Ученик од Битола од закани на социјалните мрежи кон свои соученици до закани испишани на ливчиња во училиштето, предизвика паника во ОУ „Стив Наумов“. За случајот, според неофицијални информации на Тера телевизија, била известена полицијата, а на родителите им било посочено дека ученикот привремено нема да посетува настава со физичко присуство, туку ќе следи онлајн.
Според Тера, ливчиња на кои стои закана за сигурноста и безбедноста на учениците од 7мо-в одделение во ОУ „Стив Наумов“ предизвика вознемиреност кај учениците и нивните родители кои од училиштето веднаш побарале помош. Ова не бил прв случај седмоодделенците од ова училиште да се предмет на закани на истиот ученик. Непристојни коментари и закани биле адресирани до нив и преку социјалните мрежи и на случајни средби надвор од училиштето. Но, вчерашната реакција била посилна затоа што заканата по сигурноста на животот на учениците имала и конкретен датум.
Родители денес се јавиле во телевизијата и раскажале дека ученикот бил префрлен во училиштето уште во трето одделение и до шесто немало посериозни проблеми. Но, од минатата година видливо било отсуството на интегрирање на овој ученик. .
„Одржан е родителски состанок во училиштето по претставка на родители за случаи со наш ученик кој на социјалните мрежи упатувал закани по животот на учениците и по сопствениот. Ние како училиште ги презедовме апсолутно сите мерки кои ни стојат на располагање. Случајот е пријавен во МВР и до ЦСР“, изјавиле од училиштето.
Од училиштето за Тера велат дека досега не можеле да преземат никакви чекори затоа што заканите ученикот ги упатувал надвор од училиштето и на социјалните мрежи.
Директорот Никола Пискачев уверувал дека нема основа за ширење на вознемиреност, ниту, пак, ширење приказни кои водат до зголемуавње на вознемиреноста кај учениците и родителите.
-Во нашето училиште се створи една голема паника и загриженост од страна на родителите . Апсолутно нема потреба од никаква загриженост, случајот е скоро и решен, детето можеби ќе ја промени средината или ќе премине, доколку има можности , на он-лајн настава. Со тоа е гарантирана безбедноста не само на учениците туку и на сите кои работат во ова училиште. Упатувам апел до родителите да не шпекулираат и да ги проверуваат телефоните на своите деца, за да може и тие и ние да реагираме. Уште еднаш одговорно како директор тврдам дека во овој момент не постојат никакви закани за учениците и вработените, изјавил Пискачев за Тера.
Сепак, инцидентот се случува во време кога јавноста, особено битолската јавност очекува официјален одговор од институциите од правосудството за случајот во кој заменски училишен психолог беше осомничен и притворен од битолската полиција под сомнение за учество во мрежа која произведува и дисрибуира детска порнографија што беше откриен со меѓународна истрага.







