Додека обвинителот Борче Јанев го водеше изведувањето на воведните зборови на Обвинителството, во судницата во КПУ Идризово, за време на првото рочиште од судењето за пожарот во дискотеката Пулс, дел од членовите на семејствата на загинатите кои беа присутни како јавност во судницата, плачеа додека го слушаа описот на настанот и серијата причини и постапки кои довеле до него.
Кога заврши излагањето на обвинителството присутните семејства во судницата му дадоа аплауз на обраќањето на обвинителот Јанев.
„Катастрофата во Кочани не настана од дејствија или пропусти на една човечка рака. Не настана само како последица на активацијата на пиротехниката таа кобна ноќ, на 16 март 2025 година. Од навидум обичен сценски ефект, кога искрите од пиротехниката донесоа невиднина. Снимките кои нѐ потресоа сите и го обиколија светот се само завршниот и фатален чин на ова интитуционално, невидливо а реално, многу присутно зло, кое исплива на виделина таа вечер. Во Кочани не изгоре само објектот, со него изгоре и илузиијата дека одговорните во системот се тука кога трреба да заштитат. Изгоре и вербата дека оној што бил повикан постапил навреме да спречи. Затоа изгоре за жал и иднината на невини млади луѓе кои сакале само радост и забава таа фатална вечер. Нивните животи згаснаа, а душите и телата на повредените настрадаа, не само поради огнениот вител, туку и поради вителот на долготрајна и институционална неодговорност“, рече тој.
Следното рочиште од судењето за катастрофата во Пулс ќе се случи во вторник на 25 ноември.




