Милиони документи поврзани со покојниот сексуален престапник Џефри Епстајн укажуваат на постоење на глобална криминална мрежа што би можела да претставува злосторства против човештвото, предупредија специјалните известувачи на Обединетите нации за човекови права.
Како што објави Ројтерс, експертите наведуваат дека делата опишани во документите објавени од Министерството за правда на САД се извршени во рамките на супремацистички верувања, расизам, корупција и екстремна мизогинија. Според нив, овие злосторства сведочат за комодификација и дехуманизација на жените и девојчињата.
„Обемот, природата, систематичноста и транснационалниот дострел на овие злосторства против жените и девојчињата се толку сериозни што некои од нив би можеле да се сметаат дека ги исполнуваат законските критериуми за злосторства против човештвото“, се вели во соопштението.
Досега, повеќе од 1.200 жртви се идентификувани во објавените документи. Експертите на ОН истакнуваат дека обвинувањата бараат независна, темелна и непристрасна истрага, како и детално испитување на тоа како е можно ваквите злосторства да се случиле во подолг временски период. Министерството за правда на САД сè уште не ги коментирало овие обвинувања, пренесува сд.рс.







