ФБИ и МВР влегоа во Голема Речица- Уапсени двајца сајбер криминалци, онлајн пазар од пола милион долари

Фото: МВР

Претрес во тетовска Голема Речица, лишени од слобода две лица-администратори на нелегален онлајн пазар, одземени компјутери и телефони.

-Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи, постапувајќи по првично добиени информации од ФБИ, спроведе заедничка координирана истрага поврзана со нелегален онлајн пазар познат како „OLVX“. Според обезбедените сознанија, онлајн пазарот бил активен од јули 2023 година и функционирал преку повеќе интернет домени и содржел детална база на компромитирани лични податоци за регистрација на сметки на клиенти и продавачи, при што биле евидентирани над 2.600 кориснички сметки и над 1.500 сметки на продавачи. Вкупната продажна вредност на артиклите надминува 500.000 американски долари, информираат од МВР и додаваат:

-Во рамки на постапката, а врз основа на судска наредба издадена од Основен суд Тетово, извршен е претрес на територија на Општина Тетово, с. Голема Речица кај осомничените А.Е. (20) и А.И. (23), македонски државјани, за кои постојат основани сомненија дека се администратори на наведениот онлајн пазар. За време на извршување на претресот тие се затекнати на лице место во вршење на кривично дело за кое се сомничат и при тоа се одземени десктоп компјутери, лаптоп компјутери и телефони кои ќе бидат предмет на понатамошна форензичка анализа и ќе послужат како доказ во кривичната постапка, а лицата се лишени од слобода, се вели во информацијата од МВР.

Секторот за компјутерски криминал продолжува со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на случајот, во насока на идентификација на сите инволвирани лица и обезбедување на релевантни докази, согласно важечките законски прописи.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ