротници, како што вели Петкова, дури и не се свесни за улогата што ја имаат во правниот систем.

-Како поротник те повикува судијата и те поставува во советот. Доколку не постапуваш онака како што мисли судот, можеби нема ни да те повикаат следен пат. Не би сакала да генерализирам, меѓутоа мислам дека судиите поротници сметаат оти тие се тука за да ги исполнат законските критериуми и постапки за спроведување на едно судење и дека чекаат одлуката да ја донесе судијата, изјави Петкова.

Во архивата на Уставниот суд има предмет на граѓанин од Крива Паланка, кој бара изеданчување на износите што ги добиваат судиите поротници од малите судови, со тие од Апелависките и судовите со поголема надлежност. Во времето на оваа претставка, судија поротник од Крива Паланка, добивал по 125 денари од ден.

Претседателот на Основниот суд од Кавадарци Нанев, кој е автор на повеќе трудови за судиите поротници, смета дека општата перцепција кај граѓаните за корупција е дека ја има во сите пори на општеството, па и овде.

-Судството се соочува со недостаток на судии поротници и прашање на време е кога ќе почнат да се одлаагаат судења поради недостаток на судии поротници. Тоа е пред се’ поради малиот паричен надомест што го примаат за извршувањето на нивната работа. Знаете, тие за еден предмет може да бидат ангажирани цел ден и тоа постојано секој ден. И сигурно дека, доколку се работи за сериозни постапки, не може да се исклучи одредено влијание од странките. Хипотетички – ако се обвинети одредени лица за милионски суми на штета што ја направиле, да речеме 10 милиони евра, судијата поротник за извршување на својата работа дневно зема 500 денари, хипотетички се’ е можно да се случи во тој дел. Но, ќе повторам, секогаш во прашање е интегритетот на личноста што ја извршува оваа функција, изјави Нанев.

Судиите поротници како предмет на манипулација

Последните неколку месеци покажаа дека со судиите поротници лесно се манипулира. Тие се важен елемент во судењето, еднакво моќни како и судиите професионалци, но се слабо платени, немаат одговорност, ниту може да бидат повикани да одговараат кривично поради изречена одлука или мислење. Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев вели дека до сега до највисокото судско тело, нема  ниту една претставка за судија поротник, додека за судии има, вклучувајќи и такви поради сомневање за корупција. Здравев потврдува дека е многу слаб интересот кај граѓаните да ја вршат улогата на судија поротник.

-Судскиот совет им испорача на претседателите на судовите да ги ажурираат листите на судиите поротници. Во смисла, доколку се исполнети законските услови за престанок на мандатот, тоа да го констатираат и до Судскиот совет да поднесат барање за нивно разрешување. Исто така, да поднесат постапка за избор на доволен број на поротници, за да не би се довело во прашање нормалното функионирање на судот, изјави Здравев.

Неодамна на седница на Судскиот совет, беа разрешени 19 судии поротници поради престанување на нивниот мандат. Од судовите велат дека проблем е некој од приватна фирма да доаѓа на судења денови по ред како судија поротник. Прв проблем е разбирањето кај сопствениците, додека следниот е врзан со надоместување на изгубените часови работа. Поради тоа, Освновните судови во внатрешноста на Македонија зависат од административните работници, како дел од судската порота.

Претседателот на Судскиот совет,Киро Здравев, открива дека при подоготвката на Стратегијата за човечки ресурски, некои од судиите судиите предложиле преку измена на законот да се отстранат судиите поротници, како составен дел од судскиот систем.

-Во тек е изработката на Стратегијата за развој на човечките ресурси во судството. Во врска со таа стратегија, беа истакнати и неколку предлози во смисла на тоа да лаичкиот елемент, односно судиите поротници бидат исклучени од судските процеси. Тоа е тешко остварливо, ако се има во предвид дека и во западните демократии, во западните правосудни системи е присутна и поротата, кажа Киро Здравев, претседател на Судскиот совет.

Поротата е важен дел на правосудниот систем во Америка, каде донесува одлуката за винатата во предметот, додека судијата ја изрекува казната. И повеќе други земји во Европа и светот го имаат овој систем. Во Македонија е мешавина на професионални судии и граѓани поротници, кои се усогласуваат и заеднички донесуваат одлука. Во правото присуството на судиите поротници се толкува како облик на квалитетно поставен формален правен поредок, кој ќе обезбеди заштита на основните човекови и граѓански права, а со тоа и заштита на демократијата од тиранијата. Случаите на висока корупција, го ставија системот на испит.

Објавено од: Viktor Gavrilov

Rate it
0%