Ацо Ристов, новиот претседател на РКЕ, во првото медиумско појавување најави ревидирање на блоковите и ефтината тарифа во сметките за електрична енергија, со што јасно стави до знаење дека струјата ја третира како роба која мора да има единечна, а не пет различни цени. Со ова тој предизвика загриженост кај граѓаните кои се обидуваат да штедат електрична енергија, се вели во соопштението на ПП „Левица“.
Од партијата понатаму во соопштението велат:
Доколку РКЕ донесе ваква скандалозна одлука тогаш директно ќе удри по најсиромашните. Пресметките, на годишно ниво, покажуваат дека едно семејство, кое цело време се обидува да штеди електрична енергија и на месечно ниво да се движи во првиот тарифен блок, ќе плаќа за третина поскапа струја. Очигледно е дека Ристов се стави во функција на приватниот капитал, на страната на ЕВН, бидејќи ЕВН Хоум е универзален снабдувач на домаќинствата.
Поранешниот градоначалник на Радовиш, од ДПМНЕ, а сега претседател на РКЕ ништо не спомна за паушалните сметки кои ЕВН ги доставува до домаќинствата без да ги отчита броилата, како и за реалната можност за проширување на временскиот опсег на ефтината тарифа.
Во досегашното работење на РКЕ не е непознато често менување на правилниците и на тарифните модели, сѐ со цел да и се удоволи на политичко – енергетската олигархија во Македонија преку осиромашување на народот и уништување на јавниот интерес.
Сметаме дека тарифните блокови треба да останат со проширување на временскиот опсега на ефтината тарифа, а единствена можност за намалување на цената на струјата е ЕЛЕМ Продажба да биде законски определен универзален снабдувач, со двојно помала маржа од сегашната маржа на ЕВН Хоум од 9.9%.
Левица бара воведување на повеќетарифен систем (зимски и летен), со повеќе часовни блокови, како и сончева тарифа за усогласување на производството со побарувачката, искористување на сончевите вишоци и намалување на сметките за електрична енергија, воедно зголемување на интервалот за ефтина тарифа.







