Под вест објавена на социјалните мрежи со изјава на германскиот канцелар Фридрих Мерц дека Германија и Европа не се откажуваат од поддршката за Украина во одбраната на нејзиниот суверенитет и територијален интегритет има 618 коментари. Убедливо мнозинство од коментарите се со изразен проруски наратив, кој содржи позиции и тези кои ги застапува Москва во својата војна против Украина.
Логичното прво прашање за оваа ситуација е – Што е тоа што дел од Македонците ги прави изразено проруски расположени и како руските тези дошле до нив во услови кога во Македонија не постои ниту еден домашен центар на влијание – политички и медиумски, кој има проруски наратив?
Одговорот лежи во FIMI (Foreign Interference and Information Manipulation) или СММИ (Странско Мешање и Манипулација со Информациите) – Термин кој современите аналитичари и истражувачи во медиумите го користат, меѓу другото, и за ваквите феномени, во кои дезинформација, како на пример дека Украина е нацистичка држава, наменета за домашната руска публика, ќе заврши на „трпезата“ во Македонија.
Лажните вести не завршуваат случајно кај публиката која ниту знае руски, ниту следи руски медиуми, но разбира српски и следи српски медиуми кои имаат ваков наратив и кои без проблем можат да се купат од киоск во центарот на Скопје, да се претплатат на телевизија или да се отворат на интернет.

„Извезени“ лажни вести
Освен влезот на прорускиот наратив преку српски медиуми, кои во Македонија воопшто не изгледаат сомнително, во земјава има уште еден феномен – настани кои се случуваат во Македонија, а се поврзани со луѓе кои се идентификуваат како Бугари, надвор од Македонија, поточно во Бугарија, многу често да се пренесуваат извртено со однапред поставена теза дека македонската држава плански и системски работи против своето бугарско малцинство и дека секој инцидент поврзан со Бугарин е инцидент поддржан од државата во нејзината борба против бугарштината во Македонија.

Универзитетскиот професор по безбедност и поранешен шеф на военото разузнавање, Владимир Пивоваров, вели дека Македонија не е изолиран случај, туку дека станува збор за светски тренд:
„Тоа е светски тренд, не е само тренд за Македонија конректно, меѓутоа ние сме таргет на одредена сила, да кажеме, на одредена држава и нормално е дека таа држава преку денешните медиуми, преку сè поприсутни подкасти, сè поприсутни социјални мрежи и други достапни алатки, да ги пласира своите наративи.
Тоа е случајот што го имаме ние со Бугарија. Гледате дека перманентно од таа страна, за некои безвезни предмети кои се водат во Македонија, дали е прекршок, дали е друго, сè се оди на наративот – „Затоа што се Бугари, затоа така постапува македонската држава“, што не е во ред. Тој што ја прима последната информација или не сака или не може или не знае истата да ја провери дали таа е вистинита или не. Врз основа на тоа во комуникација со граѓани ја шири „информацијата“ и луѓето си носат свој заклучок. Тоа е многу сериозен проблем од кој нема универзален лек – еден за сè.“ – вели тој.

Новинарот Игор Стојанов вели дека постојат многу фактори кои Македонија ја прават подложна на надворешни влијанија:

„Историскиот контекст на Македонија и континуираното влијание кое се врши врз граѓаните доведува до тоа граѓаните да се во постојано неразбирање за реалноста. Смислено и систематски релативизирањето на фактите во јавниот дискурс доведува до т.н. „шум” во јавниот дискурс кој има за цел да ја збуни публиката наместо да и даде одговори информации. Ако јасно забележите во јавниот дискурс многу повеќе се поставуваат прашања наместо да се одговараат прашања. Дури и медиумските извештаи и влијателни личности преку поставување на прашања се обидуваат да го збунат „обичниот граѓанин”. Во Македонија нема интерес за системско решавање на надворешното влијание токму заради тоа што носителите на одлуките се тие кои се под сериозно надворешно влијание.“ – вели тој.
Странското мешање во медиумите во „пакет“ со најразлични организации
Во рецептот за успешно странско мешање во медиумите, освен самите медиуми и средства за информирање, стои и физички влез во државата преку разни организации, невладини, владини и многу често неформални групи, кои начелно се бават со друго, но крајната цел им е наметнување на своето влијание. Меѓу тие организации најмоќни и највлијателни се соседните цркви и исламските организации.

Но, не изостануваат ниту домашните МПЦ ОА и исламската верска заедница.
Сосема суптилно, одредени епархии и религиозни сајтови понекогаш ќе вметнат реторика која наведува на ставови кои припаѓаат на странски верски заедници и држави.
Така, порталот Литургија.мк на 24 декември 2024 во својата објава за Божиќните подготовки на православните цркви, објави дека руската црква имала активности во „Доњецката Народна Република“, термин што Русија го користи за окупираната Доњецка Област, која по меѓународно признатите граници и припаѓа на Украина.
Употребата на терминот „Доњецка Народна Република“ алудира на тоа дека окупираниот регион Доњецк и припаѓа на Русија.

Стојанов смета дека разните организации и структури во суштина се неопходни за успешно странско мешање во медиумите:
„Странското влијание не доаѓа единствено преку медиумите. Тоа пред се навлегува во институциите, бизнисите а следствено на тоа и во медиумите. Изолирано странско влијание само во медиумската сфера мислам дека тешко може да помине. Индикатори за организирано влијание во јавниот дискурс може да се увидат преку истиот наратив на различни медиуми, а без транспаретност за тоа кој и како е нарачател или спонзор на таа содржина. Значи има примери кога слични текстови одеднаш ќе се јават на повеќе медиуми, наводно како новинарски продукти. Организрано влијание во јавниот дискурс јас секогаш гледам и на по широко ниво. А тоа е преку носителите на одлуки кои намерно, смислено и систематски го држат пазарот мал, а медиумите зависни. Така медиумите стануваат уште по подложни на влијание, а со самото тоа и самите тие манипулирани.“ – вели тој.
Ваквиот став го поддржува и професорот Пивоваров:
„Има многу невладини, владини организации, кои се финансирани од своите држави, кои се резидентни во Македонија. Немој да мислите дека тоа е нешто најдобронамерно. Секогаш позади сето тоа што ви го даваат има позадина. Која е нивната цел? Што сакаат тие со тоа да постигнат? Без никаква противуслуга тие не го даваат тој продукт бесплатно на нашата држава. Доколку тоа влијание дојде до таа мера да стане политички, безбедносно проблематично, државата е должна, во крајна мера, и да откаже гостопримство на таквите невладини, владини организации кои имаат сосема друга задна цел. Уште од поранешна Југославија, имаше меѓународни хуманитарни организации, меѓутоа тие имаа своја целна група во Македонија, финансираа помош, нематеријални добра, материјална, едукации и со самото тоа тие го ширеа своето влијание. Тоа е начин како да се шири влијание. А ние сме тие кои треба да кажеме, да ова е во ред или не е во ред. Граѓаните се, пак ,тие кои понатаму треба да одлучат како што понатаму со таа информација. Дали ќе ја проверат, нема да ја проверат, меѓутоа имате многу луѓе, кои се за жал, медиумски неписмени и таа информација ја прифаќаат без проверка, туку како нешто вистинито.“ – смета Пивоваров.
Странското мешање навлегува и во институциите и кај креаторите на политики
Поранешниот претседател на државата Стево Пендаровски смета дека Македонија е отидена чекор подалеку и освен што е мета на странското влијание, како општество е и соучесник во креирањето на тн. „Српски свет“, кој претставува продолжено влијание на „Рускиот свет“:

„Во однос на влијанието на руско-српскиот свет во регионот имам една сосема поинаква дефиниција – јас тврдам дека нашите политички гарнитури, не сите се разбира, но некои и до одреден степен, сакаат самите да бидат дел од тој свет. Кратко и јасно, Македонија е одамна прокси држава, не е само транзиторна држава, или држава реципиент на пропагандни вести, на лажна пропаганда, на хибридни закани. Тоа се одвива минимум последните 7-8 години. Ако ја дефинираме улогата на нашава држава во тој pipeline, како го нарекуваат, во тој канал, кој почнува од Москва, па преку регионални прокси се проширува и на останатите – ние сме еден од подизведувачите на главниот регионален подизведувач на рускиот свет.“ – изјави Пендаровски во своето последно интервју за Civil Media.

Можно решение – новинарски надзор на увезените вести и содржини
Во земјава не постои системски регулатор кој селектира дезинформации. Постојат медиуми и невладини кои ја проверуваат вистинитоста на дел од вестите кои станале вирални, но регулаторно тело, можеби составено од новинари, не постои.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги – АВМУ има ограничена надлежност:
„Агенцијата има надлежност да врши надзор само врз медиумски содржини кои се емитуваат на програмите на домашните радија и телевизии, а штом заврши процесот на регистрација на инфлуенсерите (кои согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ЗААВМУ се сметаат за – физички лица даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање) ваквата надлежност ќе се однесува и на нивните содржини. Секој програмски надзор врз медиумските содржини се спроведува според правилата кои се пропишани во ЗААВМУ и подетално разработени во поголем број подзаконски акти (правилници, упатства) како и врз основа на водичите што ги има изработено/усвоено Агенцијата. Притоа, воопшто не е важно од каде потекнува некоја медиумска содржина, со оглед на тоа што медиумите се независни во креирањето на уредувачката политика и она што е важно е почитувањето на законот и подзаконските акти.
Што се однесува до програмите кои се реемитуваат преку операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Агенцијата има ограничена надлежност.
Во 2022 и 2023 година, беше забрането реемитување на програмските сервиси на RT – Russia Today, Sputnik, Rossiya RTR / RTR Planeta, Rossiya 24 / Russia 24, TV Cenre International, NTV/NTV Mir, Rossiya 1, REN TV и Pervyi Kanal, но тоа беше направено со одлуки на Владата на РС Македонија за воведување рестриктивни мерки, и тогаш Агенцијата ги информираше сите оператори на јавни електронски комуникациски мрежи во РС Македонија дека се должни да ги почитуваат одлуките и веднаш да престанат со реемитување на овие програмски сервиси.“ – стои во одговорот на АВМУ до Канал 77.
Според Пивоваров целокупното странско присуство и мешање – од медиуми до организации, не е само новинарско, туку и сериозно безбедносно прашање:
„Добро е државата да има посебни оддели за вакви работи. Особено Агенцијата за разузнавање и АНБ, кога ќе има вакви дезинформации пред граѓаните да соопштуваат што е вистина во таа пласирана вест, што не е вистина. Доколку не преземаме ништо, се повеќе ќе се шири кругот на тие што ја примаат таквата вест и голем дел од нив би ја прифатиле како вистинита, иако не е. Ние имаме култура на примање на информации на многу ниско ниво. Зошто? Затоа што многу луѓе едноставно не ја проверуваат информацијата. Треба почесто и на националните телевизии и на други медиуми, на интернет на подкасти, да се зборува за оваа тема. Гледате колку малку се зборува на оваа тема, освен некое штуро соопштение од МВР кога се има и тоа за друг дел на информации кои предизвикуваат некое криминално дејание. На пример, овие измами телефонски што се случуваат – „Се случила сообраќајка, треба да плати толку пари“ и тоа е добро што МВР го прави превентивно, значи ги едуцира граѓаните како да се одбранат. Ние мора да имаме стратегија како да се браниме од таквите информации, доколку немаме стратегија, тие ќе продолжат и ќе се мултиплицираат се повеќе и повеќе и станувате веќе ранлива категорија на држава.“ – подвлекува тој.
Останува заклучокот дека ефикасното справување со странското мешање и манипулацијата со информации подразбира долгорочен и координиран пристап, кој вклучува институционална подготвеност, одговорно новинарство и зголемување на медиумската писменост кај граѓаните.
Во време на интензивни хибридни закани, ваквите предизвици не се исклучиво македонски, туку се реалност со која се соочуваат сите современи демократии, што ја прави потребата од системски и превентивни механизми уште понагласена, особено што „обичната“ дезинформираност на граѓаните носи со себе сериозни ризици и закани за демократијата, државата и општеството.
Мартин Каровски






